Претседателот на Антикорупциска „е скаран“ со „неговиот“ закон
Горан Миленков, претседател на Државната комисија за спречување на корупција ги даде следниве изјави:
Зашто на некој би му требала мојата имотна состојба?…Согласно закон јас не можам да го покажам ( анкетниот лист на Никола Груевски – н.з.) Тој е физичко лице….Би сакал уште една работа да ви кажам. Сите ние сме луѓе од крв и месо. Тие се физички лица за Државната комисија за спречување на корупцијата. Ние немаме обврска да ги пратиме. За Јанкуловска, за Сашо Мијалков, за Јанакиевски….демантиравме бар 3-4 пати и дававме еден исти одговор. Па да беше Банко од Бангладеш ќе разбереше и ќе кажеше доста више!
[Извор1: Телма ТВ, Датум: 06.04.2016]
[Извор2: ДКСК –Изјава – Youtube, Датум: 06.04.2014]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, на прес конференција на 06.04.2016 година даде повеќе изјави во врска со анкетните листови на поранешни високи функционери во Владата на РМ, но и за него самиот како член и прв човек на комисијата, кои се невистинити во однос на законската материја што ги уредува овие прашања.
Миленков тврди генерално три работи – првата, зошто некој би се интересирал за неговата имотна положба, второ, дека поранешните министри во Владата, вклучувајќи го и екс- премиерот се физички лица и како такви не биле од интерес за Комисијата и конечно дека не смеел да го покаже анкетниот лист на Никола Груевски.
Што се однесува до првата изјава, претседателот на Антикорупциската комисија не зема предвид неколку факти. Прво е начелото на јавност и транспарентност во работата на сите институции во државата, вклучувајќи ги и прашањата за имотната состојба на носителите на функции во тие институции. Конкретно за неговата функција, член и претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, тоа е регулирано во основниот закон со кој се уредува оваа материја и врз основа на кој работи ова тело.
Во член 5 од Законот за спречување на корупцијата најпрво е регулирано начелото на јавност:
Начело на јавност
Член 5
(1) Вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и положба, како и работите од јавен интерес се јавни и подложни на јавна контрола.”
(2) Никој не може да се повика на примена на закон или друг пропис со кој ќе се ограничи или исклучи јавноста за да се прикрие искористувањето на функцијата, јавните овластувања, службената должност и положба за остварување корист, погодност или предност за себе или за друг.
Ова значи дека и Миленков, како и другите членови на Комисијата кои се „именувани лица“, согласно член 48-г, подлежат на начелото на јавноста цитирано погоре. Во главата од Законот именувана како Права, должности и одговорности, регулирано е и прашањето за обврската за доставување анкетен лист и на челновите на Комисијата:
Член 50-а
(1)Членот на Државната комисија анкетниот лист и пријавата за промена на имотната состојба ги доставува до Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија и до Управата за јавни приходи.
(2)Одредбите од овој закон кои се однесуваат на роковите за доставување на анкетниот лист, изјавата и пријавата за промена на имотната состојба соодветно се однесуваат и за членот на Државната комисија.
(3)Барање за испитување на имотната состојба на член на Државната комисија согласно со членот 36 од овој закон до Управата за јавни приходи може да поднесе Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Како што може да се види, особено од ставот два на членот на Законот, тие имаат подеднаква обврска во истите рокови да доставуваат анкетни листови и да пријаввуваат промена на истите како и сите други избрани и именувани лица во земјава.
Што се однесува до делот од изјавата за поранешните функционери, вклучувајќи го и Никола Груевски, прво, Миленков непоткрепено изразува чудење зошто јавноста толку многу се интересирала за анкетниот лист на поранешниот премиер Никола Груевски, па потоа, покажувајќи го негов анкетен лист, чија копија не смеел да им ја даде според закон (?), изнесе тврдења што имало во него, односно дека немало никакви позначајни промени што би ја интересирала јавност. Слично аргументираше и за поранешните поранешните министри во Владата, како што се Гордана Јанкуловска или Миле Јанакиевски -тие се физички лица и како такви не биле од интерес за Комисијата.
Тоа е во најблага рака невистина, зашто Комисијата има надлежности за физички лица – поранешни високи функционери неколку години откако ќе им престане функцијата. Тоа на пример се гледа во членот наречен Вршење дејност по престанокот на функцијата:
Член 27
Избран или именуван функционер, како и друго службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал што во рок од три години од денот на престанокот на функцијата, односно должност ќе основа трговско друштво или ќе започне да се занимава со дејност со која се остварува профит во областа во која работел, е должно во рок од 30 дена за тоа да ја извести Државната комисија.
И конено, што се однесува до тоа дали „физичките лица“ се од интерес на Комисијата во однос на нивната имотна положба, то е регулирано многу прецизно во два челан од Законот за спречување на корупција, кои ние тука.ќе го потенцираме. Најпрво, членот 33 од главата Обврска за пријавување имот, каде ова прашање е регулирано во став 2 прецизно:
(1)Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.
(2)Лицето од ставот (1) на овој член има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата.
Сосема на крај и за членот кој упатува на јавноста за податоците за имотот на сегашните или поранешните именувани или избрани лица, со што се гледа и фактичката состојба во однос на тоа дали смее или не смее да го покаже, подели анкетниот лист на Груевски:
Јавност на анкетниот лист
Член 35
(1)Податоците од анкетниот лист претставуваат информации од јавен карактер, освен податоците заштитени со закон.
(2)Податоците од анкетните листови, освен податоците заштитени со закон на лицата од членот 33 став (1) на овој закон, се објавуваат на веб страницата на Државната комисија.”
Впрочем, ова го тврди и поранешната и прва претседателка на ова тело и добар познавач на законската материја што го уредува ова прашање д-р Слаѓана Тасева во изјава за Телма телевизија:
Тие ќе бидат изложени на интересот на јавноста и тоа мора така да биде, бидејќи тие извршувале јавни функции и затоа што може да се појават различни ситуации во кои што информации од тој анкетен лист ќе биде битна…Може да се користат за различни цели, за истражувања, анализи…но нив не треба да ги интересира за што јас сакам да го видам (анкетниот лист – н.з.), ете сакам – вели Тасева.
Поради контрадикторностите на изјававите на Миленков цитирани на почетокот на овој текст со членовите од Законот кои ги наведовме во образложението, неговите тврдења ги оценуваме за невистинити.
ИЗВОРИ:
- ДКСК – Изјава 06.04.2016 – [Пристапено на 08.04.2016]
- Телма ТВ – Вести 06.04.2016 – [Пристапено на 08.04.2016]
- Министерство за финансии – Закон за спречување на корупција – [Пристапено на 08.04.2016]
- Телма ТВ – Вести 07.04.2016 – [Пристапено на 08.04.2016]
Оценето од: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар