Кој се крие, а кој бара лидерски ТВ дуели во самостојна Република Македонија (1990-2016)

Груевски наспроти Заев - ТВ дуел што нема да го гледаме поради Груевски. Фото: YouTube, 2015

Прв македонски политичар кој одби ТВ дебата беше Киро Глигоров на претседателките избори во 1994 година со изјавата дека „полтиката за него не е театар“. Никола Груевски, премиерот со најдолг стаж во историјата на Република Македонија, јавноста не ја есапи за достојна за да ѝ се претстави на телевизија

 

Прв македонски политичар кој одби ТВ дебата беше Киро Глигоров на претседателките избори во 1994 година со изјавата дека „полтиката за него не е театар“. Никола Груевски, премиерот со најдолг стаж во историјата на Република Македонија, јавноста не ја есапи за достојна за да ѝ се претстави на телевизија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

На два дена пред изборниот молк за вонредните парламентарни избори закажани за 11 декември годинава, речиси минимални се шансите македонската јавност да биде сведок на телевизиско соочување на главните претенденти за власт, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на СДСМ.

Причината за тоа е едноставна. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, одбива да се соочи на телевизиски дебати со своите противници и тоа му е стил на однесување уште од пред прв пат да ја освои власта со својата партија во 2006 година. Иако се појавуваше на групни дебатни емисиии или на поединечни интервјуа, во таа изборна 2006 година немаше директен дуел меѓу тогашниот лидер на СДСМ и премиер Владо Бучковски и кандидатот за иден, Никола Груевски, иако Бучковски го канеше на дуел.

Со тоа беше нарушена традицијата воспоставена во деведесетите и на почетокот на 21-от век во македонскиот демократски и јавен простор, на соочување на кандидатите на власта и на опозицијата, начело што е речиси без исклуок важечко за сите суштински демократии во современиот свет.

 

ГРУЕВСКИ СЕ ПЛАШИ ОД СООЧУВАЊА

Жанета Трајковска, директорка на Високата школа за новинарство од Скопје, говорејќи на оваа тема на телевизија Телма, изјави дека еден од трите причини за вакво бегање од дуели, е и стравот.

Една е неподготвеноста за соочување со противникот, втората е немање можност отворено и јавно да ги брани политиките што ги застапува и трето е недостиг на храброст – вели Трајковска (околу 4-та минута од видеото).

Радица Тодоровска, политиколог, која исто така говореше во емисијата, вели дека не можеме да очекуваме Македонија да ги следи европските стандарди. Таа потврдно одговори на директно прашање дали лагата и блефот „се фаќаат“ кај јавноста при ТВ дуелите, како една од можните причини зошто Груевски одбегнува телевизиски соочувања.

Апсолутно се чита. Се чита зашто борбата на аргументите ќе ве соголи во целост. Посебно кај онаа јавност што е критичка, тука нема утка. Критичката јавност знае да процени. Кога ќе ве соголи на ТВ дуел, кога ќе настане борба на тие факти, тука веќе нема одбрана…дебатата ќе го разголи лицето на секој политичар, без оглед колку е подготвен да настапи“ – вели Тодоровска (околу 28 минута од видеото).

Оттука, сосема јасно дека Груевски има „милион“ причини да не се појавува на дебати, иако останува нејасно зошто тоа не го правеше и ги избегнуваше дуелите уште кога беше „тазе премиер“ на својата функција, да речеме, некаде до пред вонредните избори во 2008 година!?

 

ПОСЛЕДНИ, ДЕБАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

Последните телевизиски соочувања во кои јавноста во Македонија можеше да ужива и да ги споредува аргументите и фактите, беа за претеседателските за последните три изборни циклуси.

Во 2014 година јавноста беше сведок на телевизиското сооочување меѓу тогашниот, веќе претседател поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Иванов и кандидатот на опозициската СДСМ, Стево Пендаровски, сегашен носител на изборна листа во Првата изборна единица.

Дебатата се одржа во организација на јавниот сервис, Македонската радио телевизија на 05.04.2014 г.. Првата е дека тоа не беше директен ТВ дуел на двајцата противници, туку на него учествуваа и други двајца претседателски кандидати кои отпаднаа после првиот круг, а тоа беа Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ и Илијаз Халими, номиниран од ДПА.

После оваа дебата, веднаш, по примерот на западните демократии, анкета направи Институтот „Павел Шатев“, во јавноста познат како провладин институт, при што произлезе дека Иванов го згазил Пендаровски со разлика од 52 наспроти 15 отсто, како перцепција за тоа кој би бил избран за претседател. Пред вториот круг имаше обид за уште едно соочување на двајцата кандидати, но до тоа не дојде. Интересно е што пред поканата од МРТВ, идејата за ТВ соочувања цело време ја туркаше Националниот демократски институт од Вашингтон, но обидите за да ги соочи кандидатите на приватните телевизии не успеаја, а Иванов едвај прифати во последен момент на јавниот сервис.

Претходно телевизиско соочување имаше во 2009-тата година, помеѓу кандидатите за претседател Ѓорѓе Иванов, исто така, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот поддржан од СДСМ, Љубомир Фрчкоски.

Ова телевизиско соочување остана карактеристично по слободниот и навредлив јазик употребен меѓу двајцата кандидати, а главни теми беа „големите прашања“ – прашањето за името, влез во НАТО и европските интеграции. И тука, пред првиот круг немаше директно соочување, туку со другите кандидати што излегоа на изборите, а најголемо изненадување беше резултатот што го освои каандидатот за претседател Имер Селмани, кој доби околу 150 илјади гласови во првиот круг.

Ниту на овие избори немаше второ соочување, пред вториот круг, иако тогаш дебата проба да организира тогашната најгледана национална телевизија А1.

Кедев и Црвенковски во 2004 г. на А1 Тв
Кедев и Црвенковски во 2004 г. на А1 Тв

Последното поново претседателско телевизиско соочување пред овие, беше во 2004 година, кога се одржа телевизиски дуел помеѓу тогашниот кандидат за претседател Бранко Црвенковски, дотогашен премиер на владата на СДСМ и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ познатиот кардиолог Сашко Кедев.

И овој дуел се оддржа во тогаш најгледаната приватна телевизија со национална концесија А1. Д-р Кедев, иако дотогаш политички неискусен, се соочи со Црвенковски, кој имаше оромно искуство како политичар и во фразеологијата што е карактеристична за долгогодишни политичари. Изборите, за кои после нивото оддржување имаше шпекулации во јавноста дали намерно не се предадени, затоа што ќе немаше цензус, а Груевски тогаш веќе лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ повика на масовно излегување на избирачите околу 17 часот, завршија со пораз на д-р Кедев.

Во 1999 година се одржаа претходните избори за претседател каде што имаше во првиот круг и такви „тешкаши“ како што се Стојан Андов, Васил Тупурковски и Тито Петковски, поддржан од СДСМ. Сепак, во вториот круг влегоа Тито Петковски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски, со разлика кај првиот од над 60 илјади гласови. Во вториот круг, кој остана познат по многу нерегуларности, полнење на кутии особено кај албанското гласачко тело, победи Трајковски. Телевизиски дуели имаше и пред првиот и пред вториот круг од изборите!

 

ЛЕГЕНДАРНИ ТВ ДУЕЛИ НА ГРУЕВСКИ И ЦРВЕНКОВСКИ

Во секој случај, Македонија останува без соочување кај премиерските кандидати или кандидатите за најмоќната функција во државата од по 2002 година. Тогаш се оддржа последниот телевизиски дуел помеѓу тогашниот шеф на СДСМ Бранко Црвенковски, тогаш во опозиција и тогашниот шеф на ВМРО ДПМНЕ Љубчо Георгиевски. Црвенковски на 15 септември таа година ги доби убедливо изборите, а прашање е на тогашните аналитичари да кажат дали и колку поради ТВ дуелот.

Претходно, овие двајца лидери прв пат се соочија на изборите во 1998 година, во Македонската телевизија, а како изгледаше тоа соочување гледачите можат да добијат претстава ако ја погледнат снимката закачена на Youtube од непознато лице во 2012 година. Тогаш на тие избори победи Георгиевски.

Овие ТВ дуели ќе останат сведоштво за една многу поголема демократска свест, но и одговорност кон јавноста и јавното мислење. Без оглед што имаме оттогаш ТВ дуели на кандидати за претседател, тие не можат да го надополнат отсуството од соочување на кандидатите за извршната власт.

Никола Груевски ќе остане запаметен во своето однесување кон јавноста со целосно отфрлање на телевизиските соочувања и тука делумно може да биде спореден со првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров. Имено, Глигоров беше првиот политичар кој одби телевизиско соочување пред првите непосредни претседателски избори во 1994 година, откако на претходниот дуел на Македонското радио – Радио Скопје, се соочи со дотогаш за јавноста непознато расправање, викање, соочување на аргументи и упаѓање во збор од страна на тогашниот противкандидат Љубиша Георгиевски.

Еве што напиша поранешниот амбасадор Горѓи Спасов во колумна во Утрински весник во 2011 година за тоа одбивање во 1994 г. и за споредбата со актуелниот Груевски, кој индиректно го нарече комунист:

Ваков вид дисквалификација на противникот, со цел да се избегне изборно соочување, употреби за прв пат Киро Глигоров кога го избегна дуелот со противкандидатот Љубиша Георгиевски, со образложение дека „политиката за него не е театар“, алудирајќи на бекграундотот на противкандидатот и асоцирајќи дека за него Љубиша Геогиевски не е сериозен противник, туку еден вид цикркузант што не заслужува сериозно соочување на аргументите. Овој (комунистички) модел стана стандард во однесувањето на сегашниот премиер Никола Груевски кон противниците.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција