Преодната влада не смее да нуди бесплатен превоз за младите

Дали како премиер или како партиски лидер, тој кажува што ќе сработи Владата. Слика: МЕТА

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, даде изјава поврзана со спроведувањето на нови проекти на партијата, од кои еден се однесува на зголемување на бројот на денови во кои младите до 27 години ќе можат бесплатно да го користат превозот со железница.

На промоцијата на петте нови проекти поврзани со младите, Груевски објаснува во што се состои проектот кој е поврзан со „Македонски железници“, кои на младите до 27 години се должни на нивно барање да им издадат бесплатен повратен билет што ќе можат да го користат за време на два викенда во месецот. Притоа, Груевски рекол:

Мерката ќе почне да се применува во март 2016 година, а за нејзино спроведување Владата ќе исплаќа дополнителни трансфери кон „Македонски железници“.

[Извор: МЕТА, Датум: 20.01.2016]

Ваквата изјава е несвојствена за позицијата од која говорникот ја дава и може да се оцени најмалку како недоследност.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски беше премиер речиси десет години, почнувајќи од 2006 година кога неговата партија освои убедливо мнозинство на парламентарните избори. Груевски оваа функција ја извршуваше до минатиот понеделник, 18.01.2016 година, кога Собранието на Република Македонија гласаше за неговата оставка и ја избра новата Влада задолжена за спроведување на изборите со премиер Емил Димитриев.

Според Законот за Влада во членовите 4 и 8, јасно е прецизирано кои се надлежностите на владата и кога таа ги носи, но откако ќе биде избрана. Според Договорот од Пржино, стапи во сила измена на Законот за Влада, во која се вели дека на сто дена од оддржувањето на избори се избира преодна влада влада со технички премиер, чија надлежност е техничко оддржување на функционирањето на државата и грижа за организација на самите избори.

Член 43

Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Оттука, сосема е јасно дека другите права и надлежности на владата, како што е преземање мерки од делокругот на своето работење поради спроведување на економските или социјалните политики, може да се случи само откако ќе биде избрана новата влада по следните парламентарни избори, без оглед дали се редовни или вонредни.

Тоа се наведува и е јасно споменато и во Договорот од Пржино, во точката 6/IV во која јасно стои што треба да биде надлежноста на преодната влада:

Новата влада ќе ја предводи Претседател предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а владината програма ќе се ограничи на организирањето на изборите.

Впрочем и со Измените на Изборниот законик од 2014 година во членот 8-а се наведува што е дозволено а што забрането од датумот на распишување на изборите:

…-да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.  

Никола Груевски во моментот е само претседател на политичка партија, која вистина, како партија со најголем број пратеници во Собранието го номинира новиот премиер, кој, пак, раководи со преодната влада. Но, Груевски во никој случај нема право да зборува од името на Владата, како што тоа го стори во еден дел при претставувањето на новите програмски мерки за младите на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште помалку може да каже дека мерките ќе почнат да се спроведуваат за месец и пол , односно на 5-6 март некаде, зашто тогаш и формално би била донесена одлуката за распишување избори на 24 април. Уште помалку може да каже дека Владата ќе изврши дополнителни трансфери кон „Македонски железници“ за субвенционирање на таквата социјална мерка. Дали владата ќе донесе ваква мерка и дали ќе ја спроведе, нема право да говори лидер на политичка партија која во моментов раководи со преодна влада, која, пак, не смее да носи мерки и активности што би можеле да се сметаат во функција на претстојни избори и мешање на партија со држава.

Оттука изјавата на Груевски во најмала рака е недоследна.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар