Претседателскиот „vox populi“ – лакмус тест за владата на Мицкоски

Има повеќе значења и толкувања вчерашното обврзување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека „ќе им служи на интересите на Македонија“. Едно од нив е дека може да се гледа и толкува и како своевиден лакмус тест за постапките во односите со соседите и во односите со ЕУ на идната влада на мандатарот Христијан Мицкоски. Бидејќи овие прашања беа важен дел од опозицискиот и од предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ, не е исклучено дека претседателката Сиљановска Давкова, планирано или не, со вчерашната постапка во Собранието послужи како „тестер“ за крајните граници на идната влада во нејзините политики кон соседите и кон ЕУ

Има повеќе значења и толкувања завчерашното обврзување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека „ќе им служи на интересите на Македонија“. Едно од нив е дека може да се гледа и толкува и како своевиден лакмус тест за постапките во односите со соседите и во односите со ЕУ на идната влада на мандатарот Христијан Мицкоски. Бидејќи овие прашања беа важен дел од опозицискиот и од предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ, не е исклучено дека претседателката Сиљановска Давкова, планирано или не, со вчерашната постапка во Собранието послужи како „тестер“ за крајните граници на идната влада во нејзините политики кон соседите и кон ЕУ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателското изговарање на Македонија како име на државата на која ќе ѝ служи, искажано за време на свечената изјава на Гордана Сиљановска Давкова, мнозина се склони да го толкуваат како претседателски „глас на народот“ (Vox populi), а гласот на народот, нели, е и глас Божји (Vox populi, Vox Dei), па оттаму и катарзичното чувство на гордоста со што е исполнето предизборното ветување на претседателката дека нема да ја употребува придавката „Северна“ за државата што ја раководи.

Но, ваквото толкување прво не е докрај прецизно, затоа што не е баш едногласен гласот на народот по тоа прашање, а уште помалку гласот на сите граѓани, што можеше да се види уште во текот на вчерашните реакции од политичките субјекти што го претставуваат гласот на народот.

 

Затскриен спин – едно зборува, друго прави

Оттука, да се разбере што, всушност, се случи и какви ќе бидат евентуалните последици од изјавата на Сиљановска Давкова дека ќе ѝ служи на интересите на Македонија, треба да се наредат што е можно повеќе факти. А, меѓу нив, секако се почнува од првиот, дека Сиљановска Давкова навистина се заколна за служба во интересите на Македонија, но документот што го потпиша, свечената изјава, е документ во кој е наведено уставното име на државата Република Северна Македонија, за што потврди и самата претседателка ден подоцна, потврдувајќи и дека ќе го почитува Преспанскиот договор.

Затоа, овој потег на Сиљановска Давкова е своевиден спин, кој таа  уште во предизборната кампања го оправда со, парафразираме, слободата на говор загарантирана уште од Сократ, која се разбира нема да значи отстранување на таблите на институциите на кои пишува Северна Македонија, a сега со „чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“. И токму поради потписот на документот во кој стои Република Северна Македонија, е јасно дека претседателката вчера не ѝ објавила војна на Грција, како што метафорично гласат некои толкувања во јавноста (Денко Малески), но вистина е и дека реакциите покажуваат многу.

 

Засега само „загриженост“, „жалење“ и „разочарување“

А, тие на надворешен план се недвосмислени. И Грција и ЕУ, која веднаш се солидаризира со својата земја членка изразија „жалење“, „загриженост“ и „разочарување“ за постапката на Сиљановска Давкова, истовремено упатија потсетување дека правно важечките меѓународни договори „треба да се почитуваат“, како и Уставот, со потсетување дека тој, Преспанскиот договор, е и дел од Уставот на државата.  Пораките дојдоа не од адреси на пониско, туку на високо и највисок ниво. Од МНР во Атина, од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ден подоцна, од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и од шефот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Кон овие реакции, иако не директно поврзани, не треба да се игнорираат реакциите од Софија, особено на претседателот Румен Радев и в.д. премиерот Димитар Главчев кои потсетија на обврската за почитување не само на Договорот со Бугарија, туку и на сите други, како и на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, кој упати потсетување до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека „изборната кампања е завршила“.

На домашен план, најголемиот дел од партиите на Македонците молчат, вклучувајќи ја и довчерашната власт СДСМ, каде добро знаат и тоа не од денес, колкава и колку страшна беше и е цената што ја платија Македонците и граѓаните на државата со промената на името во 2018 година, сѐ заради подобра иднина. Која малку повеќе доцни. И тоа не само поради политиките на Европската унија. Оттука, СДСМ ќе стави „сол на отворена рана“ доколку гласно говори за претседателскиот vox populi од вчера. Но, затоа пак, партиите на етничките Албанци, по кратко промислување, беа единствени. И од ДУИ, која има 19 пратеници и од ВЛЕН со нивните 13, изразија жалење и несогласување. Со порака до идниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, дека „не е време да се отвораат стари рани“.

Скриншот од моментот на давањето на свечената изјава

Лакмус тест за владата на Мицкоски

Затоа, потегот на претседателката Сиљановска Давкова има повеќе значења. Само едно е дека таа навистина уште од првиот ден се придржува до предизборното ветување дека во обраќањата дома и во светот нема да ја користи придавката „северна“. Но, од друга страна, второто толкување може да биде и дека Претседателката сепак не се придржува до понудената Платформа во предизборната кампања. Затоа што таму, во делот „Македонија и соседите“ е запишано: Односите на Македонија со соседите се важни заради иднината на државата, без разлика на натамошниот тек на приближувањето и на зачленувањето на земјата во ЕУ. Земјите во регионот мора да имаат плодна економска соработка и нашиот регион мора да се развива со меѓусебно разбирање и почитување. Ако е тоа вистина, тогаш е вистина дека под меѓусебно разбирање и почитување секако спаѓаат и почитувањето на договорите, барем додека се важечки (истото важи и за Атина и за Софија).

Има уште едно значење и толкување на вербалното заветување на почитувањето на интересите на Македонија од страна на претседателката. Тоа може да се гледа и толкува и како своевиден лакмус тест за постапките во односите со соседите и во односите со ЕУ на идната влада на мандатарот Христијан Мицкоски. Бидејќи овие прашања беа важен дел од опозицискиот и од предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ, не е исклучено дека претседателката Сиљановска Давкова планирано или не, со вчерашната постапка во Собранието послужи како „тестер“ за крајните граници на идната влада во нејзините политики кон соседите и кон ЕУ. Сепак, се чини, дека одговорот на ова прашање дојде од Вашингтон, преку амбасадата во Скопје, како одговор на прашање од 360 Степени:

Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија (13.05.2024)

Затоа, последиците од навестувањата за преиспитување на судбината на договорите со Атина и со Софија засега се вербални, исто како што беше и постапката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, но со јасно навестување дека може да бидат многу посериозни. Нејзиното појаснување од завчера (13.05) дека ќе го почитува Преспанскиот договор, засега ги намалуваат шансите за позначајни материјални последици.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција