Не е точно дека Јапонија покренува истрага против ковид-вакцините поради милиони смртни случаи

Фото: pixabay.com

Ниту има докази за милиони смртни случаи, ниту пак, некаде има официјална вест за покренување некаква истрага против вакцините. Според СЗО, до крајот на ноември 2022 година во Јапонија биле администрирани над 349,2 милиони дози вакцини против ковид-19.  Според една студија од ноември 2022 година, во периодот помеѓу 17 февруари 2021 година и 17 април 2022 година, во Јапонија се пријавени 1.690 смртни случаи потенцијално предизвикани од негативни ефекти поврзани со вакцините. Сепак,  истражувачите не можеле целосно да ја проценат „причинско-последичната врска помеѓу вакцинацијата и смртните случаи“ поради „недостаток на доволно информации“

Ниту има докази за милиони смртни случаи, ниту пак, некаде има официјална вест за покренување некаква истрага против вакцините. Според СЗО, до крајот на ноември 2022 година во Јапонија биле администрирани над 349,2 милиони дози вакцини против ковид-19.  Според една студија од ноември 2022 година, во периодот помеѓу 17 февруари 2021 година и 17 април 2022 година, во Јапонија се пријавени 1.690 смртни случаи потенцијално предизвикани од негативни ефекти поврзани со вакцините. Сепак, истражувачите не можеле целосно да ја проценат „причинско-последичната врска помеѓу вакцинацијата и смртните случаи“ поради „недостаток на доволно информации“

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека Јапонија наредила истрага против ковид вакцините бидејќи бројот на починати вртоглаво растел. Ова не е точно. Станува збор за стара дезинформација, но во овој пост се споделува  како да се работи за нова, актуелна вест.

Јапонија нареди истрага за вакцинирањето против Ковид бидејќи бројот на умрени вртоглаво расте
Уште еден случај – вчерашната теорија на заговор стана денешен факт:
– Немаше „зима на тешки болести и смрт“ за невакцинираните.
– Во реалноста сега тоа е пандемија на вакцинирани !, стои во постот кој го рецензираме.

Постот споделува напис објавен на 10 јуни, кој пак, се повикува на напис од порталот Експозе објавен на 3 јануари 2023 година. Експозе е портал кој е познат по ширењето дезинформации во врска со ковид-19 и вакцините против вирусот.

Порталот за проверка на факти Лид сторис ја дебанкирал оваа информација на 4 јануари 2023 година. Како што пишува порталот, Јапонија не започнала официјална истрага за „милиони смртни случаи од вакцините против ковид“ во декември 2022 година или почетокот на јануари 2023 година. Нема достапни докази кои сугерираат дека „милиони“ луѓе во Јапонија умреле како резултат на вакцините против ковид, ниту пак, била објавена таква истрага од страна на јавно-здравствени службеници или јапонски политички лидери.

Написот којшто го тврди тоа, како и постот што го анализираме, не нуди ниту детали ниту докази за дополнително потврдување на наводниот биланс на жртви или наводната истрага.

Пребарувањето низ делот за ковид-19 на веб-страницата на Министерството за здравство, труд и благосостојба на Јапонија, не даваат никакви резултати за најава за таква истрага. Најновите вести од кабинетот на премиерот Фумио Кишида не се однесуваат на ковид, ниту пак, се споменуваат милиони смртни случаи поврзани со вакцини или истрага за такви смртни случаи.

Во Јапонија, од 3 јануари 2020 година до 3 јануари 2023 година, има регистрирано речиси 28,8 милиони потврдени случаи на ковид-19 и 56.228 пријавени смртни случаи од вирусот, според Светската здравствена организација. Над 349,2 милиони дози вакцини против ковид-19 биле администрирани до крајот на ноември 2022 година.

Нема докази дека вакцините против ковид предизвикале милиони смртни случаи. Според една студија од ноември 2022 година, во периодот помеѓу 17 февруари 2021 година и 17 април 2022 година, во Јапонија се пријавени  1.690 смртни случаи потенцијално предизвикани од негативни ефекти поврзани со вакцините. Сепак,  истражувачите не можеле целосно да ја проценат „причинско-последичната врска помеѓу вакцинацијата и смртните случаи“ поради „недостаток на доволно информации“.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не е вистина оти Јапонија ќе покрене истрага против ковид- вакцините поради милиони смртни случаи, како што тврди постот. Ниту има докази за милиони смртни случаи, ниту пак, некаде има официјална вест за покренување некаква истрага против вакцините. Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција