Не е започната изградбата на социјалните станови во Општина Бутел
Изградба на станови за ранливи категории на граѓани.
Во соработка со Владата на Република Македонија ќе го реализираме проектот за изградба на 2 станбени објекта со вкупно 360 станови за ранливи категории на граѓани. (Рок за реализација: 2013-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Проектот за изградба на два станбени објекта со вкупно 360 станови за ранливи категории на граѓани е вклучен во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Општина Бутел, каде градоначалник е Петре Латиновски. Проектот се споменува во делот „Социјална заштита“ (страна 40), а планирано е да се реализира во периодот 2013-2015 година. Ова ветување од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на градоначланикот Латиновски досега (08.02.2017) не е исполнето.
Инаку, иако се работи за проект од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година, сепак тој е дел од поширокиот проект на Владата на РМ за домување на социјално ранливи групи (ФП 1674).
Со овој проект на Владата на РМ планирана е изградба на 32 објекти со 1741 станбени единици во 26 градови во земјата. Вкупна вредност за реализација на проектот е 50,7 милион евра од кои 25,3 милиони евра се средства од заем од Банката за развој при Советот на Европа, а останатите 50% се средства од Буџетот на Република Македонија.
Според информациите од отчетот на Министерство за транспорт и врски за 2015 година и информациите достапни на веб страната на АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, досега, (08.02.2017) изградени се 13 станбени згради со вкупно 678 станбени единици. Изградени се станбени објекти во градовите: Скопје, Охрид, Кичево, Македонска Каменица, Кочани, Крива Паланка, Берово, Кавадарци, Битола, Штип, Демир Хисар, Прилеп и Ресен. Во фаза на градба се објектите во Македонски Брод, Кочани и Гостивар. Планирани објекти за изградба во период 2016-2018 година се во градовите: Пехчево, Виница, Свети Николе, Пробиштип, Струмица, Скопје-Бутел, Скопје-Сарај, Гевгелија, Дебар, Куманово, Неготино. На 19.02.2016 година медиумите пренесоа дека Владата на РМ ја усвоила Програмата за изградба на станови за лица со социјален ризик за 2016 година:
Покрај овие активности во програмата за овој проект е предвидено дека во текот на оваа година ќе се отпочне и со изработка на документација која е потребна за да во следните години се започне со изградба и на поголем број на други згради со станови за лица во социјален ризик во поголем број градови низ државата меѓу кои и во Гевгелија, Скопје, Куманово, Неготино, Тетово, Велес и други градови во државата. (E-вести)
Во Отчетот за реализацијата на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицјата „За подобра Македонија” (стр.90) наведено е дека е завршено проектирањето на 312 станови во Општина Бутел, но не е наведено дека е започната и изградбата на истите.
Ги исконтактиравме Министерство за транспорт и врски и АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор како надлежни институции за реализација на проектот. Двете институции нè информираа дека изградбата на станбените објекти во Општина Бутел сè уште не е започната.
Имајќи ги предвид овие информации, како и тоа дека изборната проекција за изградба на социјални станови во Општина Бутел е 2013-2015 година, оценуваме дека ова ветување не е исполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013 -2017 Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! – Петре Латиновски (стр. 40) [Пристапено на 08.02.2017]
- Отчетот за реализацијата на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицјата “За подобра Македонија” (стр.90) [Пристапено на 08.02.2017]
- Отчетот на Министерство за транспорт и врски за 2015 година [Пристапено на 08.02.2017]
- Council of Europe Development Bank [Пристапено на 06.02.2017]
- E-вести (19.02.2016): Продолжува проектот за изградба на станови за лицата во социјален ризик [Пристапено на 08.02.2017]
- Алва тв (19.02.2016): Продолжува проектот за изградба на станови за лицата во социјален ризик [Пристапено на 08.02.2017]
- Курир (22.08.2013): Се урива старата општина Бутел, ќе се градат 360 социјални станови [Пристапено на 08.02.2017]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар