Какви индиции за можни кривични дела ќе испливаа на површина ако Ставрески се појавеше пред Анкетната комисија

Петре Шилегов и Зоран Ставрески. Фото: СДСМ/Влада на РМ

 

Кои прашања имаше намера претседателот на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Петре Шилегов, да му ги постави на министерот за финансии, Зоран Ставрески на седницата на која тој не се појави. Познат скопски адвокат ни помогна да разгледаме дали во прислушуваните разговори, на кои се однесуваат овие прашања, има или нема индиции за прекршување на македонските закони и кои се тие закони.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Претседателот на собраниската Анкетна комисија за скандалот со прислушуваните материјали, Петре Шилегов, деновиве јавно ги објави прашањата кои требаше да му ги постави на министерот за финасии Зоран Ставрески. Седницата и сведочењето не се одржаа затоа што Ставрески не сакаше да зборува јавно. На тоа реагираше Шилегов, кој изјави дека седницата ќе се одржи само кога министерот за финасии ќе сведочи пред јавноста.

Сепак, Шилегов ги објави прашањата кои биле планирани да му се постават на Ставрески. „Вистиномер“ консултираше познат самостоен адвокат од Скопје, чија специјалност е кривичното право, кој е упатен во правните аспекти поврзани со прислушуваните разговори и кој бил бранител на обвинети лица во редица судски процеси од висок јавен профил, со кого направивме листа на можни кривични дела што произлегуваат од овие прашања. Името на адвокатот е познато на редакцијата.

 

 1. Во разговорите велите дека градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е криминалец и наведувате причина за тоа. Како чувар на државната каса, зошто не инициравте кривична пријава против него?

Прислушуван разговор: СДСМ во прислушуваните разговори објави како битолскиот градоначалник, Владимир Талески, за министерот за финансии, Зоран Ставревски е „ко*иле“. За првата полицајка Јанкуловска, тоа се „говеда“:

Ставрески: Талески е тежок криминалец, перфиден актер – и вели Ставревски на Јанкуловска.

Јанкулоска: Тоа му е професија, професионалец“.

Можно кривични дело: Доколку постојат докази за сторено кривично дело, во тој случај постојат елементи на  кривично дело „Непријавување на кривично дело или сторител“ од член 363 од Кривичниот Закони, но доколку не постојат никакви докази за истото Владимир Талевски може да поведе граѓанска постапка за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда.

 

2. Зошто станот на улица Димче Мирчев го имате купено во име на Ваш близок роднина, а не на Ваше име?“

Прислушуван разговор: Според СДСМ, во истата зграда во близина на МВР, каде што станови купила поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, стан купил и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески:

ЗС: Ааа…ај нејќам друго по телефон. Сакав тоа да те барам…пошто она…девојчето ни кажа тогаш, неколку што се вака available и рече: видете, што – кои, па сакав само да те прашам вашиот кај беше и на која страна од тие што се таму, ама…

ГЈ: Знаеш како е…према Водно и према Шар Планина. Практично накај вас, мислам дека натаму му доаѓа, у тој правец.

ЗС: Добро. Мхм.

ГЈ: Али јас сум да ти кажам…

ЗС: 89 беше или колку?

ГЈ: А бе ние 2 нели, ти си заборавил!

ЗС: Ама едниот. Не, не, не сум заборавил.

ГЈ: Едниот…ха, ха, ха. Ти ме убеди и заборави. Delete стисна.

ЗС: Не, не. Ама како сега, едниот беше 89, другиот 50 или?

ГЈ: Не, не. Вака беше Зоки. Едниот, едниот беше 89, ама нас ни требаше уште едно мало просторче за точаците. Пошто знаеш ние имаме проблем. Па земавме од другиот и го направивме 92, а другиот беше околу 70 остана, така некако мислам.

ЗС: Аха.

ГЈ: Или 60 и неколку дојде,

ЗС: Ооо, па вие сте се претерале бе. Ха, ха, ха.

ГЈ: Е па ти, ти што ми кажа сега…Ааа не заебавај. Ха, ха, ха.

ЗС: Добар, добар совет. Тоа е најдобар што си го у живот добила.

ГЈ: Така да супер испадна. И тоа после тоа бевме ние, пошто ние нели апла на време ја фативме работава. И ставрно како го имаат направено, значи едно е кога ја гледаш скицава, кога ќе отидеш таму, преубаво изгледа.

Можно кривично дело: Нема содржано кривично дело.

 

3. Велите дека Груевски ги терал двајцата министри, Пешевски и Јанакиески, да направат нешто незаконско и да потпишат со Кинезите. Во тој контекст, велите дека тој изгубил контакт со реалноста? Можевте да ги чуете и разговорите помеѓу Груевски и Јанакиески за митото што го бара од Кинезите? Дали бевте информирани дека Груевски и Јанакиески бараат 16 милиони евра мито од нив?

Прислушуван разговор: Во четвртиот сет од снимките од 14-тата „бомба“ лидерот на СДСМ, Зоран Заев тврди дека се слушаат договори за финансиски корупциски скандали. На десетина снимки, според СДСМ, зборуваат Никола Груевски и Миле Јанакиевски и договарат како кинеска компанија да ги гради автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Според снимките на СДСМ првично било во план две компании да се изберат, а на крајот се избира само една кинеска фирма за двата пата. Тие, според СДСМ, договарат и провизија која изнесува пет отсто, а тоа значи некаде околу 25 милиони евра:

Ставрески со Јанкулоска: Ме тера да направиме незаконско нешто, не јас, Миле и Владо. И не сакат да потпишат и ги разбирам. Му објаснувам зошто се во право, а тој му враќа порака – јаките правни експерти, а и ти како искусен правник сте дошле до заклучок. Па и да не сме во право, не е тоа начин да зборуваш со првите соработници, човек изгубил контакт со реалност.

Можно кривично дело: Доколку постојат докази, во таквите дејствија содржани се елементи на кривично дело „Непријавување на кривично дело или сторител од член“ 363 од КЗ.

 

4. Јанкулоска ургирала кај Зврлевски да ја отфрли Вашата кривична пријава. На кој начин и со кои контрауслуги им возвративте за ова кршење на законот?

Прислушуван разговор: Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ја отфрлил кривичната пријава против Зоран Ставревски, вицепремиер за финансии, откако го замолила министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, обвини СДСМ. Тие емитуваа тонски разговор помеѓу Ставревски и Јанкулоска каде што министрите разговараат за овој проблем на Ставревски:

Јанкулоска: Му реков види те молам подзабрзај ја работава, ќе почне во собрание дебата за буџет, па барем една работа помалку да имаме. Не му реков директно, но он знае што значи тоа. Ми рече тоа што ми даде задача завршено.

Можно кривично дело: Во таквите дејствија содржани се елементи на кривично дело „Противзаконите посредување“ од член 359 од КЗ.

 

5. Чувме дека МВР набавило „мерцедес“ од 600.000 евра за Груевски, кој морал да биде криен за да не го видат граѓаните и новинарите. Што ќе изјавите како министер за финансии во поглед на фактот дека Груевски во разговор со Јанкулоска го избира победникот пред тендерот да биде готов, па во шифри ѝ вели „тоа на М“?

Прислушуван разговор: Заев, објави разговори за коие вели дека се меѓу премиерот Груевски и министерката Јанкуловска од кои може да се чуе како Груевски нарачува возило вредно 600.000 евра , а не сакал да го гледаат новинарите.

НГ: Она што ми остави ти едни проспекти, ти текнува?

ГЈ: Да, да… јас да ви кажам не ви вршев притисок ама…

НГ: Тоа на М…на М…

ГЈ: Е добро океј…

НГ: Да не зборам сеа вака…

ГЈ: Да да…знам знам, точно…ако има шанса да ми го вратите проспектот за да го напраиме ко шо треба, да не утнам нешто…

НГ: Тој ми е тука пред мене, тие другите два не знам кај ми се…тоа тебе не ти требаат другите

ГЈ: Не ми другите по, тој шо треба е кај вас….хахах

Можно кривично дело: Во таквите дејствија доколку постојат докази за сторена штета содржани се елементи на кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од КЗ

 

6. Дали сè уште мислите дека трошиме за чоколади, а немаме леб за јадење?

Прислушуван разговор: Во една од снимките кои ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во разговор помеѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески и министерката за внатрешни, Гордана Јанкулоска, министерот Ставрески го вели следното:

Ставрески: Ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално! Ние трошиме на чоколада, а дома немаме леб!

Можно кривично дело: Нема содржано кривично дело.

 

7. Дали и зошто на сите што не Ви се покоруваат им се заканувате дека ќе им го загорчите животот и дека ќе ги удирите со чекан по глава како што направивите со лицето К.Д., сега веќе поранешен вработен во Министерството за финансии?

Бомба: Лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави разговор за кој посочи дека е помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески кој бара да интервенира за негов вработен да му се одмазди:

Ставрески со Јанкулоска: Овој копиљов од кај мене што пред Апелационен суд, ме изнервира, сакам таму да му го загорчам животот. Можеш ти да се јавиш, да рече не може ова, по партиска треба линија да се вработи. Апелациониот суд ќе бара согласност од тебе, и ти ќе кажеш за овој и овој можам, за овој не можам да дадам согласност. Јас ќе се јавам ама да не не зезнат. Ќе се јавам и во Агенција, да направиме контрола. Зошто тера по свое, зборува дрско, и зошто е дрзок од прв ден и не ја научи лекцијата.

Можно кривично дело: Нема содржано кривично дело, освен ако со одредено дејствие не е нанесена телесна повреда на некое лице.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција