Од Идризово директно во ТВ емисија

Од настапите на затворениците од „Диво насеље“ на ТВ емисиите во Албанија и Косово. Фото: принтскрин

 

На социјалните мрежи и пошироко во јавноста се појавија информации за телевизиски настапи на затворениците осудени за насилствата во кумановската населба  „Диво насеље“ и судирот со полицијата во 2015 година. ТВ настапите се однесуваа на емисии кои се емитуваат на ТВ станици во Албанија и Косово. „Вистиномер“ реши да провери што точно се случило

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Еден од најголемите судски случаи во Република Северна Македонија, случајот „Диво несеље“, и по неговата судска разрешница сѐ уште ја бранува јавноста. Случајот беше затворен со изречени седум доживотни затворски казни. На 13 обвинети им беше изречна единствена затворска казна во време траење од 40 години. Шестмина добија  20 години, еден обвинет 18, двајца 14 години затвор, други двајца 13, а  четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На 16 обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.

На доживотна казна беа осудени Анди Красниќи, Фејзулаки Фадуљ, Насув Бекири, Валдет Зекај, Бек Бајра, Фејзула Руштими и Деме Шеху. Сите овие седуммина неодамна повторно го свртеа вниманието на јавноста, гостувајќи во живо во две мошне популарни ТВ емисии од соседството. И тоа не било како, туку директно од затворската ќелија. Спротивно на сите правила на притвореничко и затвореничко однесување, тие многу слободно говореа за себе и за животот во затвор пред камерите на своите мобилни телефони, преку кои можеа да ги видат и слушнат илјадници гледачи.

Дали за овој „подвиг“ требало да знае затворската управа? Секако да. Но, не знаела, ниту, пак, побарале одобрение од неа. И нивниот адвокат не знаел, односно дознал откако се емитувала емисијата. Излегува дека вината му припаѓа секому, но и никому, бидејќи криумчарењето на телефоните е практика и во затворите во „Идризово“ и „Шутка“, а за тоа се реагира откако информациите ќе се пласираат во јавноста.

 

МОБИЛНО ТВ ШОУ

Во емисијата „Топ стори“, емитувана на телевизиската станица „Топ Ченел“ од Република Албанија е направена ретроперспектива за случајот „Диво насеље“. Во неа се говори за тоа како се случил истиот, кои биле реакциите на надлежните, при што се објавени и видео материјали од прислушуваните разговори. Во емисијата се појавуваат и лидерите на ДУИ  и Алијанса за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села, потоа адвокатот осудените Насер Рауфи, како и не било кој туку Мухамед Красниќи,  еден од осудените во овој случај, кој инаку директно се приклучува од затворот во Идризово!  Тој зборува за случајот, односно за, според него, манипулациите изнесени во јавноста, како и за недоволните докази иснесени на судењето. Во овој разговор го споменува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, односно неговото посредништво со ОБСЕ.

Нешто поразлично, односно во малку опуштена атмосфера можеше да се види и слушне од забавната емисија “N`Kosove Show” од продукцијата „Онима“ водена од Шпетим Даску, објавена на 24 мај, по повод Рамазан Бајрам, каде преку видео конекција од затворот во Идризово се приклучуваат затворениците од „диво насеље, односно  Мухамед Красниќи, Фатмир Речица, Генц, Сулејман Османи, Беким Кабаши, Насер Бајралиу, Фејзула Рушити, Фадил Фејзулахи, Бајрам Ершани. Во оваа емисија, која што е од забавен карактер затворениците зборуваат за тоа како им минуваат деновите в затвор, на кој начин се хранат, за тортурите што ги доживеале во времето на поранешниот премиер Никола Груевски, при тоа истакнувајќи дека оттогаш многу работи се смениле. Во емисијата осудените ги коментираат проблемите кои ги имале со Косовската амбасада во нашата земја, за тешкотиите за вадење нови документи, како и целокупната политичката ситуација во Косово.

 

ЗАДОЦНЕТА РЕАКЦИЈА

Кога ќе се погледнат овие две емисии навидум ништо ново и ништо различно. Но, сепак има едно, но, едно големо но што ја комплицира целата приказна. Интересно е да се гледаат забавни емисии и да се слушаат лични приказни, но кога станува збор за лица осудени на доживотен затвор, тоа ја комплицира целата ситуација од повеќе аспекти. Најнапред, поради фактот што тие се наоѓаат во затворски ќелии, од каде не би можело и не би смеело да биде овозможено никакво телефонско јавување. Уште помалку, јавување директно во ТВ емисија која има исклучително голема гледаност и која во моментот ја следат илјадници гледачи, што дополнително ја усложнува целата приказна од правен аспект. Познатиот скопски адвокат Звонко Давидовиќ за „Вистиномер“ вели дека ниту еден затвореник, ниту во „Идризово“ ниту во „Шутка“ не смее да има мобилен телефон.

Притворениците и затворениците немаат право да комуницираат со никого, освен со нивниот бранител, но и со него комуникацијата не се случува по мобилен телефон, бидејќи тие не смеат да имаат кај себе мобилни апарати, вели Давидовиќ кој додава дека единствено можно би било доколку има дозвола од Казнено-поправната институција „Идризово“, во што не верува.

Токму тоа го прашавме директорот на КПУ „Идризово“ Боби Мојсоски, кој беше информиран за емитуваните емисии на каналите во Косово и Албанија, при тоа потенцирајќи дека осудените лица за тоа немале никаква дозвола од нив.

Веднаш откако ја добивме информацијата направивме претрес, при што на лицата кои се наоѓаат во затворот, а кои учествувале во емисијата, им се одземени мобилните апарати. Според нашите информации емисијата е снимена порано, но тој ден е емитувана на ТВ каналот. Но, како и да е, тоа е недозволиво. За тоа ние веднаш реагиравме и го информиравме Министерството за правда, вели Мојсоски.

За овој, во најмала рака скандал, нивниот адвокат Насер Рауфи, кој, всушност, е еден од гостите во една од емисиите, за „Вистиномер“ вели дека за нивното гостување дознал откако емисијата била емитувана на телевизија.

Јас не ја гледав емисијата и за нивното гостување дознав откако емисијата беше емитувана. Од мене не е побарано одобрение, бидејќи јас не сум компетентен да давам одобренија. За тоа е задолжена затворската управа, вели Рауфи.

Веруваме дека КПУ „Идризово“ реагирале откако емисијата е емитувана и ги превзеле сите мерки, но, сепак јавна тајна е дека дел од притворениците и затворениците и во „Шутка“ и во „Идризово“ многу често поседуваат мобилни телефони, кои ги криумчарат по свои патеки. Реакцијата секогаш следува откако јавноста ќе ги слушне јавувањата на осудените лица.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција