Неисполнето: E-пријава за упис во градинка

Неисполнето:E-пријава за упис во градинка

Проект: E-пријава за упис во градинка.

Електронски сервис за запишување на деца во градинка и на претшколски активности. Барањата ќе може да се поднесуваат по електронски пат, а откако институцијата ќе ја добиe пријавата за упис, ги проверува податоците и го контактира апликантот за резултатите и деталите околу времето на упис. Надлежни институции: Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за труд и социјална политика, општини, градинки. (Буџет: 300.000 денари Рок: 2015-2016)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот: „E-пријава за упис во градинка”, со кој би се овозможило запишување на деца во градинка по електронски пат, а со самото тоа и поедноставување на процедурата, е предвиден во предизборната програма на ВМРО – ДПМНЕ 2014-2018, во делот Реформи во јавната администрација (стр. 100) со рок на реализација до 2015 -2016 година. Досега, ова ветување не е исполнето.

Статусот на ова ветување најпрво го проверивме во Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во делот Развој на информатичко општество  (стр.142). Во овој дел се дава детален осврт на националниот портал за е-услуги при што се наведува дека истиот е во фаза на подготовка и во рамки на порталот ќе бидат овозможени неколку е-услуги, вклучително и проектот „E-пријава за упис во градинка.”

Извадок од Отчетот: 

Националниот портал за е-услуги ќе биде централна точка за пристап до владините услуги и следење на статусот на нивната реализација, како и стандардизиран интерфејс за комуникација со државните институции. Во изминатиот период направена е анализа на условите и потребите за порталот, дефинирани се очекуваните функционалности и е-услугите кои ќе се даваат преку него и изработена е техничка спецификација во рамките на ИПА 2012. Како дел од овој проект, ќе бидат развиени нови 15 е-услуги и тоа: е-упис на новороденче, е-пријава за упис во градинка, е-упис во основно училиште, e-упис во средно училиште, е-упис на факултет, електронско поднесување на барање за пензија, e-поднесоци за социјални бенефиции, е-пријава за промена на живеалиште, е-пријави во полиција, е-апликација за визи за странски државјани во посета на Македонија, е-дозволи за странци, e-апликација за патенти, е-пријава на тезга за храна, онлајн-апликација за деловни простории, каде што се служи и продава храна и надградба на системот е-даноци  за радиодифузна такса.

Дека проектот сè уште не е реализиран, потврдува и Стратешки план на Министерство за информатичко општество и администрација 2016-2018 каде е наведено дека националниот портал за Е-услуги во чии рамки ќе биде достапна услугата „E-пријава за упис во градинка”, би се реализирал во периодот од 2016 -2018 година со вкупен буџет од 4.000.000 денари.

Доколку се разгледаат веб – порталите на самите градинки, се забележува дека некои од нив нудат можност за упис на деца по електронски пат (на пример: градинка „13-ти Ноември” во Центар, градинка “Срничка” во Аеродром, градинка  “Буба Мара” Aеродром ) што е резултат на индивидуален пристап во организација на работењето, но кај повеќето градинки оваа можност не е достапна.

Со оваа анализа се потврдува дека ветувањето од програмата на ВМРО-ДПМНЕ 2014 – 2018 „E-пријава за упис во градинка” не е исполнето. 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција