Oпштина Струмица не плаќала двојно поскап превоз од Битола
На 24.06.2016, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев, на прес-конференција , изјави дека:
….Општина Струмица плаќала двојно поскап превоз за ученици од Општина Битола…
[Извор:TВ Нова , Датум: 24.06.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на Пишев ја оценуваме како невистинита.
А, еве зошто. Изјавата на Пишев е во врска со случајот „Транспортер“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство, според кое постои основано сомнение дека градоначалникот на Општина Битола и претседателот на Комисијата за јавни набавки во договор со директорите на училиштата и раководните лица на неколку превозни компании нанеле вкупна штета на буџетот на РМ во износ од 360.000 евра, организирајќи превоз на учениците кој, како што изјави обвинителката Фетаи, „e најскап во светот и поскап од оној во Токио”.
Пишев на прес-конференцијата (24.06.2016) наведе три релации за кои Струмица, наводно, плаќала двојно поскап превоз за ученици од Битола. Релациите се Радовиш – Калуѓерица-Струмица, Нова Маала-Добрашинци-Струмица и за Злеово – Струмица. За првата релација, Пишев го вели следново:
За релацијата Радовиш-Калуѓерица-Струмица во должина од 34 километри, Општина Струмица плаќа неверојатни 230 денари по ученик, а за исто толку долга релација Битола- Бучин, Општина Битола плаќа 94 денари или скоро два ипол пати помалку од Општина Струмица и Зоран Заев.
Истиот ден (24.06.2016), Општина Струмица ја демантираше изјавата на Пишев и го објави Договорот за јавна набавка за организирање на превоз на учениците во средните училишта за учебната 2015/2016 и 2016/2017 година во Општина Струмица. Со Договорот се регулира јавна набавка на превоз на ученици за релации Радовиш-Калуѓерица-Струмица и обратно. Во член 2 од Договорот е наведено дека единечна цена во двата правци изнесува 71 денар до Радовиш и 57 денари до Калуѓерица по ученик и дека цената е постигната по одржана електронска аукција. Во Договорот е наведено и дека единечната цена на превоз по ученик е непроменилива (Член 1).
Со Договорот се потврдува дека изјавата на Пишев дека Струмица плаќа двојно поскап превоз од Битола е невистинита.
ИЗВОРИ:
- ТВ Нова (24.06.2016): Пишев: Струмица плаќала поскап превоз и од Токио [Пристапено на: 27.6.2016]
- Тајм.мк (24.06.2016): Струмица плаќала поскап превоз и од Токио [Пристапено на: 27.6.2016]
- Oпштина Струмица (24.06.2016):Реакција на Општина Струмица на прес конференцијата на пратеникот Васил Пишев [Пристапено на: 27.6.2016]
- Договор за јавна набавка за организирање на превозот на учениците во средните училишта за учебната 2015/2016 и 2016/2017 година во општина Струмица [Пристапено на: 27.6.2016]
- Специјално јавно обвинителство: Соопштение од 14.04.2016 [Пристапено на: 27.6.2016]
- Mета.мк (16.06.2016): Талески во куќен притвор, одлучи Кривичниот совет [Пристапено на: 27.6.2016]
- Утрински весник (14.04.2016): Јанева отвори нов случај “Транспортер” [Пристапено на: 27.6.2016]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар