Објави на Фејсбук рекламираат лажен лек против хемороиди

Фото; Принтскрин видео Јутјуб

Хемороидите, иако се чести и се лекуваат, бараат соодветна медицинска дијагноза и научно докажани третмани. Препаратот против хемороиди кој се рекламира во објавата го нема во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД. Доктор Димитриј Пушкар, кој се споменува во текстот не постои во Северна Македонија, а пребарувањата нè водат до академик на Руската академија на науките. Во македонските медиуми неговото име се споменуваше кога во 2021 година беше објавено дека Русија го регистрирала својот прв лек против ковид-19

 

Хемороидите, иако се чести и се лекуваат, бараат соодветна медицинска дијагноза и научно докажани третмани. Препаратот против хемороиди кој се рекламира во објавата го нема во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД. Доктор Димитриј Пушкар, кој се споменува во текстот не постои во Северна Македонија, а пребарувањата нè водат до академик на Руската академија на науките. Во македонските медиуми неговото име се споменуваше кога во 2021 година беше објавено дека Русија го регистрирала својот прв лек против ковид-19

 

Повеќе објави на социјалната мрежа Фејсбук (тука, тука, тука, тука, тука и тука) тврдат дека постои лек кој ги лекува хемороидите веднаш и по првата употреба. Но објавите водат до уште една од многуте онлајн измами, на коишто се нудат наводно многу ефикасни лекови кои, всушност се непроверени и неодобрени за употреба.

Лекува веќе 99 % од хемороидите при првата употреба

Објавите водат до веб-страница на којашто има текст со сензационалистички наслов:

ОД ХЕМОРОИДИ ДО РАК – САМО ЕДЕН ЧЕКОР! Како навреме да препознаете закана? Интервју со познат македонски проктолог

Во долгиот текст којшто е реклама за наводен лек кој брзо и ефикасно лекува хемороиди, е претставен македонски доктор околу кој се креира цела приказна. Овој доктор е наречен Дмитриј Пушкар и се тврди дека има 30 годишно искуство и дека е:

Доктор на медицински науки, хирург, колопроктолог, проктолог, главен истражувач на Институтот за проктологија и Клиниката за проктологија и интервентна радиологија на Македонскиот научен центар.  

Она што веднаш треба да знаете дека ова е чиста измислица! Ваков доктор со вакво име и презиме не постои во Северна Македонија. Освен тоа, неговото име Дмитриј и неговото презиме Пушкар воопшто не се македонски. Пребарувањата на неговото име на Гугл нè водат до медиумски објави во коишто се споменува името Димитриј Пушкар, но тој е Русин и академик на Руската академија на науките. Во македонските медиуми неговото име се споменуваше кога во 2021 година беше објавено дека Русија го регистрирала својот прв лек против ковид-19.

Овој доктор, за којшто во текстот се тврди дека е Македонец, е претставен со фотографија на почетокот на текстот. Пребарувањето на таа фотографија на Гугл покажува дека тоа е познатиот рускиот доктор Дмитриј Јуриевич Пушкар, раководител на Катедрата за урологија, на Московскиот државен медицински универзитет, а не македонски доктор. Освен тоа, се тврди дека докторот е главен истражувач на Институтот за проктологија и Клиниката за проктологија и интервентна радиологија на Македонскиот научен центар. Ниедна од овие здравствени институции не постои кај нас.

Подолу во текстот се објаснува што се хемороиди кои се симптомите и ги заплашуваат читателите дека тоа доведува во рак на дебело црево. Потоа им се нуди магичен лек за нивниот проблем кој се нарекува HemoRenew, за кој се тврди дека е сосема природен, домашен лек, во чиј развој учествувале италијански и швајцарски медицински научници.

Во 2022 година беше направено револуционерно откритие кое брзо ја обновува функцијата на цревата, го елиминира воспалението, целосно ги отстранува хемороидите и значително го подобрува квалитетот на животот, пишува на рекламата.

Во текстот се тврди дека стручно мислење за овој лек дал Роланд Бухел, Заменик директор на Центарот за рак COLLO CANCER Цирих, но и ова не е вистина. На споделената фотографија во написот, всушност е доктор од Босна и Херцеговина, проф. Емир Солаковиќ.

Овој лек во земјава се продава само онлајн. Препаратот го нема во аптеките, само на интернет, каде се продава со попуст од дури 75 отсто односно намален од 4.800 на 1.200 денари. Притоа каде што е делот за нарачка, со големи бројки во црвена позадина пишува дека се останати само 18 парчиња од оваа крема. Препаратот против хемороиди кој се рекламира го нема во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

Иако се тврди дека лекот поминал низ клинички испитувања, дека е докажан низ пракса во Италија, Франција и Швајцарија, сепак пребарувањата на интернет воопшто не даваат резултати за овој препратат што е многу сомнително со оглед на тоа дека се тврди дека е многу ефикасен. Исто така, сомнително е што во текстот на некои места пишува дека станува збор за капсули, а на фотографиите е претставен крем.

Како крајна манипулација на корисниците, на веб-страницата најдолу има и измислени коментари од ботови кои ги споделуваат „позитивните ефекти“.

Хемороидите, иако се чести и се лекуваат, бараат соодветна медицинска дијагноза и научно докажани третмани. Користењето непроверени лекови може да доведе до неефикасни резултати или дури и штетни несакани ефекти. Секогаш консултирајте се со здравствени работници и повикувајте се на доверливи медицински веб-локации или рецензирани списанија за точни информации.

Ваквите дезинформации може да имаат сериозни последици, да наведат поединци да се откажат од докажаните медицински третмани во корист на недокажаните лекови, а со тоа потенцијално да ја влошат нивната состојба или да ја одложат соодветната нега.

Поради сите наброени манипулации и невистини, овој рекламен материјал којшто го рецензираме го оценуваме како измамнички и манипулативен.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција