Пендаровски нема улога во тетовските и гостиварските настани
Професорката Гордана Силјановска – Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори, во дебатата со претседателскиот кандидат на владејачката коалиција Стево Пендаровски, ја искажа и следната невистина:
Во 1997 година како шеф на аналитика во МВР можеби и ја потпишавте наредбата за акциите во Тетово и Гостивар…
[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати – МРТ1, Датум: 25.04.2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Професорката Гордана Силјановска-Давкова ова невистинито тврдење го кажа зборувајќи во контекст на тоа дека Стево Пендаровски, според неа, имал важна улога во настаните во Радолишта, Тетово и Гостивар во периодот 1995-1997 година.
Од биографијата на Пендаровски, објавена на веб-страницата на Владата, се гледа дека тој бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството во периодот 1998-2001 година. Што значи во периодот кога се случиле овие настани (1995 -1997) тој воопшто не бил на таква висока позиција во Управата за аналитика.
Но, што е многу поважно, Секторот за аналитика прави проценки и опсежни анализи за даден конкретен случај или за генералните состојби во државата, по што тие анализи ги разгледуват други служби и функционери во министерството, вклучувајќи го и министерот, а дури потоа се носи одлука како ќе се постапува понатаму. Фактички, одлука за полициски интервенции и акции воопшто не носи началникот на аналитика, туку министерот заедно со својот колегиум во кој, меѓу другите, се и директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање.
За тоа кој е надлежен за носење вакви одлуки може да се види во Законот за внатрешни работи и во подазконските акти, објавени на веб-страницата на МВР.
Ова тврдење на Силјановска-Давкова го демантираше и самиот Пендаровски, кој во репликата кажа дека началникот на аналитика воопшто не потпишува одлуки за полициски акции.
Имајќи го сето ова предвид, изјавата на Силјановска – Давкова ја сметаме за невистинита.
Инаку, не е првпат професорката Силјановска-Давкова да го обвини Пендаровски дека своевремено имал улога во настаните околу Тетовскиот универзитет – немирите во Мала Речица и интервенцијата на полицијата, како и во гостиварските немири од 9 јули 1997 и апсењето на Руфи Османи. Таа истото тврдење го искажа и во дебатата на МРТ (12.04.2019), пред првиот круг од претседателските избори. „Вистиномер“ и тогаш правеше анализа на оваа нејзина изјава и ја оцени како невистинита.
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на Владата : Стево Пендаровски, Национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО[Пристапено на: 25.04 2019]
- Веб-страница на МВР: Органограм на Министерството за одбрана [Пристапено на: 25.04 2019]
- Веб-страница на МВР: Легислатива – Закон за внатрешни работи и подазконски акти [Пристапено на: 25.04 2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар