Не е формирана агенција за книги

Фото: pixabay.com

Ќе формираме Агенција за книга по примерот на европските искуства за промоција на македонската книжевност во светот.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 228 , датум: декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци од мандатот „ќе формира агенција за книга за промоција на македонската книжевност во светот,  досега (14.08.2018)“,  не  е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,  во делот култура“  ( стр. 228).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), основањето на агенција за книга требаше да биде направено најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови тоа не се случи.

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст  не е формирана  агенција за книга. Ваква агенција не се споменува во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) , освен што  на стр.55  е наведено воопштено – пошироко ветување дека „Владата ќе обезбеди посебен фонд за промоција на нашата уметност и култура во странство и за суштинска регионална и меѓународна соработка…“ Оваа агенција не се споменува ниту во   отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат, презентиран на 30.05.2018 година. А, таква информација не може да се добие ни со детална проверка на интернет преку Гугл и македонските агрегатори на вести.

Со пребарување може да се најдат само малку вести на оваа тема, како што е  на пример, онаа од октомври минатата година (2017) во која се вели дека на Саемот на книгата во Франкфурт тогашниот  министер за култура, Роберт Алаѓозовски,   се заложил за формирање на агенција за книга. Говорејќи на дебатата на тема „Преку границите: предизвиците за меѓународна промоција на литературата на ‘малите јазици’, во организација на Македонската асоцијација на издавачи, Алаѓозовски, меѓу другото, кажал:

Потребна е стратегија, потребно е да се направи агенција за книга, која треба брзо да биде ставена во функција. Треба да ги обединиме сите искуства, и на издавачите кои нè претставуваа до сега на претходните саеми, и во заеднички спроведена акција со цел подобро да се промовираме надвор.

На трети мај оваа година (2018) Собранието ја усвои Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година, а на 08.05.2018 г. таа  е објавена во „Службен весник на РМ“ ( бр.81). Во овој стратешки документ за развој на културата, на стр.64 во делот „Издавачка дејност“, меѓу главните приоритети е наведено и :

Основање на агенција за книга на Република Македонија, која ќе ги спроведува стратегиите за издаваштвото во Република Македонија во насока на поттикнување на создавањето, но и пласманот на книгите во државата и надвор од неа, ќе ги обединува сите информации поврзани со книгата и издаваштвото и ќе ги афирмира книгата и читателската култура во Република Македонија.

За потребата да се формира агенција за книги говори и  претседателот на Комисијата задолжена за разгледување на пристигнатите пријави по  Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, Ненад Стевовиќ, во напис објавен на крајот на мај (2018) на  порталот civilmedia.mk . Во текстот со наслов „Македонската литература тешко се пробива на големиот книжевен пазар,“ Стевовиќ, меѓу другото,  вели дека

Потребно е да се формира Агенција за книга за што, како што е најавено, има намера Министерството за култура, за македонската литература да биде повидлива и попрофесионално претставена, која ќе има своја веб-страница со сите актуелности, со адресар на македонска литература итн., секако и на англиски јазик. Пример може да биде Словенечката агенција за книги ЈАК , изјави Стевовиќ.

Сепак, освен споменатите заложби нема понови информации за тоа дали се во тек некакви кон кретни активности за основање на ваква агенција.

Според тоа што може да се види на веб-страницата на Владата , меѓу „Самостојните органи на Владата“ нема и агенција за книга, а вакво тело  нема ниту на веб-страницата на Министерството за култура.

Па,  имајќи ја предвид направената проверка, како и фактот дека според плановите на  социјалдемократите,  споменатата агенција за презентација на македонската книжевност требаше да биде формирана најдоцна до крајот на ноември 2017 година,  ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција