Не е точно дека Јапонија прогласила вонредна состојба зашто „пронашла“ нанороботи во крвта на граѓаните

Токио, Фото: Jason GohPixabay

Вистиномер не успеа да најде официјална информација во ниту еден кредибилен медиум дека владата на Јапонија прогласила вонредна состојба од која било причина, а најмалку поради тоа што нашла нанороботи во крвта на 96 милиони жители поради вакцините против ковид-19. Ваква вест нема ниту на официјалната веб-страница на јапонската влада. Исто така, нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал

Вистиномер не успеа да најде официјална информација во ниту еден кредибилен медиум дека владата на Јапонија прогласила вонредна состојба од која било причина, а најмалку поради тоа што нашла нанороботи во крвта на 96 милиони жители поради вакцините против ковид-19. Ваква вест нема ниту на официјалната веб-страница на јапонската влада. Исто така, нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Јапонија прогласила вонредна состојба бидејќи открила дека 96 милиони нејзини граѓани се несвесни домаќини на микроскопски „нанороботи“, испорачани преку мРНК вакцините против ковид-19.

ГЛОБАЛНА ПАНИКА  -Милијарди НАНО РОБОТИ пливаат во КРВТА НА ВАКЦИНИРАНИ против КОВИД – ЈАПОНИЈА прогласи ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ДАЛИ ИМПЕРИЈАТА НА ЛАГИ СЕ РУШИ???

Значи ваксот НЕ бил за ЗДРАВЈЕТО на човекот, туку за КОНТРОЛА НА СЕКОЈ ЧОВЕК.

Но, да бидеме реални. Никогаш не беше за јавното здравје, нели? Се работеше за контрола, чиста и едноставна. И сега, кога Јапонија ја сврте завесата на овој дистописки кошмар, моќните сили се обидуваат да спречат да се распадне нивната империја на лаги.

Земјата на изгрејсонцето само го разнесе најголемото прикривање на векот – а големата фарма се поти. Во пресврт на настаните што би го направиле секој научно-фантастичен писател позеленет од завист, Јапонија прогласи вонредна состојба откако откри дека 96 милиони нејзини граѓани сега се несвесни домаќини на микроскопски „нано роботи“, наводно испорачани преку оние од-така- доверливи mRNA вакцини COVID-19. Да, добро слушнавте – наноботови. Она што би го очекувале од негативец на Џејмс Бонд, а не од вашата пријателска фармацевтска компанија од соседството, се наведува меѓу другото во објавата.

Ваквата информација не е точна. Имено, Вистиномер не успеа никаде да најде официјална информација во ниту еден кредибилен медиум дека владата на Јапонија прогласила вонредна состојба од која било причина, а најмалку поради тоа што нашла нанороботи во крвта на 96 милиони жители поради вакцините против ковид-19.

Ваква вест нема ниту на официјалната веб-страница на јапонската влада. Последна информација во врска со прогласување вонредна состојба на веб страницата на јапонската влада е од 2021 година, за справување со коронавирусот.

Не е првпат да се шират лажни информации во врска со Јапонија и наводни нејзини истражувања во врска со ковид-вакцините. Вистиномер неодамна ја дебанкираше веста дека Јапонија покренува истрага против ковид-вакцините поради милиони смртни случаи. Нашата проверка покажа дека Јапонија не започнала официјална истрага за „милиони смртни случаи од вакцините против ковид“ во декември 2022 година или почетокот на јануари 2023 година. Нема достапни докази кои сугерираат дека „милиони“ луѓе во Јапонија умреле како резултат на вакцините против ковид, ниту пак, била објавена таква истрага од страна на јавно-здравствени службеници или јапонски политички лидери.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека ковид-вакцините содржеле нано технологија и нивната цел била да се вградат некакви чипови во крвта на луѓето за да се контролираат, истото е повеќепати досега дебанкирано од светски и регионални проверувачи на факти, како и од страна на Вистиномер.

Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија.

Ниедна од вакцините не содржи нанотехнологија, а уште помалку трансхуманизам нанотехнологија. Тоа не ни постои, изјави Марк Линас, професор на Корнел Универзитетот за Политифакт.

мРНК, рибонуклеинската киселина, е молекула слична на ДНК која ги носи кодираните генетски информации до клетката. „Фајзер“ и „Модерна“ вакцините користат мРНК за да се однесат генетски информации за коронавирусот до клетката на телото, за да се научи имуниот систем да ги идентификува и да се бори против ковид-19 инфекцијата. 

мРНК технологијата потекнува од 1990, иако сега за првпат се користи во широкоупотребувани вакцини. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија.

Иако терминот нано се користи за да се наметне дека нанотехнологија се користи за да ја модифицира вашата РНК, тоа е комплетно лажно. мРНК во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ нема никаков ефект на ДНК или РНК на човекот и не станува составен и траен дел од клетката, вели Синди Принс, професорка по епидемиологија на Универзитетот во Флорида

Исто така, нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал. Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за „Политифакт“ изјави дека идејата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.

И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз“, вели доктор Вилбур Чен.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Јапонија не прогласила никаква вонредна состојба, а лага е и дека нејзини научници пронашле оти  96 милиони нејзини граѓани се несвесни домаќини на микроскопски „нанороботи“, испорачани преку мРНК ковид вакцините. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција