Замрзнување на дел од ЕУ средствата претставува сериозна санкција
Суспендирање на дел од фондовите на ЕУ може да биде поради несоодветно управување со фондовите од страна на државните органи, но и во случаи на сериозно нарушена политичка стабилност и непочитување на демократските постулати. Оттука се заклучува дека мерката на ЕУ за замрзнување на дел од средствата од ИПА е сериозна санкција, финасиски укор со исклучителна политичка тежина
Суспендирање на дел од фондовите на ЕУ може да биде поради несоодветно управување со фондовите од страна на државните органи, но и во случаи на сериозно нарушена политичка стабилност и непочитување на демократските постулати. Оттука се заклучува дека мерката на ЕУ за замрзнување на дел од средствата од ИПА е сериозна санкција, финасиски укор со исклучителна политичка тежина
Пишува: Милена Јосифовска
Во изминатава деценија, Европската унија, преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и другите достапни програми, фигурира како најголем донатор во Македонија. Според податоците, во периодот од 2007 до 2013 година алоцирани се вкупно 622,4 милиони евра, а со новата финансиска перспектива ИПА 2 за период 2014-2012 алокацијата изнесува вкупно 664, 2 милиони евра. Она што е важно да се потенцира е дека станува збор за неповратни средства, чиј износ е значително поголем од заемите овозможени од меѓунардоните финансиски институции (Графикон 1). Ако дополнително се земат предвид и податоците со кои располага ОЕЦД за вкупна развојна помош, овозможена во форма на грантови од билатерални и мултилатерални донатори, се потврдува дека најголем износ на донации во форма на неповратни средства доаѓаат токму од Европската унија.
Графикон 1 – Износ на ЕУ фондови наспроти заеми од меѓународни финансиски институции (извор: ОЕЦД/ДАЦ Датабаза – aidflows.org)
МОНЕТАРНО И СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ НА ЕУ – ИПА ФОНДОВИТЕ
Значењето на овие фондови произлегува не само од финансискиот обем, туку и од суштината насочена кон реформи за усогласување со стандардите на Европската унија. ИПА се програмира во комплементарност со 37-те поглавја од acquis communautaire, односно се согледуваат недостатоци во делот на политичките, економските критериуми, способноста да се преземат обврските од членство, административниот капацитет, при што помошта во вид на проекти се насочува таму кај што ќе се увиди дека е најпотребна.
Табела 1 – Годишна алокација на ИПА средства по компоненти (извор: MIFF 2011-2013, IPA II)
Апсорпционите капацитети за користење на средствата од ИПА фондовите поради опсегот на темата може да биде предмет на посебно детално истражување. Според анализите спроведени за искористување на програмата 2007-2013 година, Македонија искористила 37% од алоцираните ИПА средства.
Претпристапниот период за земјите кандидати се оценува како најповолен од аспект на финансиски бенефит од фондовите. Земјите кандидати ги користат ИПА фондовите, но не придонесуваат во буџетот на ЕУ. Со пристапувањето кон унијата се отвораат други фондови наменети за земјите членки, чија поширока цел е намалување на разликите со постарите земји членки, но тогаш секоја земја членка придонесува кон буџетот на унијата.
САНКЦИИ ОД ЕУ ИЛИ НАМАЛУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА?
На 02.07.2016 година портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ потврди дека ЕК скратила над 27, 1 милиони евра од ИПА програмата за 2016 година. Таа потврди дека стопирањето на овие средства се должи и на неисполнување на општите реформски обврски на Македонија, како резултат на влошениот политички контекст во земјата.
Ако се земе предвид дека средствата се суспендираат од компонентата која е наменета за демократија, владеење на правото и фундаментални права, пораката е јасна. Се намалуваат средства во онаа област каде земјата најмногу назадува. Веднаш потоа Владата реагираше со сосема контрадикторна изјава. Дека не станува збор за санкции, туку за намалување на програмските средства поради кризата наметната од опозцијата, а се споменува и надворешниот фактор, односно рестрикциите кои се должат на новиот инструмент ИПА 2.
Колку е оваа изјава издржана? Каква е европската политика по однос на санкциите? Санкциите или рестриктивните мерки се дел од надворешната политика на ЕУ и можат да бидат насочени кон земји, влади, ентитети и физички лица. Целта е да се делува превентивно во насока на подобрување на одредени политики или процеси. Санкциите се имплементираат во форма на ембарго, забрана за влез во земји членки на ЕУ, стопирање на извоз/увоз на стоки, стопирање на инвестиции, финансиски трансакции и кредити и замрзнување на средства на одредени фирми и индивидуи. Во моментов, некои од земјите кон кои ЕУ има спроведено санкции се Авганистан, Иран, Ирак, Белорусија, Сирија, Северна Кореа, Украина, Русија.
Досега во регионот праксата бележи суспендирање на дел од ЕУ фондовите во Романија во 2015 година во износ од дури 1 милијарда евра поради финансиски нерегуларности при управување со истите. Во Бугарија во 2008 година дури 500 милиони евра од европските фондови беа замрзнати поради корупција и организиран криминал. Во Босна и Херцеговина во 2013 година имаше суспендирање на дел од фондовите на ЕУ поради извесни случаи на непочитување на малцинските права. Најрестриктивни санкции ЕУ има кон Русија поради руската интервенција во Украина. Станува збор воглавно за економски санкции (забрана за извоз и увоз), прекинување на развојните фондови за Русија, прекин на аранжманите за заеми од ЕИБ и ЕБРД, и тн.
Овие случаи потврдуваат дека суспендирање на дел од фондовите на ЕУ може да биде поради несоодветно управување со фондовите од страна на државните органи, но и во случаи на сериозно нарушена политичка стабилност и непочитување на демократските постулати.
Оттука се заклучува дека мерката на ЕУ за замрзнување на дел од средствата од ИПА е сериозна санкција, финасиски укор со исклучителна политичка тежина. Санкциите не смеат да бидат ниту потценети, ниту погрешно интерпретирани. Колку и да се оценува улогата на ЕУ во решавањето на кризата во Македонија како анемична, патоказот за развој на земјата поддржан со значителна финансиска помош веќе две децении доаѓа од ЕУ. Евроскептицизам и евроцинизам во услови во какви се наоѓа Македонија е погубен и за сегашноста и за перспективите на идните генерации.
ИЗВОРИ:
- Aidflows.org
- OECD – DAC
- Instrument for Pre-Acession (IPA II)
- Multi-Annual Indicative Financial Framework
- Analysis of the use of IPA Funds – European Policy Institute
- Reuters: EU Threatens Sanctions Over Macedonian Crisis (21.04.2016)
- EU External Actions – Sanctions Policy
- EU – Restrictive Actions (Sanctions) in force
- How EU Sanctions Work
- Мета.мк (02.07.2016): Владата смета дека кратењето на ИПА-фондовите не е санкција од ЕУ
- Телма телевизија (02.07.2016): Брисел потврди-суспендирана е помошта за Македонија, нема да има нова
- Independent.mk (30.01.2014): Absorption of IPA Funds in Macedonia at 37 Percent
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар