Предупредување за поплави осум години фаќало пајажина?

Трагедија и покрај дамнешните предупредувања. Фото: Мета

Најпогодениот дел од Скопска котлина, оној под Скопска Црна Гора, каде беа загубени 21 живот и е нанесена огромна материјална штета, е посочен како посебно ризичен за поројни текови во документ што Град Скопје го изгласал пред 8 години.

 

 

Најпогодениот дел од Скопска котлина, оној под Скопска Црна Гора, каде беа загубени 21 живот и е нанесена огромна материјална штета, е посочен како посебно ризичен за поројни текови во документ што Град Скопје го изгласал пред 8 години

 

Пишува: Сашо Спасоски

 

Катастрофата што ги погоди Стајковци, Синѓелиќ, делови од Ченто, Инџиково, Црешево, Брњарци, однесе 21 човечки живот, а поплави многу подруми, дворови и земјоделски површини во Скопско Поле, но уби и многу домашни животни или миленици кои биле врзани, е донекаде предвидена уште пред 8 години, во Проценката за загрозеност на Градот Скопје од природните непогоди и други несреќи.

Читајќи го овој документ, но и слушајќи ги и експертите, природно се раѓа заклучокот дека е потфрлено на планот на подготовка за ублажување на ефектите од природните непогоди. Имено, во Процена на загрозеност на Градот Скопје од природните непогоди и други несреќи донесена од Советот на Град Скопје на 3 септември 2008 година, во делот „Поплави и атмосферски влијанија“ се укажува на тоа дека нема соодветно поставен систем за одбрана од големи води.

Во скопскиот регион се превземени мерки за трaјна заштита од големите води, меѓутоа системот за одбрана од големите води не е целосно изграден, така што на одредени места го прават недоволно ефикасен. Поради тоа произлегува потреба за изработка на однапред подготвен план за интервенција при појава на големи води, со цел да се спречат или ублажат штетите предизвикани од поплави.

 

ДЕЛОТ ПОД СКОПСКА ЦРНА ГОРА ОЗНАЧЕН КАКО ПОСЕБНО РИЗИЧЕН

Најпогодениот дел од Скопската котлина, оној под Скопска црна гора, каде беа загубени 21 живот и е нанесена огромна материјална штета, е посочен како посебно ризичен за поројни текови. Покрај тоа, поставено е предупредување и за изградба на многу поголем Ободен канал (збирен канал кој собира, низ кој треба да протечат поројно води од повеќе насоки) за заштита на Скопско Поле.

Во Скопскиот регион регистрирани се 134 поројни текови кои се групирани во 7 поројни серии (Водњанска, Маркова река, Зелениковска, Ѓ. Петров, Долен тек на р. Лепенец, Скопска Црна Гора и долниот тек на р. Пчиња). На некои од овие поројни текови, особено на оние што го напаѓаат градското подрачје, извршено е нивно уредување, а на значително поголемиот број поројни текови предстои потреба од нивно уредување. Заради поголема заштита на Скопското поле од надворешни води потребно е да се изврши реконструкција на ободниот канал. Сегашниот ободен канал дава заштита од појава на 10 годишни води, а би требало да биде димензиониран на 100 годишни води, бидејќи во полето што го штити сега се изградени повеќе населби, индустриски и други објекти.

Во процената е посочено дека за некои од поројните серии, кои, покрај Скопска Црна Гора, се Водњанска, Маркова Река, Зелениковска, Ѓорче Петров, долен тек на реката Лепенец и долниот тек на реката Пчиња, се направени соодветни уредувања. Но, тоа е случај за поројните текови кои го напаѓаат централното градско подрачје. „На значително поголемиот број поројни текови предстои потреба од нивно уредување“, се вели во документот.

Значи, горлива потреба потреба од преземање соодветни мерки за спречување катастрофи од поројните текови е лоцирана уште пред 8 години, односно 46 години по катастрофалната поплава во Скопје, во која немало загинат. А катастрофалните поплави и поројните води од саботата на потегот од Црешево до Инџиково (водата на многу места таму е уште далеку од повлекување), зборуваат дека очигледно не се преземени сите неопходни чекори.

Дел од проблемите лежат во соголеноста поради прекумерна сеча на падините на Скопска Црна Гора, вели д-р Ивица Милевски, вонреден професор на Институтот за географија при ПМФ – Скопје, во својата анализа објавена на ИГЕО-ПОРТАЛ.

Јужните падини на Скопска Црна Гора се доста стрмни, оголени, со мали, поројни сливни подрача, што условува нагло собирање и површинско истекување на водата од врнежите, кон подножјето, односно во правец на Скопје и реката Вардар. Доколку пошуменоста беше поголема или растителната покривка погуста, значителен дел од врнежите ќе се впиеа во вегетацијата и во почвата (која денес е речиси целосно однесена поради оголеноста).

 

СОГОЛУВАЊЕ, НЕИСЧИСТЕНИ КАНАЛИ, ОБЈЕКТИ, СООБРАЌАЈНИЦИ

Но тоа е единствената причина за катастрофата. Проблем се и запуштените дренажни канали, несоодветно изградени сообраќјаници без пропусти и многу објекти.

Сепак, запуштените дренажни канали, често полни со шут и отпадоци, издигнатите објекти и сообраќајници без пропусти и канали, ниските и слабо пропустни мостови, предизвикуваат насобирање на водата и формирање на мали езера. Од притисокот на водата, препреките на патот попуштаат и водата се излева силно низводно или странично, предизвикувајќи поплави. Втора непогодност е високото ниво на подземните води во пониските делови на котлината, поради што земјиштето не може да апсорбира голем квантитет на вода, пишува Милевски.

Со него се сложува и Сања Раѓеновиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Таа во изјава за Дојче Веле нагласува дека не е изградена соодветна инфраструктура под Скопска Црна Гора, но има и претерана градба и несоодветни капацитети за одведување поројни води.

Луѓето загинаа од немање соодветна инфраструктура. Невремето е едно, но нема потпорни ѕидови, погледнете колку свлечишта се јавуваат, се гради каде стигне и уште пострашно се` тоа се легализира за по 1 евро. Нема соодветна канализација, каналите се затрупани, катастрофа! Чист популизам за кој гледаме дека се плаќа огромен цех. Најстрашно е што постојано за ова се предупредува, но очигледно дека никој не сака или не му одговара тоа да го слушне и да го разбере. Затоа и воопшто немаат право да спинуваат дека не се криви и да реагираат дека се политизира на туѓа несреќа. Во овој момент најдобро е да ќутат бидејќи одговорноста е само нивна, реагира Раѓеновиќ.

И експертите и ситуацијата во поплавените подрачја, која што сите ја посведочивме, докажуваат дека состојбите на теренот се лоши, односно не се преземени соодветни мерки напоменати во Проценката што Советот на Град Скопје ја усвоил уште во 2008 година. Затоа, одговорноста и за претераната градба и за избрзаното легализирање на објекти и за неисчистени канали и несоодветна канализација, е на власта. Првин на градоначалниците, а потоа и на другите институции во чиј делокруг се обврските за кои говорат експертите, а коишто очигледно или се лошо изведени или се заборавени.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција