Мисијата НСАТУ не предвидува борбени дејствија на НАТО во Украина

Фото: nato.int

Објава на Фејсбук шири паника, порачувајќи им на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија да се пакуваат за на фронт, затоа што „изгледа“ дека НАТО ќе се вклучи во војната во Украина. Тоа објавата го поткрепува со изјава на хрватскиот претседател, во која тој ја критикува мисијата НСАТУ, тврдејќи дека со неа НАТО сe вклучува во војната, што не е точно

Објава на Фејсбук шири паника, порачувајќи им на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија да се пакуваат за на фронт, затоа што „изгледа“ дека НАТО ќе се вклучи во војната во Украина. Тоа објавата го поткрепува со изјава на хрватскиот претседател, во која тој ја критикува мисијата НСАТУ, тврдејќи дека со неа НАТО сe вклучува во војната, што не е точно

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Северџани од АРСМ пакујте куферот и левата чизма ….Идете во Наци – Украина изгледа ( овде немакој да се побуни да не идете )

Од една страна, објавата вели дека има изгледи НАТО да се вклучи во војната во Украина, но од друга страна, објавата им порачува на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија да се пакуваат за на фронт, небаре НАТО дефинитивно тргнува во јуриш.

Објавата е илустрирана со скриншот од агрегаторот за вести Time.mk, поточно од вест на сајтот Нетпрес дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја критикувал мисијата НСАТУ, сметајќи дека таа претставува вклучување на НАТО во војната во Украина.

Милановиќ навистина има дадено таква изјава, но не е точно дека таа мисија значи вклучување на НАТО во војната. Таа мисија е објаснета на сајтот на алијансата, при што се вели следново.

Во јули годинава е формирана НАТО команда за Безбедносна помош и обука за Украина (англ. NATO Security Assistance and Training for Ukraine, накусо: NSATU) со седиште во Визбаден, Германија и со логистички центри во источното крило на алијансата, најверојатно во земјите близу Украина, кои се НАТО-членки или одбрани партнери.

Мисијата ќе има околу 700 припадници и ќе се бави со: поддршка за развој на украинските вооружени сили и нивна обука во сојузничките земји, планирање и координација на донации со сојузниците и партнерите, како и трансфер на опрема и поправка на истата.

Притоа се нагласува дека ова не го прави НАТО-пактот страна во конфликтот. Значи, НАТО не тргнува во јуриш, особено не со само 700 припадници. Тука требаше да има и двајца хрватски офицери, што, исто така, не е импресивна бројка, но Милановиќ на тоа секако се спротивстави, при што предупреди на можните опасности со зборовите (преведено од хрватски):

На територијата на Украина ќе има присуство на персоналот на НАТО.

На што се заснова ова тврдење и за каков точно персонал се работи (борци, инструктори или др.) – Милановиќ не прецизира. Тоа е само негово мислење и тоа не е општоприфатено низ Хрватска, а тој е мета на критики од нејзиниот премиер Андреј Пленковиќ, кој вели:

Мора да си дебил, па да напишеш во некој медиум или портал дека хрватски војници се праќаат во Украина, доколку станува збор за мисија за поддршка, за која во актот на владата и во актот на самиот НАТО се вели дека се одвива на територијата на НАТО. Ниту Украина е членка на НАТО, ниту Визбаден е во Украина

Тука гледаме кавги и контроверзии, но не и сериозни индиции дека НАТО тргнува во јуриш. Слични изјави Милановиќ давал и порано, а невистини од типот дека „НАТО се бори во Украина“ слушаме веќе 2,5 години (од почетокот на сеопфатната руска инвазија) или 10,5 години (ако сметаме од инвазијата врз Крим и почетокот на Донбаската војна).

Вистиномер повеќепати пишувал дека НАТО не учествува во војната во Украина, а ако алијансата тоа го стори, тешко дека таква вест би ни одбегнала и дека за тоа би дознале само од некоја аматерска објава на Фејсбук.

Објавата ја шири и невистината дека Украина е „нацистичка држава“. Иронично, нејзиниот претседател Володимир Зеленски има еврејско потекло, а со закон донесен на 9.4.2015 г., таа ја забрани нацистичката идеологија. Како и секаде, понекои нејзини следбеници има и во Украина, но тие се маргинални. Иронично е и тоа што против Украина војуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.

Што се однесува до тврдењето дека никој не би се бунел ако наши војници бидат испратени во Украина, тоа е дискутабилно. Уште пред сеопфатната руска инвазија врз Украина и пред воопшто да стане збор за евентуална интервенција на НАТО, на 20.1.2022 г. беше одржан протест пред украинската амбасада во Скопје, на кој беше речено:

Македонскиот народ нема да ги праќа своите синови да војуваат за интересите на САД и НАТО во Украина.

Што е за право, тој протест беше малку нејасен (САД, НАТО и Украина не ја нападнаа Русија, ниту некој бараше наши војници да војуваат против неа), а тој беше и минорен, што покажа дека таа проруска опција кај нас нема толкава поддршка, но ете, некој сепак протестирал, а демократијата и тоа го овозможи.

На крај заклучуваме дека во скриншотот во објавата има вистина, но не и во остатокот од неа, па оценуваме дека објавата е делумно невистинита.

 

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција