Ништо од ветениот попис, од последниот поминаа 18 години

Фото: Принтскрин колаж

Програмата за работа на Владата предводена од СДСМ, избрана од страна на Собранието кон средината на 2017 година, предвидува дека до 2020 година ќе биде спроведен попис на населението и домаќинствата, меѓутоа ова ветување досега не e исполнето:

Владата ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Податоците ќе им овозможат на државните институции, академската и бизнис заедница, граѓанскиот сектор вистинска анализа и креирање на политики во секоја сфера“

[Извор: „Програма за работа на Владата 2017-2020“, стр.20; датум: јуни 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Последниот попис во земјава се спроведе во поствоената 2002 година, кога пребројуавањето покажа дека во земјата има вкупно 2.022.546 жители, од кои како Македонци се изјасниле 64 отсто од попишаните, додека како Албанци се изјасниле 25 отсто, како Турци 3,8 отсто, како Роми 2,6 отсто итн. Оттогаш поминаа цели 18 години, но сè уште не е спроведен нов попис, иако стандардите на Евростат налагаат ваква статистичка операција да се спроведува на секои 10 години.

Инаку, во земјава имаше обид да се спроведе попис во 2011 година, поточно во периодот од 1 до 15 октомври, меѓутоа тој заврши неуспешно. Како што е познато, два дена пред почетокот на пописот, потпретседателот на Државната пописна комисија (ДПК), Абдулменаф Беџети поднесе неотповиклива оставка, по што неговиот чекор го следеа и четворицата членови Албанци и двајцата членови Турци во Комисијата. На крајот, се повлече и претседателката Весна Јаневска, која притоа обвини дека се подготвува пописен фалсификат.

Сепак, Владата не се откажа веднаш од намерата за спроведување на пописот, па за нова претседателка на ДПК ја назначи Валентина Гошева-Гиевска, а потпретседател стана актуелниот вицепремиер Бујар Османи. Па така, масовната статистичка операцијата се спроведуваше сè до 10 октомври, кога пописот беше прекинат со колективна оставка од Комисијата, чие тогашно образложение гласеше дека не се исполнети основните услови за понатамошна реализација на пописот, поради „нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со ЕУРОСТАТ…“.

За да ја покрие ваквата одлука, тогашната Влада веднаш подготви предлог-закон за прекин на пописот и го достави до парламентот, кој со мнозинство од гласовите на тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го усвои Законот во скратена постапка. Тогаш, опозицискиот СДСМ обвинуваше дека неодговорноста на власта и нејзините политички игри и калкулации и направија штета на државата од 14 милиони евра, колку што беа потрошени за пропаднатиот попис.

После политичките промени, пак, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага за пописот, во чии рамки првоосомничени беа тогашните коалициски партнери Никола Груевски и Али Ахмети, кои, според СЈО, преку злоупотреба на функцијата нанеле буџетска штета. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, тие се договориле да го прекинат пописот наводно поради технички причини, но во суштина нивната цел била да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба и на тој начин да се одржат на власт.

Засега, нема сигнали дека оваа истрага би одела во правец на подигнување на обвинителен акт пред судот, што ќе биде уште потешко откако беше усвоен новиот Закон за обвинителство, според кој „бомбите“ нема да претставуваат доказ за докажување на вина, туку само индиции за испитувања и проверки. Тоа е особено важно во овој предмет, бидејќи вината на Груевски и Ахмети би можела да се докаже единствено преку прислушуваните разговори.

Како и да е, во меѓувреме новата влада на СДСМ и ДУИ најави дека во нивниот мандат ќе се спроведе попис. Во  мај 2019 година директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски најави дека пописот ќе се реализира во април оваа – 2020 година, посочувајќи дека планирано е постапката за попис да заврши за 6 месеци и да чини 8,5 милиони евра за набавка на потребната опрема.

Според предлог-законот усвоен на Влада, пописот требаше да се спроведе преку таканаречен комбиниран модел, што впрочем значи дека истовремено ќе се попишуваат луѓе преку директни интервјуа на терен, но ќе се користат и базите на податоци креирани од институциите. Патем, се предвидуваше дијаспората да може да се попише на посебна веб-апликација, меѓутоа во населението ќе се бројат само оние кои престојуваат надвор помалку од една година.

Арно ама, додека се чекаше овој предлог-закон да биде изгласан од пратениците, политичките лидери се договорија да се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април, кога беше предвидено да се спроведе пописот. Но, поради пандемијата со коорона вирусот се одложија и изборите, чие одржување сè уште  не е дефинирано. Сепак, кога и да се одржат изборите, јасно е дека попис дефинитивно нема се спроведе ниту во мандатот на оваа Влада, така што ова ветување е неисполнето.

Со тоа, Република Северна Македонија и Украина остануваат единствените држави во Европа и едни од ретките во светот кои немаат направено попис повеќе од 10 години. Тие се заедно на листата со Конго, Сомалија, Ирак, Пакистан, Авганистан, Узбекистан… Заеднички именител за скоро сите нив е што немале попис од 2001 година, а последниот го закажуваат и презакажуваат од 2011 наваму.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција