Пендаровски е во право за доделениот мандат, а Уставот би требало да се допрецизира

Стево Пендарвоски. Фото: Веб сајт на Претседател на РСМ

 

На прес конференција на 13.08.2020 Претседателот на државата, Стево Пендаровски, даде изјава која по проверката ја оценуваме како вистинa:

…Што требаше јас да направам? Да го земам мандатот и да го чувам во фиока? Во таква ситуација јас го кршам Уставот. Затоа што членот 90 (од Уставот) вели Претседателот е должен да го даде мандатот. Должен, повторувам, нема опција. Не како му се чини. Мора да го даде…

[Извор: ТВ 21/ФБ-изјава на Претседател на РСМ – датум: 13.08.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на РСМ, Стево Пендарвоски, на прес конференција по доделување на мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и по објаснувачките разговори со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде образложение зошто му го доделил мандатот на Заев, при што изрече суштинско образложене, кое што го оценуваме како вистина.

Објаснувањето на Пендаровски, што го издвоивме од неговотo обраложение, се базира на постоечкиот член 90 од Уставот на РСМ, кој не е изменет од првата верзија на Уставот и чиј што став еден гласи:

Претседателот на Република Северна Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Може да се види дека зборот „должен“ и тоа „во рок од десет дена“, е навистина јасна одредба во Уставот.

Она што остава можеби простор за толкување е вториот дел од реченицата на оваа уставна норма: „…да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.“

Бидејќи политичката пракса, како што појасни Пендаровски, досега покажала дека само двајца мандатари во 30-годишното спроведување на Уставот го вратиле мандатот, Петар Гошев, како кандидат на СДСМ во раните деведесетти години од минатиот век и Никола Груевски во 2017 година, овој став од членот на Уставот досега не се сметал за поголем проблем. Во двата случаи е постапено на различен начин. Во првиот, во 1992 година претседателот Киро Глигоров, откако Гошев го врати мандатот, односно соопшти дека не успеал да состави влада, му го довери на вториот кандидат од истата партија, претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, со образложение дека таа партија имала обезбедено мнозинство.

Обжалената одлука на ваквата одлука од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 1992 година, во септември  Уставниот суд ја отфрлил, односно не расправал, од формални причини:

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, да штити одделни слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, да одлучува за одговорноста на Претседателот на Републиката, како и за други прашања утврдени со Уставот.

Со оглед на тоа што оспореното дејствие односно акт не претставува пропис или друг општ акт во смисла на член 110 од Уставот, ниту со иницијативата се бара заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во алинеја 3 на овој член од Уставот, ниту, пак, постои барање за одговорност на Претседателот на Републиката во смисла на член 87 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Вториот случај е оној со Груевски од 2017 година. На 9-ти јануари тој добива мандат од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов без да достави гаранција дека има мнозинство и по 20 дена го враќа мандатот. Овој пат Иванов, по поголем притисок од општатата и стручна јавност му го доверува на Заев, но бара заверени потписи на 61 пратеник како гаранција дека Заев има мнозинство.

Во сите други случаи, мнозинството не било проблем и тоа се знаело уште со конституирањето на Собранието или со објавувањето на коалиционо мнозинство за составување влада.

Но, како што може да се види од членот 90 од Уставот, таму не пишува како претседателот на државата треба да знае кој кандидат на партија или партии имаат мнозинство, значи никакви детали за некакви заврени потписи или слично, а не пишува ни збор за тоа каква е процедурата ако мандатарот по 20 дена не успее да состави Влада.

Сето тоа досега се одвивало на начин на толкување на Уставот од страна на претседателот на државата или на некакава политичка пракса од дел од современите демократии во светот. Оттука, а поради веќе појавените конфликти на политичката сцена во земјата и тоа веќе трет пат во изминатите 30 години, се наметнува како итно прашањето за промена на Уставот во овој дел, со цел тој да биде попрецизен и да не остава простор за прешироко толкување.

Зашто, како што вели Пендаровски, зарем треба мандатот да го држи во фиока и да не го додели во рок од десет дена, а никаде не пишува на кој начин треба да е сигурен дека еден од кандидатите за мандатар има обезбедено најмалку 61 глас. Во таков случај, Претседателот ќе биде тој што ќе го прекрши Уставот и ќе доведе до политичка криза.

Поради погоре наведените аргументи, може да се оцени дека образложението на Пендаровски што го разгледуваме е вистина, без оглед што тоа не значи дека не постои можен конфликт околу толкувањето на оваа одредба од Уставот. Зашто, сѐ досега, како што е покажано погоре во текстот, било оставено на претседателот на државата да го толкува и спроведува членот 90 од Уставот, кој спаѓа во неговите должности.

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција