Почнува зголемувањето на надлежностите на локалната самоуправа
Во предизборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија“ од 2016 година се наоѓа следното ветување чија реализација е во тек:
Поаѓаме од фактот дека не се искористени потенцијалите на локалната самоуправа за развој на земјата и дека нема демократија без развиена локална самоуправа. На општините им пренесуваме нови надлежности и многу повеќе финансиски средства за успешно извршување на доверените надлежности и за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија 2016 (стр.163), датум: декември 2016 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ во предизборната 2016 година на вонредните парламентарни избори во делот на локалната самоуправа, како и некои ветувања дадени во предизборната кампања за локалните избори во октомври 2017 година, започнуваат со реализација.
Со вчерашното предавање на софтверската апликаџија за е-градежно земјиште од страна Министерството за транспорт и врски во посед на Заедницата на локалните самоуправи – ЗЕЛС, се извршува трансфер на значајна надлежност околу решавање на сите процедури во врска со поседот на земјиштето и неговата легализација за да може на тоа земјиште да се гради, било од граѓаните било за потребите на стопанството.
Пренесувањето на надлежностите кон локалните самоуправи овозможува додемократизација на Република Македонија. Убедени сме, дека преку еден ваков механизам, со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Република Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво“ – изјави премиерот Зоран заев кој присуствуваша на церемонијата на примопредавањето.
Зголемувањето на надлежностите на локалната самоуправа е предвидено и со Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година:
Поаѓаме од фактот дека не се искористени потенцијалите на локалната самоуправа за развој на земјата и дека нема демократија без развиена локална самоуправа. Владата ќе води политика на пренесување нови надлежности и многу повеќе финансиски средства на општините за успешно извршување на доверените надлежности и за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните (стр. 56)
Имајќи го предвид ветеното и она што вчера се случуваше со примопредавањето на една значителна надлежност од страна на централната кон локалната власт, како и она што е најавено како натамошна активност на централната власт во текот на годинава (подигање кредит за отплата на долговите на општините, јакнење на нивните капаците за да до крајот на 2018 година бидат оспособени само да раководат со развојот на образованието, здравството и социјалната политика), оценката на „Вистиномер“ е, дека дел од ветувањата во поглед на локалната самоуправа на владејачката партија, се во тек на реализација.
ИЗВОРИ:
- Влада на РМ – Премиерот Заев на предавањето на системот е – градежно земјиште...-[проверено на 14.03.2018]
- Влада на РМ – Програма за работата на Владата за периодот 2017-2020 …-[проверено на 14.03.2018]
- СДСМ – Предизборна програма „План за живот во Македонија“ -[проверено на 14.03.2018]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар