Поповска: Кандидатските листи на ВМРО ДПМНЕ се замајување за наивните луѓе и за членството

Лилјана Поповска - претседателка на ДОМ. Фото: скриншот

Пратеничката Лилјана Поповска, која е и претседател на политичката партија ДОМ, запрашана околу значењето на поднесувањето кандидатски листи од ВМРО ДПМНЕ за изборите закажани на 5-ти јуни изјави:

… Практично градење позиција пред преговорите кои што ќе почнат на едно друго ниво. Јас би рекла и врзување на уште еден јазол во серијата јазли кои што ВМРО ДПМНЕ ги врзува на ортомчето на Македонија, за да може да се занимава цело општество со уште еден јазол дека ВМРО ДПМНЕ, еве, решило да оди на избори. А, сите знеме и гледаме, дека услови за избори нема, ниту може да има, и нема логика една партија да се натпреварува сама со себе…Ова е замајување на наивни луѓе и манипулација со оние искрени членови на ВМРО ДПМНЕ кои што можеби не се доволно информирани, држејќи ги и натаму во некоја состојба на привидна нормалност, дека се е нормално во државата, и еве само што не сме ја докажале нашата вистина…“

[Извор: ТВ Телма – Топ тема (Од 2’54”-4′.16”) – Датум: 11.05.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателката на партија ДОМ и пратеничка Љилјана Поповска, гостувајќи на емисијата Топ тема на телевизјата Телма, запрашана дали поднесувањето на кандидатските листи до Државната изборна комисија (ДИК) од страна на ВМРО ДПМНЕ знaчи дека ќе има избори на 5-ти јуни или е само градење подобра преговарачка позиција, даде точна изјава дека станува збор за подобра преговaрачка позиција.

Поповска, притоа, образложи уште еднаш дека на сите им е познато дека услови за одржување на избори според Договорот од Пржино нема, затоа што минимумот се прочистен избирачки список потврден од членовите на ДИК и потпишан и од претседателот, и реформи на медиумите, а тоа не е сторено, а потсети и на апсурдна позиција во која на повеќепартиски демократски избори, една партија (ВМРО ДПМНЕ) треба да се натпреварува сама со себе.

Притоа, таа не спомена во воведниот дел, дека не е исполнет уште еден услов, а тоа непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство, клучен елемент од Договорот од Пржино, што е уште една причини за констатирање дека условите за избори не се исполнети.

Но, можеби најважно од сите причини што можат да се наведат во поткрепа на изјавата на Поповска, е одлуката на Извршниот и на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, дека го подржуваат раководството на партијата да ги поднесе кандидатските листи, предводени од лидерот на партијата Никола Груевски, но истовремено да му даде одврзани раце за продолжување на преговорите за излез од политичката криза.

Ова образложение го даде во изјавата пред ДИК на 11.05.2016 година во доцните вечерни часови претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, Владимир Нелоски, кој заедно со двајца свои сопартијци беше задолжен да ги поднесе кандидатските листи.

Исто така, Извршниот комитет и Централниот комитет на нашата партија, одлучија да го поддржат нашиот преговарачки тим да продолжи со преговорите за излез од оваа политичка криза во која што Социјал демократскиот сојуз ја воведе нашата земја

Познато е дека рокот за поднесување на кандидатски листи до ДИК за изборите закажани за 5-ти јуни истече на полноќ, на 11, спрема 12-ти мај. Законска можност за поднесување на листи на други политички партии не постојат, освен ако не се поништат роковите или со одлука на ДИК или со одлука Собранието наРМ, т.е. со одлука на претседателот на Собранието Трајко Вељановски, кој ги распиша изборите со споменатиот датум. Оттука, зошто преговрачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ би добил поддршка од ИК и од ЦК на партијата да продолжи со преговорите во кои се инволвирани другите три најголеми политички партии во земјата, СДСМ, ДУИ и ДП, плус претставниците на меѓународната заедница?

Единствената логика за продолжување на преговорите во ваков формат, е донесување нови одлуки за излез од политичката криза, која треба да заврши со одржување фер и парламентарни избори на кои ќе учествуваат сите поголеми и помали политички партии. Тоа го налага и Договорот од Пржино, според кој беа одредени и датумите, прво, 24-ти април, а во февруари годинава таа одлука се преиначи за 5-ти јуни. Но, поради непостоење услови три од четирите партии,  не поднесоа кандидатски листи во текот на вчерашниот ден. (Освен ВМРО-ДПМНЕ листи во ДИК поднесоа и два – три „сателити“ на владејачаката партија).

Преговрачкиот процес продолжува. Во Македонија, денеска на 12.05.2016, допатува и преговара со партиите и германски амбасадор, кој е специјален пратеник на шефот на германската дипломатија, а преговорите ги води со помош и согласност и од Брисел и од Вашингтон. На овие преговори кои што ќе траат два дена, учествуваат сите политички партии. Целта е да се изнајде решение и да се анулира 5-ти јуни како датум за избори, покрај другите елементи, меѓу кои и прашањето за аболицијата на Иванов и нејзиното повлекување.

Оттука, цениме дека изјавата на Поповска дека поднесувањето на кандидатските листи е само потег  за изградба на подобри преговарачки позиции, замајување за наивни луѓе, но и за искреното членство на ВМРО ДПМНЕ, е вистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.