Одржувањето на изборите врзано со траењето на вонредната состојба

Фото: meta.mk

Политичките лидери засега не можат да постигнат договор околу одржувањето на парламентарните избори, кои беа одложени поради здравствената ситуација со коронавирусот. Доколку во следниот период изостане политички договор, се поставува прашањето кога треба да се одржат изборите? Дали изборните рокови едноставно треба да продолжат веднаш по завршувањето на вонредната состојба, или, пак, изборниот процес треба одново да започне?

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, одржана веднаш по француското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ кон крајот на минатата 2019 година, политичките партии се договорија предвремени парламентарни избори да се одржат на 12 април годинава. Согласно овој договор, техничката влада за спроведување на изборите беше формирана на 3 јануари кога, всушност, Собранието ја избра преодната Влада на чело со дотогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Иако, изборниот процес веќе започна, а политичките партии дури поднесоа и листи со кандидати за пратеници до Државната изборна комисија, сепак, изборите закажани за 12 април беа одложени поради здравствената ситуација предизвиката од Ковид-19. Поточно, изборите беа одложени преку замрзнувањето на изборните дејства, врз основа на владина уредба со законска сила, која Владата ја донесе откако веќе беше прогласена вонредната состојба.

 

ОДЛОЖУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ПРЕКУ ЗАМРЗНУВАЊЕ

Со оглед дека Собранието веќе беше самораспуштено, додека спикерот Талат Џафери уште во старт одби да го свика, вонредната состојба ја прогласи шефот на државата Пендаровски на средината на март. Само неколку дена подоцна, Владата донесе уредба со законска сила со која се прекинуваат сите дејства во рамки на изборниот процес.

Со оваа Уредба Владата ја задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба. Уредбата исто така, определува задолжување за ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија, соопштија тогаш од Владата.

 

ДОГОВОР САМО ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Врз основа на оваа уредба, претставниците на владејачката СДСМ, меѓу кои и партискиот лидер Зоран Заев, тврдат дека изборниот процес продолжува по истекот на вонредната состојба, онаму каде што застанал пред таа да биде прогласена. Според него, изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, што би значело дека тоа треба да се случи на 21 јуни, ако се знае дека Пендаровски по третпат прогласи вонредна состојба на 15 мај, со времетраење од 14 дена.

Теоретски, можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да и нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза – порача Заев.

 

УСТАВОТ НАД УРЕДБАТА

Наспроти тоа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат различно правно толкување во однос на изборните рокови. Партискиот генерален секретар Игор Јанушев деновиве изјави дека Џафери треба да донесе ново решение за датум за избори, бидејќи, според него, рокот од 60 дена за избори од распуштање на Собранието е истечен. Јанушев посочува дека Владата со уредбата не можела да го замрзне рокот, бидејќи рокот е пропишан во Уставот и тоа е над уредба со законска сила.

Многу е релевантно прашањето во однос на 60 дена рок за одржување на изборите од распуштањето на Собранието. И, мора да признаеме дефакто дека тој рок истече бидејќи Собранието се распушти на 16 февруари, па 60 дена истекуваат негде на 16 април, односно неколку дена после денот на којшто требаше да се одржат изборите. Се наоѓаме во една ситуација во која што поради вонредната состојба, поради криза со коронавирусот едноставно и поинаку не можеме да постапуваме – рече тој.

ПРАВОТО НАСПРОТИ ПОИЛТИКАТА

Но настрана толкувањата на состојбите во поткрепа на одредена политичка позиција, што велат експертите?

Еден од најголемите авторитети кога е во прашање уставното право, пензионираниот универзитетски професор Светозар Шкариќ, објаснува дека политичките разговори и преговори  имаат политичка тежина, но немаат правно дејство. Според него, изборните рокови се дефинирани со Уставот и со владината уредба.

Изборите се веќе распишани и во уставен рок од 60 дена треба да се одржат. Поминаа 32 дена, остануваат уште 28 и тие продолжуваат истиот момент кога ќе престане вонредната состојба. Ако во тој рок не се извршат парламентарните избори, тогаш Уставниот суд може таквите избори, ако се пробие рокот, да ги прогласи за неуставни – вели Шкариќ.

Оттука, произлегува дека од уставно-правен аспект издржана е позицијата на власта дека изборниот процес е веќе започнат и тој ќе продолжи штом заврши вонредната состојба, од каде произлегува и утврдувањето на изборниот термин.

Сепак, доколку власта заедно со опозицијата постигне политички договор за одржување на изборите во термин што ги надминува роковите дефинирани со уредбата, тогаш, за да биде тој политички договор правно издржан, ќе мора дополнително да се продолжи вонредната состојба.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција