Не е изграден спортски аеродром во Калишта-Струга
Ќе пристапиме кон изработка на детална урбанистичка планска документација, а локацијата ќе биде понудена на заинтересиран приватен партнер кој би го изградил спортскиот аеродром. Со овој проект ќе се активира спортското воздухопловство и ќе бидат значително збогатени туристичките содржини во целиот регион со падобранство, едриличарство и летање со мали спортски авиони. Реализацијата на проектот ќе овозможи организирање на балкански и европски натпревари од областа на спортското воздухопловство. (Буџет: 600.000 денари, Рок: 2014-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Проектот „Спортски аеродром Калишта – Струга”, за првпат е најавен во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за период 2014-2018 година. Ова ветување, иако е планирано да биде завршено до крајот на 2015 година, досега не е исполнето.
Калишта е село на брегот на Охридското езеро, 4 километри јужно од Струга кое поради природните убавини и огромното историско значење претставува значајно туристичко средиште. Развој на туристичка зона во ова место се најавува уште во 2013 година. Тогашниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески најави дека е планирано странски инвеститор да инвестира во изградба на хотели и промовирање на Струга како поволна туристичка дестинација, при што развојна туристичка зона е планирана и во селото Калишта.
Во февруари, 2015 година медиумите информираат дека е изработена студија за финансиска оправданост за изградба на туристичка развојна зона кај струшкото село Калишта, но не се споменува и спортскиот аеродром Калишта.
Новата туристичка зона ќе биде лоцирана во близина на манастрискиот комплекс и ќе се простира на површина од 14 хектари. Предвидено е да се градат хотели, 90 апартмани, 30 вили, плажа и спортски терени. Според најавите, имало повеќе опции за инвестирање во нив: прватен инвеститор, јавно-приватно партнерство, јавна инвестиција, концесија или модел на менаџирање.
Електронското пребарување, не дава резултати дека е во тек или изработена детална урбанистичка планска документација за спортскиот аеродром во Калишта. Во програмата за работа на Министерство за транспорт и врски за 2015 година, наведено е дека во 2015 година ќе започне подготовка на изработка на детална урбанистичка планска документација за изградба на спортски аеродром во Калишта. Министерството нема објавено програма за 2016 година каде би можело да се проследи текот на имплементација на овој проект. Понатаму, во отчетот за сработеното на Министерство за транспорт и врски за 2015 година, овој проект не се споменува.
Во јануари 2016 година, во медиумите имаше информација за континуирано запоставување на проектите во Струга во споредба со Охрид.
Политиката на владата е таква што Струга е оставена и запоставена. Има неколку проекти кои треба да се реализираат во Струга, на пример базенот, мостот, неколку патишта што треба дефинитвно да се асфалтираат…Од СДСМ велат дека Струга со буџетот за 2016 година била заборавена од страна на власта и оти не биле прифатени нивните предлози за доградба на болницата и за реконструкција на затворениот пливачки базен. За спортскиот аеродром во селото Калишта кој бил најавен дека ќе се изгради уште во 2014 немало пари ниту оваа година. Од општина Струга велат дека продолжува праксата на владата да ја заобиколува и институционално да ја деградира Струга.
Имајки ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ “Спортски аеродром Калишта – Струга” е неисполнето.
ЛИНКОВИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) (Останати проекти за развој на туризмот, стр. 150) [Пристапено: 01.03.2016]
- Мета.мк (10.02.2015): Туристичка развојна зона кај Калишта [Пристапено: 01.03.2016]
- Алсат (12.01.2016): Илјази: ДУИ да реагира кај ВМРО-ДПМНЕ за Струга [Пристапено: 01.03.2016]
- Ohridnews (10.02.2015): Туристичка развојна зона ќе никне во струшко Калишта [Пристапено: 01.03.2016]
- Daily.mk(16.10.2013): Во Калишта ќе никне туристичка развојна зона [Пристапено: 01.03.2016]
- Mинистерство за транспорт и врски (03.11.2015): Програма за 2015 година [Пристапено на: 01.03.2016]
- Mинистерство за транспорт и врски (03.11.2015): Отчет на Министерство за транспорт и врски за 2015 година [Пристапено на: 01.03.2016]
- Програма за промоција и поддршка на туризам за 2015 година (23.12.2015) [Пристапено на: 01.03.2016]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар