Нема докази дека во земјава има деца што родово се идентификуваат како животни

Фото: Принтскрин

Советот на Европа со правното признавање на родот воопшто не таргетира ниту опфаќа лица кои се идентификуваат како животни. Докази за такви случаи во Северна Македонија нема, а во светот оваа психолошка состојба е злоупотребена за да се туркаат антиродови наративи.

Советот на Европа со правното признавање на родот воопшто не таргетира ниту опфаќа лица кои се идентификуваат како животни. Докази за такви случаи во С. Македонија нема, а во светот оваа психолошка состојба е злоупотребена за да се туркаат антиродови наративи

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал, во кој човек облечен во костим на желка, поминува улица споро и предизвикува застој во сообраќајот, а дел од учесниците во сообраќајот се револтирани за таквиот негов потег, но повеќето се изненадени и не знаат што всушност се случува.

Сатира или не, факт е дека ова е реалност. Сѐ почесто и почесто слушаме како луѓе се идентификуваат како животни. Во случајов, човек облечен како желка, лази среде улица и го попречува сообраќајот, зашто се идентификува како желка. Жената од првиот автомобил се обидува да го тргне од патот, а девојката од вториот автомобил ѝ вели: “Остави го, желка е”. Ова се последиците од правното признавање на родот кој Советот на Европа го бара од Македонија. Сите кажете НЕ на “родовата еднаквост”, бидејќи во Македонија веќе имаме деца кои се идентификуваат како животни. Доколку родот правно се признае, бројот на деца кои се збунети, рапидно ќе порасне.

Не постои ниту еден случај во С. Македонија за кој е известено било официјално од институција, било од родители, медиуми, педагошка служба или било кој официјален извор, дека некое дете се идентификува како животно во земјава. Но, пред само една година, Коалицијата за заштита на децата, на својата веб страница тврдела дека нема такви случаи во земјава.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, „Furries” се луѓе со интерес во антропоморфизам, кои може да создадат своја алтернативна животинска личност позната како „fursona”. За повеќе информации посетете го овој сајт каде група на интрадисциплинарни научници ги истражуваат антропоморфските идентитети повеќе од 15 години и проучувале над 40 илјади furries.

Коосновачот на  Furscience, Кортни Планте за Ројтерс вели:

Степенот во кој Furries веруваат дека тие се животни, е сличен на степенот на кој спортските фанови веруваат дека се нивниот омилен голман.

Теријанците од друга страна, длабоко веруваат дека се заробени во тело на човек, но требало да бидат некој друг вид, вели доктор Кети Гербаси, психолог специјализиран за да ги проучува двата типа.

Професорот по психологија Елизабет Феин, за Ројтерс вели:

Иако теријанците препознаваат дека имаат тело на човек, исто така може да чувствуваат дека имаат реинкарнирана душа на волк, или дека имаат чувство на блискост со мачките кое е толку длабоко, што и тие самите се на некое ниво мачка. За некои од овие луѓе, уживање претставува да прават работи што тие животни би ги правеле, како испуштање на анималистички звуци. Многу од нив имаат чувство на непријатност во своите човекови тела.

Психолозите додаваат дека со години ја слушаат гласината дека училиштата се преполни со ученици кои мјаукаат и лаат, јадат од садови за куче, но дека тоа не е вистина, туку е дел од пропаганда. Дополнително, идентификацијата како теријан не е заштитена во американското право. На ист начин, и Советот на Европа во својата стратегија за родова еднаквост, не се осврнува на овие категории на луѓе, што значи дека е погрешно да се каже дека „ваквото однесување е последица од правното признавање на родот”.

Мајкл Бронски, професор по практика во медиумите и активизам во студиите за жените, полот и сексуалноста на Универзитотот Харвард, запрашан дали идентификувањето како животно е заштитен квир идентитет вели:

Не. Не е заштитен општествено, културно и од било која национална или локална ЛГБТ организација.

Инаку, правното признавање на родот претставува процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот род. Со други зборови, правното признавање на родот претставува можност транс лицата (трансродовите лица) да добијат документи за лична идентификација кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет.
Тоа е особено важно кога тие се трудат да ги остварат своите граѓански права, бидејќи секаде треба да покажат документ за лична идентификација. Благодарение на правното признавање на родот на трансродовите лица, тие можат да ги остварат своите граѓански права и тоа нема никаква поврзаност со идентификување како животно на некои други лица, некаде во светот. Исто така, С. Македонија има изгубено пресуда пред Европскиот суд за човекови права на оваа тема. 

 

На интернет може да се пронајдат бројни фотографии од костим од желка, од кои најголем дел се на сајтови каде се продава опрема за денот на шегата, или во специјализирани продавници за костими. Не е јасно дали видеото кое е презентирано е направено како тик ток тренд, дали е шега за постигнување виралност, или пак станува збор за некој што се идентификува како животно.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција