Намалени само судските такси за нотарски и извршителски постапки

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе ги намалиме судските такси, бидејќи високите судски такси ја прават правдата недостапна за граѓаните. Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување .

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, „Пристап до правдата“, стр.31 и 232 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ пред парламентарните избори во 2016 година вети дека ќе ги намали судските такси. Покрај тоа вeти и дека во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување. Двете ветувања се споменати во Планот за живот во Македонија во делот „Пристап до правда“ на две места, на стр. 31 и 232 во делот кој треба да се реализира за шест месеци. Ветувањето го презеде и Владата во својата програма за работа 2017-2020 на стр. 22.

Проверката на ветувањата покажува дека Владата делумно ги оствари овие ветувања. Во однос на намалувањето на судските такси може да се констатира дека Владата изминатиот период од мандатот се фокусирала на ослободување на најсиромашните граѓаните од судски такси во нотарски постапки и постапките пред извршителите, односно за намалувања на трошоците за граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци. Во другите случаи сѐ уште се анализира какви финансиски импликации би имало намалувањето на судските такси.

Ова го соопшти и премиерот Зоран Заев на прес-конференција ( 25 септември 2018 година). на која заедно со министерката за правда Рената Дескоска ги претставија измените на Законот за нотаријат и Законот за извршување.

Главна цел на измените на законите е намалување на трошоците во постапките пред нотари и извршители и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги плаќаат сметките за комуналните трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити до 1.000 евра. Намалување на трошоците за граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци ќе има и во постапките пред нотарите и во постапките пред извршителите, рече премиерот Заев.

Тој информира дека во постапките пред извршител дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни.

„Некои ставки се намалени до 50 проценти, а некои и до 90 отсто“, рече Заев и посочи дека во претстојниот период ќе работат и на законот за бришење на долгови.

Тоа е направено со измените и дополнувањата на Закон за нотаријат и Законот за извршителите од 20 12.2018 година . Во Законот за нотаријат во членовите 75 и 77. Во членот 75 се додава нов став (2) :

Нотарот не наплаќа судска такса за издавање на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.

Обврска за плаќање на судска такса, пак, е регулирана со член 77 од истиот закон.

Во постапката пред нотар за издавање на решение за нотарски платен налог со исклучок на случаите предвидени со член 68 став (3) (за предлог, решение и приговор) се плаќа судска такса согласно Законот за судските такси, намалена според Законот за нотаријатот.

Со измените пак на Законот за извршители се намалени и таксите кои ги наплаќаат извршителите (20 .12.2018) каде што се менуваат членовите 253 и 255.

Во членот 253 став (1) зборовите: „1.000 до 1.500“ се заменуваат со зборовите: „500 до 750.“
Во ставот (2) зборовите: „500 до 1.000“ се заменуваат со зборовите: „250 до 500“, а бројот „(11)“ се заменува со бројот „(9)“.

Во членот 255 став (1) бројот „3.000“ се заменува со зборовите: „750 до 1.500“, стои во измените.

Судските такси, инаку се регулирани со Законот за судските такси. Во овој закон (според проверката која ја направивме) нема направено измени од 2014 година. Пред тоа Законот кој е донесен во 2009 година е менуван во 2011. и 2013 година.

Од Министерството за правда за „Вистиномер“ изјавија дека во однос на намалувањето на останатите судски такси се анализира какви ќе бидат финансиските импликации.

Во моментот е сѐ уште рано за да споделиме конкретни политики по однос на ова прашање. Министерството за правда прави анализи заради тоа што станува збор за решенија кои носат финансиски импликации, велат од Министерството за правда.

Во Законот за судски такси се регулира и вториот дел од ветувањето на СДСМ дека во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување. И тука нема некои измени на членовите кои се однесуваат на ова прашање, а тоа се членовите 3,4 и 10

Член 3

(1) Таксите пропишани со овој закон е должно да ги плати лицето по чиј предлог се поведува постапката или во чиј интерес се преземаат дејствијата во постапката (во натамошниот текст: таксен обврзник).
Член 4
(1) Таксата се плаќа кога ќе настане таксената обврска.
(2) Ако со овој закон поинаку не е определено таксената обврска настанува:
1) за поднесоците – кога се предаваат, а за поднесоците предадени на записник – кога записникот е завршен;
2) за судските одлуки – кога на странката или на нејзиниот застапник ќе му се врачи препис на одлуката;
3) за судските порамнувања – кога ќе се склучат;
4) во постапката за расправање на оставина – кога предлогот странката го предава во суд;
5) во стечајна постапка – кога се поднесува предлогот за поведување на постапка и за одлуката за главна делба;
6) за судските преписи – кога ќе се побараат;
7) за препис на нотарски и други списи кои ги чува судот- кога ќе се побараат и
8) за другите дејствија – кога ќе се побара нивно преземање.

Нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, ако со овој или друг закон поинаку не е определено.

Член 10
(1) Од плаќање на такса се ослободени Република Македонија, државните органи, организацијата на Црвениот крст, како и странски држави, странски државјани и меѓународни организации, ако тоа е предвидено со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија или под услов на реципроцитет.
(2) Во случај на сомнение за постоење на реципроцитет, мислење дава Министерството за правда.
(3) Таксата не се плаќа и во случаите определени со друг закон.

Според горенаведеното може да се заклучи дека  по 2,5 години од доаѓањето на власт, Владата на СДСМ ги намали само судските такси во нотарските и извршителските постапки, а не го реализира ветувањето дека во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување. Имајќи го сето ова предвид, според методологијата на „Вистиномер“ ветувањето добива оценка делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција