#Одговорност е да се обезбеди вода за пиење за тетовци

 

 

Жителите на Тетово се жалат дека иако изградбата на водоводот во Тетово е завршена, сепак сè уште не е решен проблемот со недостигот од вода за граѓаните на овој регион. Сè уште не е завршена изградбата на пречистителната станица, за да се реши овој проблем дефинитивно.

Во текот на овие две децении, колку што трае проблемот со водоснабдувањето, жителите на Тетово од својот џеб, само за вода, платиле речиси 20 милиони евра. Секој граѓанин, до минатата година, во просек за вода плаќаше околу едно евро. Ако се има предвид дека Тетово има 80.000 жители, тие за вода издвојуваат 80.000 eвра месечно или нешто помалку од 1 милион евра годишно.

Овој износ е за еден и пол пати поголем од цената за изградба на новиот водовод, со кој конечно би бил решен проблемот со водата.

Граѓаните се револтирани од тоа што се должни да ги платат сметките за вода, а не ја добиваат потребната услуга. Најкритична е ситуацијата во повисоките делови на градот, каде што од чешмите вода воопшто не капнува. Во секое тетовско семејство, бурињата и наполнетите шишиња со вода се вообичаена слика.

Серија ветувања од министри и од градоначалници останаа неисполнети. Последното ветување на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, беше дадено во октомври годинава, при што таа рече дека вода низ славините на граѓаните ќе протече до крајот на годината, кога и се очекува да заврши изградбата на пречистителната станица.

За новиот водовод, Владата првично издвои средства од парите на граѓаните во 2002 година, во вредност од 145 милиони денари. Пет години подоцна, за првата фаза од изградбата на водоводот беа потрошени 1,5 милиони евра.

Во периодот 2009-2010 година, централната власт даде 50 милиони денари, пари на народот, за втората фаза од изградбата на водоводот. Последните две години Владата има одобрено 2 милиони евра пари на народот за овој проект. Истиот износ го има издвоено и актуелната локална власт преку буџетот на Општината и преку заем.
Нашите податоци говорат дека за две децении, властите одобриле и потрошиле околу 9 милиони евра за новиот водовод, пари кои се доволни за целосна реализација на проектот, а кој сè уште не е завршен.

 

Проблемот со недостигот од вода во Тетово трае две децении!

Ги плаќаат сметките за вода, а вода нема.

Потрошени се околу 9 милиони евра за водоводот, но вода нема.

Одговорност е да се обезбеди вода за пиење за тетовци

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција