Не е точно дека во сообраќајката на патот Прилеп-Битола загинало цело семејство

Фото: Принтскрин видео

Загинатите во сообраќајката на патот Прилеп-Битола која се случи на 3 октомври не биле членови на исто семејство, како што тврди објавата што ја анализираме, туку медицински лица, колеги, вработени во битолската болница „Плодност“. На фејсбук-профилот на болницата „Плодност“ беа објавени и нивните имиња.

Загинатите во сообраќајната несреќа на патот Прилеп-Битола која се случи на 3 октомври не биле членови на исто семејство, како што тврди објавата што ја анализираме, туку медицински лица, колеги, вработени во битолската болница „Плодност“. На фејсбук-профилот на болницата „Плодност“ беа објавени и нивните имиња

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека во сообраќајната несреќа која на 3 октомври се случи на патот Прилеп-Битола, загинало цело семејство.

Цело семејство загина во сообраќајка пред Прилеп, стои во објавата.

Ваквото тврдење е невистинито. Имено, на 3 октомври на патот Прилеп-Битола, во близина на село Лагово, во раните утрински часови се случи сообраќајна несреќа во која животот го загубија три лица.

Утрово во 7 часот и 51 минута, на патот Прилеп-Битола кај селото Лагово, се судрија патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски таблички управувано од Н.В. (42) од Прилеп, со сопатниците А.Р. и Ф.Ј., сите од Прилеп, и товарно возило „волво“ со скопски регистарски таблички управувано од Г.Р. (51) од Битола. Патничко возило се движело во правец кон Битола, а камионот се движел во обратен правец кон Прилеп. Во несреќата патничкото возило се запалило и на самото место починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Прилеп, информираа дента од МВР.

Според иницијалите на патниците од патничкото возило за кои МВР информираше дека починале, може да се забележи дека тие не се во роднинска врска, односно првите букви од презимето им се различни.

Де од медиумите објавија дека загинатите биле здравствени лица од Прилеп кои патувале на работа во Битола.

Веста дека станува збор за медицински лица, подоцна во текот на денот, ја потврдија од болницата „Плодност“ во Битола. Загинатите во сообраќајката биле вработени токму во оваа болница.

На фејсбук-профилот на болницата „Плодност“ беа објавени и нивните имиња.

Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Со соодветен комеморативен настан болницата ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги, напишаа од „Плодност“ на Фејсбук.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека загинатите во сообраќајката на патот Прилеп-Битола која се случи на 3 октомври не биле членови на исто семејство, како што тврди објавата што ја анализираме, туку биле медицински лица, колеги, вработени во битолската болница. Поради тоа објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција