После бројни задоцнувања, напролет ќе започне изградбата на дел од автопатот Скопје-Блаце

 

Ветување: Изградба на патот Скопје-Блаце

[Извор: Изборна програма на ДУИ за парламентарните избори 2016 – датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на ДУИ за предвремените парламентарни избори 2016 година, во делот „Транспорт”(стр.3), е дадено ветување за изградба на патот Скопје-Блаце. Иако патот треба да започне да се гради напролет, бидејќи веќе е потпишан договор во Владата за изградба на дел од овој автопат, ова изборно ветување го оценуваме како во тек.

На 16.01.2019, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, се потпиша Договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје-Блаце. Договорот го потпишаа директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов и генералниот директор на А.Д. Гранит, Зоран Милковски, а на потпишувањето присуствуваа двајца членови на претходната влада – заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во улога на координатор за проектот Скопје-Блаце, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески,

Тогаш, вицепремиерот Бујар Османи рече дека од Скопје за Приштина ќе се стига за помалку од еден час:

Проект е од особено стратешко значење за земјата и целиот регион. Верувам дека многу брзо Приштина и Скопје ќе бидат поврзани со модерен автопат, по кој патувањето ќе трае помалку од 45 минути. Овие две главни градови ќе станат најблиски во регионот, обезбедувајќи можност за луѓето, стоките и нова клима за соработка меѓу државите и народите.

Градежните работи на терен се очекуваат да започнат претстојнава пролет, при што од ЈП за државни патишта очекуваат во периодот април-јуни 2020, да се распише и тендерот за избор на изведувач што ќе ја гради втората фаза од автопатот Скопје-Блаце. Двата километри ќе се градат од компанијата “Гранит”, ќе чинат околу 12, 2 милиони евра, а се очекува да влезат во употреба за 18 месеци. Но, допрва треба да се направи експропријација на 68 парцели. Земјиштето ќе се откупува по различни цени, при што максималната достигнува до 50 евра за метар квадратен.

За втората фаза од целокупната траса, долга 12,5 километри, треба да се изработи проектната документација. Изградбата на целиот автопат Скопје-Блаце се очекува да чини околу 110 милиони евра. Минатата пролет во Косово беше пуштен во употреба автопатот Арбен Џафери во должина од 65 километри. За него беа потрошени околу 705 милиони евра.

Со ова образложение, ова ветување на ДУИ за изградба на автопатот го оценуваме како во тек.

ИЗВОРИ:

Оцени: Дрилон Салиу

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.