Не е точно дека училиштата ќе се затворат во декември

Фото: pixabay.com

Наспроти тврдењето во постот од Владата нема никаква најава или потврда дека училиштата ќе се затворат во декември. Оттаму се децидни дека наставата мора да се одржува со физичко присуство. Исто така, премиерот не е ниту трајно работно неспособен, ниту ментално растроен, а уште помалку тоа му го утврдиле лекари како доживотна дијагноза. Тој бил оценет дека е неспособен за служење воен рок од здравствени причини, односно поради последователни хируршки интервенции

 

Наспроти тврдењето во постот, од Владата нема никаква најава или потврда дека училиштата ќе се затворат во декември. Оттаму се децидни дека наставата мора да се одржува со физичко присуство. Исто така, премиерот не е ниту трајно работно неспособен, ниту ментално растроен, а уште помалку тоа му го утврдиле лекари како доживотна дијагноза. Тој бил оценет дека е неспособен за служење воен рок од здравствени причини, односно поради последователни хируршки интервенции

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој изнесува неколку манипулации и дезинформации. Постот тврди дека поради енергетската криза, училиштата ќе се затворат во декември, а потоа се осврнува и на премиерот Димитар Ковачевски за кого тврди дека „воени психијатри му дијагностицирале дека е ментално растроен и трајно неспособен“.

Она ќе ја испокрадат цела РЕК, цело ЕВН, ќе лапаат милиони од увезена струја, па ќе бапнат санкции на Русија по наредба на НАТО,  па сега кога нема да има струја и греење за зимава..

Замислете, ќе ги затворат училиштата уште во декември!!!

За да ги зачуваш своите милиони удри по децата и образованието, кое и онака е тиња. Одиме пак на онлајн настава, која се покажа катастрофална.

Да живее неписменоста во државата на чие чело е Таче… Го знаете?

А бе… Тоа е еден ментално растроен и трајно неспособен тип.

Таква му е дијагнозата од воените психијатри.

Мора да го знаете од телевизија. Он е стварно ментално растроен, ама државата е топ. Нели?, се наведува во објавата на Фејсбук која ја анализираме.

Прашањето дали да се прибегне кон онлајн настава деновиве стана актуелно, откако општините од Полошкиот регион побараа поради енергетската криза зимскиот распуст да се продолжи и да трае два месеца или да се организира онлајн настава. Идејата ја презентираше градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година, одлучивме како идеја да предложиме зимскиот распуст за децата да трае два месеца, во декември и јануари или во јануари и февруари, така што децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни, а новата учебна година да почне на 15 август. Или евентуално во трите месеци од зимата, декември, јануари и февруари, наставата да биде онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега ова повторно да не се примени во насока на заштеда на електрична енергија. За ова ќе ни треба поддршка од Министерството за образование и ЗЕЛС, а нас нè поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари.

Но, од Владата досега ниту еднаш не спомнаа дека онлајн наставата се разгледува како опција, уште помалку има некаква најава оти училиштата ќе се затворат во декември, како што се тврди во постот што го анализираме.

Имено, уште на почетокот на новата учебна година, од Министерството за образование посочија дека во услови на каква било криза, здравствена, енергетска или еколошка, училиштата последни ќе се затворат, а први ќе се отворат.

Ако се случи такво нешто, училиштата први треба да бидат повторно отворени. Состојбата ќе се следи и за какви било одлуки поврзани со наставата, јавноста ќе биде информирана навремено – изјавија од МОН.

Според Владата, во интерес на учениците е да има настава со физичко присуство. Оттаму се децидни дека нема да има промена во начинот на нејзина реализација.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, владиниот портпарол Душко Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа:

На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

И министерот за економија. Крешник Бектеши исто така изјави дека се прават напори за да им се излезе пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство.

Тоа е надлежност на општините, но децата многу изгубија во време на ковид пандемијата и сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата, отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши во интервју за Сител.

Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март.

Значи, од Владата нема никаква најава или потврда дека училиштата ќе се затворат во декември. Оттаму се децидни дека наставата мора да се одржува со физичко присуство.

Постот понатаму се осврнува и на премиерот Димитар Ковачевски за кого тврди дека „воени психијатри му дијагностицирале дека е ментално растроен и трајно неспособен. И ова е дебата која се води во последно време и истата особено ја наметнува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, користејќи ја за да побара оставка од премиерот Ковачевски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска. Од опозициската партија на прес-конференција презентираа и документ за кој тврдат дека е изваден од евиденциска книга на АРМ.

Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен, изјави Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, лекари утврдиле дека премиерот Ковачевски е трајно неспособен за отслужување воен рок, но не и дека е ментално растроен како што се тврди во постот кој го анализираме.

Менталното растројство може да биде состојба на душевно растројство и растројства настанати поради употреба на психоактивни супстанци, шизофренија, шизотипни и налудничави растројства, растројства на расположението, депресии, невротски растројства поврзани со стрес и слично. Но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ никаде и ниту еднаш не спомнаа дека во документите до кои дошле пишува дека лекари му констатирале на премиерот Ковачевски дека има ментално растројство. Тоа очигледно е измислица на авторот на постот кој го рецензираме. Трајната неспособност на Ковачевски која ја спомнува опозицијата може да биде од било која причина. На пример, ако некоја личност е далтонист, дијабетичар, ако има операција која го оневозможува во вршење на секојдневни активности, може да биде трајно неспособен за вршење на некои активности.

На обвинувањата од опозицијата, Ковачевски одговори преку соопштение, наведувајќи дека никогаш ниту избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Тој посочи дека во тој период имал последователна хируршка интервенција и поради тоа бил трајно неспособен за служење воен рок.

ВМРО-ДПМНЕ не бира ни средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека сѐ она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза. Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во писмениот одговор на  Ковачевски.

Тој на седница за пратенички прашања, дообјасни зошто не служел војска.

Во 2000-та година, согласно сите законски процедури базирани на законот за одбрана од 1992 година, член 51 и во рамки на јавна повеќестепена процедура врз основа на мислење на стручни лица од медицината, а заради мој здравствен абдоминален проблем, со кој се уште се соочувам, се регистрираше моја неможност за служење на воена обврска. Не јас самиот, не моето семејство, туку непознати за мене лица во регрутните комисии констатирале таков факт. И тоа во 2000-та година пред да се случи воениот конфликт и криза во 2001-та. Не сум ни првиот ни последниот случај базиран на објективна медицинска состојба. Јасно, гласно и целосно ја соопштував и ја соопштувам вистината, рече Ковачевски.

Значи, премиерот не е  ментално растроен, а уште помалку тоа му го утврдиле лекари како доживотна дијагноза. Тој бил оценет дека е трајно неспособен за служење воен рок од здравствени причини, односно поради последователни хируршки интервенции.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека постот се служи со груби манипулации и лаги и поради тоа го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција