Не е воведено шестчасовно работно време за повозрасните работници

Фото: pixabay.com

 

Ветување: Ќе овозможиме намалување на работното време за повозрасни работници:

  • жени работнички со навршени 60 години старост да работат 6 часа (ја задржуваат целата плата) до пензија.
  • мажи работници со навршени 62 години старост да работат 6 часа (ја задржуваат целата плата) до пензија.
  • Ќе воведеме можност државата да субвенционира ангажман на млади кадри кои ќе ги заменуваат во преостанатите 2 часа.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.5, стр,109 и стр.243); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека ќе се овозможи намалување на работното време за повозрасните работници, поточно две години до заминувањето во пензија тие да работат шест часа без да им се намали платата,  е неисполнето.

Споменатото  ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , каде што се споменува на неколку места. Најнапред, тоа е наведено на почетокот на програмата во поглавјето: „Ќе ги поддржиме домашните фирми“, во делот „Почитувани и достоинствени работници “(стр.5), потоа се споменува  во заглавието „Пристојна работа“ (стр.109). Истото ветување го има и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ , во делот „Труд“ (стр.243). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата, воведувањето шестчасовно работно време за повозрасните работници, требаше да биде направено најдоцна до први јуни (2019), со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (05.11.2019) не се случи.

Законски измени со кои би се овозможило повозрасните работници две години пред заминување во пензија да имаат скратено работно време од шест часа,  не се направени. Со измените на Законот за работните односи од јуни 2018 година, како и со измените на овој Закон од мај 2019 година, не се вклучени вакви корекции.Такво решение не се предвидува ниту со новите измени на Законот за работни односи.

Во медиумите пред два месеца имаше информација дека се прават законски измени во оваа насока,  меѓутоа од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) демантираа. На 20 септември 2019 година порталот „Локално“ објави, а веста ја преземаа и повеќе медиуми, дека „МТСП подготвува нов закон за работни односи со кој е  предвидено е да се овозможи намалување на работното време за повозрасните работници без притоа да имаат намалување на платата.“

Истиот ден министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска  ваквите објави ги оцени како дезинформации и шпекулации.

Тоа се дезинформации. Нека потврди медиумот кој известувал за тоа оти таква информација има од МТСП. Донесувањето на законот за работни односи се врши на транспарентен начин. Во моментов работат неколку работни групи со сите засегнати страни, имаат можност да учествуваат и да даваат предлози и размислувања. Кога тој ќе биде на некој начин усогласен помеѓу сите засегнати страни и ќе го испочитуваме процесот на носење на закон преку социјален дијалог за тоа ќе биде известена и јавноста, рече Царовска.

Па, имајќи предвид дека рокот за исполнување на ветувањето е поминат (31.05.2019), а сè уште не е овозможено намалување на работното време за повозрасните работници, ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција