Невозможно е над 40 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ да имаат „нула резултати за 2 години“

Дарко Каевски. Фото: СДСМ/веб

И теоретски е невозможно во над половина од општините во Северна Македонија, кои ѝ припаднаа на ВМРО-ДПМНЕ по последните избори, да не се случувало ништо. Може да се зборува и да се има аргументи дека некаде потфрлиле, како што пратеникот Каевски го набројува специфичниот пример со Град Скопје, но да се тврди дека сите општински власти на ВМРО-ДПМНЕ покажале нула резултати е невистина

И теоретски е невозможно во над половина од општините во Северна Македонија, кои ѝ припаднаа на ВМРО-ДПМНЕ по последните избори, да не се случувало ништо. Може да се зборува и да се има аргументи дека некаде потфрлиле, како што пратеникот Каевски го набројува специфичниот пример со Град Скопје, но да се тврди дека сите општински власти на ВМРО-ДПМНЕ покажале нула резултати е невистина

 

 

Пратеникот и портпарол од СДСМ, Дарко Каевски одржа прес-конференција на тема локална самоуправа предводена од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, при што може да се констатира изјава во која има невистина:

Изјава: 2 години локална власт – 0 резултати, ДПМНЕ ги изневери граѓаните и не ја оправда довербата којашто ја доби на локалните избори.

Градоначалниците на ДПМНЕ во над 40 општини не ги остварија изборните ветувања. Напротив, она што го ветуваа пред граѓаните кога им ја бараа довербата не го реализираа.

Нема проекти, нема развој, нема резултати. Една голема НУЛА!

Дополнително во општините под капа на ДПМНЕ граѓаните плаќаат поголеми сметки.

Речиси и да нема градоначалник од оваа партија којшто не ги зголемил цените за данок на имот и до 300 %, за ѓубретарина, вода, комунални услуги

[Извор: СДСМ-Прес/Каевски; датум – 02.11.2023]

  

Образложение:

Пратеникот Дарко Каевски дури и симболично да алудира со својата изјава: „0 резултати на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за 2 години“, станува збор за невистина, зашто тоа би било изнасилено толкување на реалноста во општините за кои тој зборува.

Прво и основно, теоретски е невозможно во над половина од општините во Северна Македонија кои и припаднаа на ВМРО-ДПМНЕ по последните избори, да не се случувало ништо. Може да се зборува и да се има аргументи дека некаде потфрлиле, како што Каевски го набројува специфичниот пример со Град Скопје, но да се тврди дека сите општински власти на ВМРО-ДПМНЕ покажале нула резултати е невистина.

Доволно е само да се погледнат дел од веб-страниците на општините или на страницата на ВМРО-ДПМНЕ, каде што имаат посебна рубрика Општини и каде или самите градоначалници, но и партискиот лидер, Христијан Мицкоски многу често изнесуваат информации за реализирани одредени општински проекти.

Може на пример да се земе веб-страницата на Општина Кисела Вода, каде што во рубриката Новости се објавуваат реализирани или започнати за реализација проекти. На истата веб-страница може да се пронајде и Отчетот на градоначалникот на Кисела Вода издаден во ноември лани, по една година власт, каде со конкретни бројки се наведени сите реализирани проекти по една година, меѓу кои има и нови или реконструирани проекти од водоводна или канализациска инфраструктура, но и распишан меѓународен конкурс за ДУП Расадник и ограничување на катноста и можностите за изградба на згради во Црниче и Пржино, итн.

Што се однесува до спортската сала Расадник што ја споменува Каевски, Општина Кисела Вода ја презеде во мај годинава, а најавите уште пред тоа беа дека се обезбедени средства и за нејзината реконструкција. Во однос на Поликлиниката, тука своја улога има и централната власт, а пред сè ексминистерот Венко Филипче кој ја најавуваше  уште во почетокот на 2021 година.

Но, на пресот на Каевски, градоначалникот и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓеоргиевски беше споменат во контекст на аферата со неговиот часовник, иако никаде не беше спомената неговата изјава дека часовникот што му е подарок од сопругата изнесувал 250 евра, наспроти непристојната и затскриена кампања со флаери и објави по одредени медиуми дека часовникот чинел меѓу 7 и 8 илјади евра.

Како пример во оваа рецензија на изјава може да се наведе и Општина Гази Баба, која е потенцирана на пресот. Оваа територијално можеби најрурална општина меѓу скопските градски општини се занимава и со прашања на фекални и атмосферски канализации или обезбедување питка вода во селските населени места што припаѓаат во општината. За тоа што се работи и кои проекти се реализирани или се започнати, исто така пишува на сајтот на општина Гази Баба, потоа во ланскиот отчет на градоначалникот, но и во изјавата од пред неколку месеци кога означи почеток на нови проекти. Можеби таму ги нема набројаните на пресот на Каевски, но сосема е очигледно дека ни во Гази Баба не може да стане збор за „нула резултати“.

Доколку се погледнат уште неколку сајтови на општините, посебно поголемите, ќе се дојде до ист заклучок. Некаде повеќе, некаде помалку, но сепак далеку од „нула проекти“.

И за уште еден дел од пресот на Каевски. За новите зголемени даноци, сметки за јавните комунални претпријатија и слично.

Не треба да се заборави дека изборите беа одржани во октомври 2021 г.,  општинските власти беа конституирани во ноември и декември, а реално профункционираа во новата 2022 година. Освен ова, не треба да се заборави дека со самиот почеток на мандатите, сите општини почнаа да се соочуваат со огромните потешкотии со веќе зголемената цена на електрична енергија која ги урива(ше) буџетите на општините. За ова предупреди и нивната заедница ЗЕЛС уште во мај 2022 година. Во обид да се најде решение некои општини прибегнаа кон формирање сопствени јавни претпријатија за набавка на електрична енергија, па тоа наиде на предупредување од Регулаторната комисија за енергетика, па предлог за сопствени претпријатија за производство на електрична енергија, итн. Сето ова, како и инфлацијата, секако влијае на состојбата со буџетите на општините кои традиционално, со децении се претежно со големи долгови, со исклучоци, на пример, како Општина Кисела Вода. За ова најдетално зборуваше и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов во декември 2022 година, кога кажа дека зголемените трошоци за енергија на општините за 2022 изнесувале 1 милијарди денари, а намалените капитални расходи за 1,9 милијарди денари.

Веќе во мај годинава тој информира за подобра наплата на еден од најважните даночни приходи на општините, данокот на имот, кој во пилот проект на повеќе општини помогнат од странски донатори покажал резултат на зголемување на даночните приходи за 30-тина отсто за само шест месеци. Истиот министер многу често даваше изјави во јавноста дека даночните стапки на данокот на имот биле исти од времето кога тој во деведесетите години беше градоначалник на Скопје и јавно ги поттикнуваше градоначалниците да ги зголемат сопствените приходи и на тој начин.

Така што и ова тврдење на Каевски на прес-конференцијата е дискутабилно – поскапувањата на даночните приходи и до 300 отсто во некои општини за данокот на имот е оправдано и поддржано и од централната власт, која што впрочем уште во 2020 година пристапи кон измена на Законот за даноци на имот.

Поради сè погоре изложено, може да се оцени дека тврдењето на СДСМ коешто го изнесе Каевски за „нула резултати на градоначалниците на општините со кои управува ВМРО-ДПМНЕ за две години“ е невистина.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција