Отворен е ветениот затворен пазар во Кисела Вода

Новиот затворен пазар. Фото: Општина Кисела Вода/веб

На местото на стариот нестандарден полуотворен пазар во Општина Кисела Вода, зад некогашното старо кино, изграден е современ, стандардизиран затворен објект со површина од 250 квадрати на кој се сместени 16 тезги. Со тоа, едно од ветувањата на Орце Георгиевски, како кандидат за градоначалник пред локалните избори во 2021 година е исполнето

На местото на стариот нестандарден полуотворен пазар во Општина Кисела Вода, зад некогашното старо кино, изграден е современ, стандардизиран затворен објект со површина од 250 квадрати на кој се сместени 16 тезги. Со тоа, едно од ветувањата на Орце Георгиевски, како кандидат за градоначалник пред локалните избори во 2021 година е исполнето

 

Обновено: Репортерска проверка на терен извршена на 17.01.2023 покажа дека објектот се уште не е приклучен на електро мрежата. Според информациите од пазарџиите, а нивните се од општината, проблемот е од административна природа со ЕВН и дека наскоро ќе бил решен

 

Ветување: Затворен пазар во Кисела Вода

[Извор:Предизборна програма на Орце Георгиевски (стр. 19); Датум: октомври 2021 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Георгиевски, во предизборната кампања за локалните избори во 2021 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во неговата програма помеѓу другите проекти на стр. 19,  вети дека ќе изгради затворен пазар во Кисела Вода. Една година откако Георгиевски е избран на функцијата градоначалник на една од најголемите скопски општини, ова негово ветување  е исполнето.

На веб-сајтот на Општината, на 27.12.2022 година може да се најде информацијата дека е пуштен во употреба затворениот пазар, кој се наоѓа на локација на дотогашниот импровизиран отворен покриен пазар некаде зад поранешното кино Кисела Вода и веднаш спроти една од продавниците на ланецот маркети Тинекс.

Внатрешноста на пазарот. Фото: Општина Кисела Вода/веб

Пазарот е изграден во експресно време во заедничка соработка со Министерството за локална самоуправа кое одвоило две третини од неопходните средства, а со една третина учествувала самата Општина од сопствениот буџет. Во објавата на сајтот на општината меѓу другото се вели:

Се работи за простор на површина од 250 квадратни метри, во кој се поставени 16 тезги. Лоциран е на местото од поранешниот див пазар кој функционираше во субстандардни услови. Новиот современ објект е граден по сите стандарди и прописи и ја надополнува естетиката на центарот на Кисела Вода, каде егзистираат Домот на култура “Билјана Беличанец” и паркот “Македонија”…

… Би сакал да се заблагодарам на Министерството за локална самоуправа кое ги препозна нашите заложби за унапредување на условите за жителите на Кисела Вода и за реализација на овој пазар, влезе во финансиско партнерство со Општина Кисела Вода. Проектот е вреден 13 милиони денари, а од нив 9,8 милиони денари се обезбедени токму од Министерството за локална самоуправа. Воедно, сакам да упатам и голема благодарност до советникот од Советот на Општина Кисела Вода, Јане Петковски од редовите на ЛДП, за заложбите за реализација на проектот – изјавил Георгиевски.

Според информациите од Кисела Вода, пазарот е изграден за 100 дена од почеток на градежните работи. Вкупно, за отприлика една година откако е дадено ветувањето и откако Георгиевски е на функцијата градоначалник на Кисела Вода.

Георгиевски беше гостин и на „Утринска на Телма“ на 11.01.2022 година, каде што кажа и други детали околу урбанистичкото решение и како тоа е вклопено со Домот на културата „Билјана Беличанец“, во којшто наскоро ќе профункционира и кино, нешто што граѓаните на Кисела Вода го немаат најмалку три децении.

Поради овие аргументи може да се оцени дека ветувањето на Георгиевски за изградба на затворен пазар во Кисела Вода е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција