Не е точна изјавата на Глен Бек дека САД побарале од македонските власти да не примаат бегалци од Авганистан

Глен Бек. Фото: Gage Skidmore/Flickr

Тврдењето на коментаторот и водител од САД, Гле Бек, дека Стејт Депратментот на САД „и кажал на Македонија да прекине со примањето бегалци од Авганистан“ е недвосмислено демантирано од страна на властите во земјава. Подготовките за приемот и политиката според која бегалците ќе бидат примени во земјава не е сменета и првите бегалци се очекуваат набрзо

 

Тврдењето на коментаторот и водител од САД, Глен Бек, дека Стејт Депратментот на САД „и кажал на Македонија да прекине со примањето бегалци од Авганистан“ е недвосмислено демантирано од страна на властите во земјава. Подготовките за приемот продолжуваат, а политиката според која бегалците ќе бидат примени во земјава не е сменета и тие се очекуваат набрзо

 

 

Конзервативниот американски коментатор, радио и ТВ водител, како и сопственик на интернет радио и ТВ мрежата Д Блејз (The Blaze), Глен Бек, пренесе исечок на Твитер од синоќешниот разговор со републиканскиот сенатар Том Котон од сојузната држава Акранзас.

Во самиот твит Бек вели дека чул за извештаи оти Стејт Депратментот на САД „и кажал на Македонија да прекине со приемот на бегалци од Авганистан“, додавајќи и дека сентарот Котон, исто така, слушнал ва вакви извештаи.

Во видео исечокот сенаторот Котон потврдува дека навистина слушна за вакви „конкретни извештаи“, а Бек, пак, вели дека во текот на вчерашниот ден тој самиот барал локација која би можела да прими бегалци од Аганистан „само да ги задржи“, како и дека „една од тие локации била Македонија“, но „амбасадорот (на САД се јавил некому во земјава – н.з.) или амбасадорот на Македонија добил повик од Стејт Департментот и му било речено да не се примаат овие луѓе.“

(Извор: Твитер, датум: 26.08.2021)

„Вистиномер“ се јави во Владата на Северна Македонија со барање за дополнителни информации, прашувајќи, пред сè, дали до нив навистина стигнало вакво барање од надлежните од САД, при што ни беше речено дека наводите во видеото се невистинити:

Тоа не е точно. Владата веќе има одобрено прифаќање на 780 граѓани од Авганистан со цел спасување на нивните животи. Целокупната хуманитарна мисија од страна на Владата се реализира во целосна координација со САД.”

Сличен одговор добивме и од Министерството за надворешни работи.

Наспроти тврдењето на Бек, премиерот Зоран Заев, истиот ден (26.08.2021), најверојатно само неколку часа претходно, ја повтори заложбата Македонија да прими беглаци од Авганистан:

Еден човек да спасиме, мислам дека го спасуваме светот. Даваме солидарна помош, ние се јавивме и ние се понудивме заедно со нашите стратешки партнери како земја согласно нашите можности и капацитети, солидарно да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредности со демократскиот свет во делот на прифаќањето луѓе од Авганистан кои се под закана за губење на своите животи, рече Заев пред новинарите.

Глен Бек во текот на својата копментаторска радио и ТВ кариера, во текот на годините промовираше серија теории на заговор за претседателот Барак Обама и за Џорџ Сорос, меѓу останатите.

Тој изјави оти Обама градел концентрациони логори преку американската агенција за управување со кризи (ФЕМА), во кои би требало да бидат сместени неговите политички опоненти, лажно тврдеше дека Џон Холдрен, кој беше директор на Бирото за наука и технологија во администрацијата на Обама „предложил присилни абортуси и ставање средства за стерилизација во водата за пиење за да се контролира популацијата“ и слично. Покрај тоа, Бек беше и еден од многуте поропоненти на теории на заговор против Џорџ Сорос. Тој лажно тврдеше дека како момче Сорос помагал „Евреите да бидат испратени во камповите на смртта“ и постојано ја повторуваше недокажаната конспирациска теорија дека Сорос ја предизвикал Азиската финансика криза во 1997 година, изјави заради кои потоа требаше да се извинува, иако таквите извинувања беа прифатени со резерва во многу кругови.

Првите бегалци од Авганистан веќе пристигнаа во Тирана и наскоро се очекува нивното пристигнување и во С. Македонија. Во јавноста се говори и за трошоците кои ќе треба да се платат за приемот на беглаците, при што сумата која се спомнува е минорна. Во секој случај, нема никаква назнака на јавната сцена за било какво откажување од приемот на бегалците, а познат е и нивниот профил, при што премиерот Заев рече дека меѓу нив ќе има „миротворци и активисти за човекови права, жени, деца, луѓе кои влијаеле на демократијата и биле асистенти и на нашата армија.“

Со оглед на сето ова, тврдењето на коментаторот и радио и ТВ водител од САД, Глен Бек, објавено на неговата медиумска мрежа „Д Блејз“ го сметаме за невистинито.

 

Оцени: В. Петрески

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредкот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција