Мицкоски ем е за реформи, ем за 35 илјади амандмани

Христијан Мицкоски. Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ

Изјавите на лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, околу натамошната процедура за усвојување на Законот за јазиците се недоследни од неколку причини. Правата и основната е што ВМРО- ДПМНЕ како партија со најголема пратеничка група/групи во Собранието на Република Македонија има право, но имаше и можност да учествува во процедурата на законот за кој смета дека е неуставен и дискриминирачки и дека им штети на граѓаните на РМ

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски даде изјави во врска со Законот за јазиците што е вратен во Собранието на РМ, кои ги оценуваме како недоследни:

…Нашиот став е прилично јасен, дециден, концизен и нуди решение за излез од оваа ситуација. Како држава и како Влада, бидејќи се декларираат дека се реформска, треба да им дадат приоритет на реформите. Тоа е она што треба да не води во иднина. Тоа е она што во оваа држава треба да се развива. Но, еве и покрај сето тоа ние нудиме решение за излез од оваа наметната криза. Ајде да се фокусираме на реформите, она што не води напред, нуди поквалитетен живот за граѓаните. Тоа треба да биде приоритет на сите политичари во оваа држава, затоа што ќе ни се случуваат повторно вакви фаули во секој сегмент како што впрочем ни е секојдневие во оваа држава…Апсолутно ние имаме поднесено согласно процедурите амандмани, тие амандмани се влезени во собраниска процедура, очекуваме почитување на деловникот за работа на Собранието, очекуваме почитување на законите, очекуваме почитување на Уставот. Како партија се залагаме исклучиво за почитување на правото и ништо поинаку нема да прифатиме.

[Извор: Веб страна на ВМРО ДПМНЕ – Интегрален текст…, датум: 08.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавите на лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, околу натамошната процедура за усвојување на Законот за јазиците се недоследни од неколку причини.

Првата и основната е што ВМРО- ДПМНЕ како партија со најголема пратеничка група/групи во Собранието на Република Македонија има право, но имаше и можност да учествува во процедурата на законот за кој смета дека е неуставен и дискриминирачки и дека им штети на граѓаните на РМ.

Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ во тие моменти не учествува во сите процедурални постапки, освен во првото читање кога уште во септември 2017 година започна расправата за потребата од носење на тој закон. Второто читање или амандманската расправа во две собраниски комисии не беа до крај испочитувани од партијата, без оглед на контроверзноста на самите расправи и водењето на седниците посебно од страна на пратеникот Артан Груби, зашто ВМРО-ДПМНЕ и заради конгресот на партијата и заради солидарност со притворените пратеници решија да не учествуват, иако имаа подготвено 84 амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, не беа присутни во собраниската сала на 11.01.2018 кога тој беше поставен на трето читање и кога се усвојуваше во Собранието. Тие го бојкотираа Собранието поради притворањето на нивни пратеници осомничени за учество во тешки кривични дела што беа извршени на 27 април 2017 година, а и претходно се изјаснија дека Законот за нив е неприфатлив.

После ваков развој на настаните, Претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, не го потпиша законот со образложение дека е неуставен и тој беше вратен во Собранието. Владата се изјасни дека го подржува истиот закон и според толкувањето на Уставот и Деловникот, Законот за јазици е повторно во фаза на трето читање.

Без оглед на различното толкување на ставовите од Член 164 од Деловникот, дали има или нема право да се поднесуваат амандмани, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани и факт е дека не бега од оценката дека тоа го прави намерно за да изврши блокада за донесување на законот (иако Мицкоски тоа го негира, висок функционер на партијата тоа го призна во една неодамнешна дебатна емисија). Ако се оди на амандманска расправа, проценките се дека таа би траела најмалку пет до шест месеци и Собранието би било закочено за други закони од кои многу се клучни за спроведување на барањата на ЕУ за реформи.

И тука е втората недоследност во изјавата на Мицкоски. Ако биле СДСМ и ДУИ за реформи, а ВМРО-ДПМНЕ биле секогаш за реформи и за подобар живот на граѓаните, имало решение – или ќе се правел нов закон или ВМРО-ДПМНЕ ќе си опстои на намерата да се расправа за секој амандман, вели прарафразирано Мицкоски.

Конечно, третата недоследност на изјавата на Мицкоски е во малата предисторија околу овој закон. Јавноста секако памети за целата „драма“ околу т.н. Тиранска платформа, па подготовките на законот, па усогласувањата, па чекањето на ВМРО-ДПМНЕ дали ДУИ ќе се реши повторно да коалицира со нив и да направат парламентарно мнозинство, итн.

Неколку пати беа повторени, а малку пати и неуверливо беа демантирани изјавите од повеќе политичари или јавни личности дека ВМРО-ДПМНЕ во последните денови од јануари 2017 година го прифатила Законот за јазиците како понуда и услов од ДУИ. И тоа во форма и текст со такви решенија, за кои вчера Насер Зибери изјави дека биле дури и порадикални од сегашното законско решение. Тогаш во тие моменти Никола Груевски беше претседател, Христијан Мицкоски беше висок партиски функционер, а некој месец подоцна и генерален секретар на партијата. Од таа функција тој сигурно го дознал овој детал.

Не е спорно дека партијата и новото раководство имаат право да се премислат. Исто така, не е спорно дека околу овој закон и при неговото донесување имаше недоследности од сите страни, а најспорно беше дали е потребно европско знаменце за неговото донесување со што се скрати потребното време за расправа во комисиите и зошто некои одредби или целиот закон не беше претходно даден на проценка во Венецијанската комисија.

Но, сепак, имајќи ја предвид веќе фактичката ситуација и имајќи ја предвид целата предисторија околу овој закон, цениме дека изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека како партија нудат решение за кризата, кое во суштина е од типот „или-или“, а дека истовремено искрено и силно се залагаат за реформи во државата, е само една изјава во која препознаваме и оценуваме недоследност.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција