„Нова ера“, или „живот за сите“ во Прилеп?

Зградата на Општина Прилеп Фото: Зоран Милошески

Неизвесна градоначалничка трка за Прилеп. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот градоначалник Марјан Ристески  од прилепчани го бара четвртиот мандат. Кандидатот  на СДСМ за прв човек на Прилеп, Илија Јованоски  е  специјалист ортопед, директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, а до неодамна беше координатор на советничката група на СДСМ

 

Пишува: Зоран Милошески

 

Изборната трка за градоначалник на Општина Прилеп  ја трчаат двајца кандидати: Марјан Ристески од ВМРО-ДПМНЕ и Илија Јованоски од СДСМ. Во  натпреварот за освојување на општинскиот Совет, пак, покрај партиите и коалициите кои стојат зад двајцата кандидати,  влезе и кандидатската советничка листа на партијата на Јанко Бачев, Народно движење за Македонија (НДМ).

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ристески, е актуелен градоначалник на Општина Прилеп кој од граѓаните го бара четвртиот мандат. Со години беше најмоќната локална политичка фигура на неговата партија и ја имаше поддршката на централното партиско раководство. Во изминатите 12 години Ристески отвораше индустриски зони, градеше  паркови, но му се забележува дека  го „шминкаше“ централното градско подрачје и вработуваше во јавната администрација.

 

lOK-IZB

Она што на Ристески му се става „на душа“ се и ветените, но нереализирани проекти, пред сѐ: неизградениот затворен базен ветуван во секој од трите мандати, фијаското со таканаречената „елитна населба Градина“, „Финското село“ и фабриката на „Дупонт“ во Мариово, училиштето во населбата Аличаир и градинките во Точила и Сточен пазар.

Сепак, се смета дека најцрните дамки во неговата кариера, се скандалот со исчезнатата сметководствена евиденција за побарувања од скоро 1,5 милиони евра, што било констатирано и од државниот ревизор, влезот на СЈО во Општина Прилеп поврзан со организацијата на „Пивофест“, постапките кои против него ги водат прилепското јавно обвинителство и Основниот суд, изречената парична казна од Министерството за култура заради поставување споменици без донесена Програма, прислушуваните разговори во кои прилепскиот градоначалник се заканува дека со „хилта ќе руши угостителски објекти“ во сопственост на партиски неистомисленици… Сето тоа е тежок багаж кој може да има важна улога на неделните избори.

За разлика од него, кандидатот на СДСМ, Јованоски во изборниот мегдан влегува без  хипотеки. Јованоски е  лекар, специјалист ортопед, директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“. До неодамна беше координатор на советничката група на СДСМ, претходно и претседател на Општинската организација на СДСМ.

      

НЕИЗВЕСНА ГРАДОНАЧАЛНИКА ТРКА 

Во целиот овој процес околу изборниот резултат не може да се игнорира улогата на „реформистите“ од ВМРО-ДПМНЕ . Не е докрај јасно дали и на кој начин тие ќе се вклучат во изборите. Нивниот официјален став е дека во ниеден случај нема да гласаат за Ристески, но прашање е дали тоа ќе значи нивна целосна апстиненција од изборите, или, пак, ќе се појават на гласачкото место и ќе го поништат гласачкото ливче. Со оглед на тоа што се очекува неизвесна борба со мала разлика во корист на едниот или другиот кандидат, прогнозите се дека големиот број неважечки ливчиња може да доведе и до втор круг.

Долгогодишната новинарка Моника Талеска, правејќи споредба на изборната понуда на двајцата градоначалнички кандидати во Прилеп вели:

На некој начин програмите им се блиски, но според мене,  кандидатот на СДСМ д-р Илија Јованоски има одредена предност бидејќи граѓаните пред себе имаат нова политичка фигура, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески има багаж од претходните мандати

Имено,  Ристески во програмата ветува и проекти кои во изминатите три негови мандати не успеал да ги реализира: училиште во населбата „Сточен пазар“, изградба на фудбалскиот стадион, гасификација на градот. Тоа на негобото конто носи негативни поени од граѓаните.

За разлика од него Јованоски го нема товарот на дадени, а нереализирани ветувања. Во својата изборна програма Јованоски нуди изградба на спортска сала, која истовремено би била центар каде би се третирале пациенти со сколиоза, трајно решение за чиста и здрава вода за пиење, изградба на две обиколници, решавање на проблемот со каналот во населбата Тризла…

Гледано од аспект на законската регулатива, изборната кампања за неделните локални избори помина без поголеми неправилности. Меѓутоа тоа не значи дека прилепчани имаа фер кампања спроведена по скандинавски терк. За сето време на траење на кампањата, на терен се случуваа градежни активности во режија на актуелната локална власт и јавните претпријатија. Тоа што Ристески се обидуваше да ги убеди медиумите и граѓаните дека станува збор за тековни и однапред планирани активности кои не се поврзани со претстојните избори, сепак беше само невешто релативизирање на работите.

Ако нешто со сигурност може да се тврди, тоа е дека во Прилеп ќе се случат најнеизвесните локални избори во последните 12 години. Дали кандидатот на СДСМ  Јованоски успеал да ги убеди граѓаните на Општина Прилеп дека токму тој е човекот кој ќе донесе „подобар живот за сите“, или пак во „новата ера“ прилепчани ќе влезат со стариот градоначалник Марјан Ристески, можеби ќе дознаеме  уште задутре – 15 октомври (2017). Или  пак, дилемата ќе се расчисти две недели подоцна – 29.10.2017, кога треба да се одржи вториот круг од локалните избори доколку изборот на градоначалникот не биде направен во првиот круг.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција