Неизвесна изборна трка во вториот круг за албанскиот политички блок

Во албанскиот политички блок главната битка на локалните избори ќе се води на 29 октомври. Фото: принтскрин

Резултатите од првиот круг кај партиите на етничките Албанци во Македонија не решија речиси ништо во однос на тоа која партија ќе ги добие главните општини: Тетово, Чаир, Гостивар и Струга. Доминантна перцепција во политичките кругови и експертската јавност е дека партиите од албанскиот блок ги чека прилично неизвесен натпревар и дека се можни секакви комбинации и сојузништва

 

Резултатите од првиот круг кај партиите на етничките Албанци во Македонија не решија речиси ништо во однос на тоа која партија ќе ги добие главните општини: Тетово, Чаир, Гостивар и Струга. Доминантна перцепција во политичките кругови и експертската јавност е дека партиите од албанскиот блок ги чека прилично неизвесен натпревар и дека се можни секакви комбинации и сојузништва

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Нема никаква дилема дека главната битка во вториот круг од локалните  избори ќе се води меѓу партиите од албанскиот политички блок. Додека неделното гласање (15.10.2017) во македонскиот блок резултираше со јасна победа на социјалдемократите, кои според првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг освоија 38 градоначалнички мандати, а нивните кандидати за градоначалници во вориот круг имаат предност пред ВМРО-ДПМНЕ во 14 општини, во најголемиот број општини со доминантно албанско население токму вториот круг ( 29.10.2017) ќе биде одлучувачки за кандидатите за градоначалници на партиите на Албанците. Од овие општини во првиот круг се избрани само два  градоначалника, со кои може да се „пофали“ ДУИ – Кичево и Пласница. Сите други кандидати за градоначалници (од албанска политичка провениенција) ќе ја продолжат трката уште две недели, вклучувајќи ги општините Струга, Тетово, Гостивар, Чаир, Дебар, Сарај, но и Липково, Теарце, Врапчиште, Долнени, Желино, Боговиње, Студеничани.

lOK-IZB

ОПЦИИ ЗА КОАЛИЦИРАЊЕ

Доминантна перцепција во политичките кругови и експертската јавност е дека партиите од албанскиот блок ги чека прилично неизвесен натпревар и дека се можни секакви комбинации и сојузништва.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека резултатите од првиот круг кај партиите на етничките Албанци во Македонија не решија речиси ништо во однос на тоа која партија ќе ги добие главните општини, кои, всушност, се индикатори за политичката позиција на партиите како Тетово, Чаир, Гостивар и Струга.

Во Кичево немаше изборна трка помеѓу нив заради фактот што само ДУИ излезе со кандидат, кој и победи во првиот круг. Фактички, сѐ остана отворено за да се реши во вториот круг, кога пресудуваат капацитетите за коалицирање на секоја партија одделно.

Незири посочува дека гласовите кои ги добија партиите преку советничките листи упатуваат на заклучокот дека „ДУИ го запре падот што почна од 2014 година при што во 2016 година имаше преполовување на гласовите“.

Сега има благ раст на поддршката од околу 2.500 гласа. Најголем раст има Алијансата за Албанците со околу 14 илјади гласа, но по сè изгледа овие гласови се земени од контото на ДПА, која има пад за, исто така, 14 илјади гласа. Голем пад во однос на последните парламентарни избори има БЕСА – од околу 11 илјади гласа кои по сè изгледа се заминати во контото на СДСМ, ДУИ или, пак, станува збор за апстинирање. Овој пад на БЕСА се должи на нивната неконзистентна и непоромислена политика, кои делуваа без јасна визија и стратегија, особено со нивното прибилижување кон ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, резултатите ги наредија политичките конкуренти во албанскиот кампус „како фигури на шаховска табла, каде има безброј комбинации и сите се можни“. Сепак, нагласува Незири, „тоа што во првите моменти може да се забележи е една коалиција ДУИ-ДПА од една страна и БЕСА-Алијанса за Албанците од друга страна“. 

 

 СОЈУЗНИШТВО МЕЃУ БЕСА И АЛИЈАНСАТА?

И професорот Сефер Тахири вели дека е на повидок сојузништво меѓу БЕСА и Алијансата на Албанците.

Битката помеѓу партиите на Албанците во вториот круг ќе се води во Чаир, Тетово, Гостивар, Струга и ДебарОд една страна ДУИ се соочува со БЕСА, а од друга со Алијансата за Албанците. Според моите иннформации БЕСА и Алијансата за Албанците ќе постигнат договор за меѓусебна соработка во вториот изборен круг, вели тој.

Тахири додава дека во првиот круг одреден квантум гласови доби и ДПА, при што напоменува дека ДПА во првата реакција после изборите освен што ја поздравија коалицијата помеѓу ДУИ и СДСМ, ја поздрави и коалицијата помеѓу Алијансата и БЕСА:

Што значи дека оваа партија не е спремна да ги поддржи кандидатите на БЕСА односно Алијансата, особено по неуспехот за коалицирање меѓу ДПА и БЕСА во првиот круг и поради ривалството со Алијансата, која произлезе од ДПА, чекор кој Тачи не му го простува на Села.

Претседателот на БЕСА, Билал Касами, како што информираа медиумите, денес (17.10.2017) изјавил дека ќе иницира разговори со првиот човек на Алијансата за Албанците Зијадин Села за можна коалиција и соработка во вториот круг на локалните избори. Кандидатот за  градоначалник во Гостивар Арбен Таравари, на својот Фејсбук профил, пак, објави фотографија на која е заедно со  Касами, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и кандидатот за градоначалник на оваа партија во Чаир, Зекирија Ибраими и притоа напишал – „продолжуваме заедно“.

 

ДУИ ВОДИ ВО 11 ОПШТИНИ, ДПА И АЛИЈАНСАТА ВО ПО ЕДНА

Според резултатите објавени од ДИК, ДУИ води во 11 општини и ќе се бори во вториот круг со противкандидатите од БЕСА, Алијансата за Албанците и СДСМ. Во Гостивар, Тетово, Чаир, Сарај, Теарце, Липково, Желино, Долнени, Дебар, Врапчиште и Боговиње предност има ДУИ.  Алијансата на Албанците и ДПА, пак, имаат предност само во по една општина, во Струга води Алијансата на Албанците, додека ДПА има предност во Студеничани.

Во првиот круг од изборите ДУИ освои  89.617 гласови, Алијансата за Албанците со 48.767 и Движењето БЕСА  46.464 гласови.

Во Тетово ДУИ освои 33,18 отсто од гласовите, а БЕСА 21,93 отсто, во Липково ДУИ, со освоени 48,97% води пред БЕСА која доби 22,70%, во Сарај, ДУИ има 48,24%, БЕСА 27,76%, во Желино резултатот меѓу ДУИ и БЕСА е изедначен – 43,90% спрема 43,57%, во Теарце ДУИ има 29,86%, а БЕСА 23,44% .

Алијансата за Албанците ќе биде противник на ДУИ во вториот изборен круг во Гостивар, каде што резултатот е 35,55% спрема 34,10% во корист на ДУИ, во Боговиње, каде што кандидатот на ДУИ доби 33,99%, а на Алијансата за Албанците 27,77%, во Врапчиште, каде што ДУИ има 35,06%, а Алијансата 31,10 и во Дебар каде што ДУИ има 39,93 отсто од гласовите, а Алијансата за Албанците 34,10 отсто.

Во Долнени, во вториот изборен круг кандидатот на ДУИ, кој доби 34,06 отсто гласовите ќе се соочи со кандидатот на СДСМ, кој, пак, во првиот круг освои 26,28 отсто од гласовите.

Во Струга во водство е Зијадин Села од Алијанса за Албанците, со 30,24 проценти, а ДПА води во Студеничани со 34,62 проценти од гласовите.

Повикувајќи се на високи партиски извори од СДСМ „Фокус“, вчера објави дека:

СДСМ нема да заземе страна во вториот круг на локалните избори во Струга, каде ќе се судрат кандидатите за градоначалници на владините коалициски партнери Алијансата за Албанците и ДУИ – Зијадин Села и Рамиз Мерко.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција