Нема „земјотрес“ во Северна Македонија, сè уште не се знае кој ќе формира Влада

Српски „Информер“ денес (06.08.2020) излезе со тенденциозен и навредлив наслов: Земјотрес во Македонија! Заев извиси, Шиптарите  и ВМРО-ДПМНЕ прават нова влада ?! (Zemljotres u Makedoniji! Zaev izvisio, šiptari i vmro-dpmne prave novu vladu?!)

Со изборот на ваквата насловна конструкција не само што се манипулира јавноста дека во Република Северна Македонија се случува некаков политички земјотрес во кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговата партија излегле од „игра“ за формирање влада, туку во неа се користи и навредлив тон кон Албанците, кои намерно се ословуваат како „Шиптари“.

Но, наспроти изнасилената порака во насловот, во Северна Македонија, барем до моментот кога е пишуван овој текст,  нема никаков „земјотрес“. На политички план нема ама баш ништо невообичаено за постизборен период – време кога се водат преговори за составување на парламентарно мнозинство. Разговори со потенцијалните коалициски партнери прават и двете партии од македонскиот политички блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, тоа јавно го кажуваат и нивните лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. И, според тоа што официјално се соопштува, сè уште не се знае кој има обезбедено  најмалку 61 пратеник за да го добие мандатот за формирање влада.

Текстот, пак, што го објави „Информер“ се повикува на албански медиуми (без да го неведе линкот) и пренесува  дека:

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција се на пат да постигнат договор  со кој социјалдемократите на Зоран Заев  би биле изоставени од идната владејачка коалиција.

Порталот „Лајм“, вчера (05.08.2020) повикувајќи се на партиски извори, навистина објави информација дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го финализирале договорот за формирање нова Влада,  и дека  единствената „задача“ на Христијан Мицкоски сега е да го убеди претседателот на Левица, Димитар Апасиев, да поддржи влада со премиер Албанец. Истите извори за „Лајм“ рекле дека Али Ахмети и Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец.

Меѓутоа, функционерот од ДУИ, Бујар Османи доцна синоќа ги демантираше  ваквите информации и уверуваше дека не потекнуваат од неговата партија.

Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ, рече Османи.

Во врска со информациите објавени во албанските медиуми дека меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ има договор за влада, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, за весникот „КОХА”, изјави:

ВМРО-ДПМНЕ работи на формирање на ново парламентарно мнозинство. Ние нема да ги коментираме информациите од непроверени извори, но ниту ќе ги демантираме

Арно ама,  „Информер“, веројатно брзајќи да (дез)информира за „земјотресот“ во Севрена Македонија, не ги пренесе ниту демантот на Османи, ниту ставот на ВМРО-ДПМНЕ. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција