Преземањето со управување на системот за парно во Скопје е легално
По проверка на законската регулатива може да се констатира дека постапките на Владата и вчерашните одлуки на Економско-енергетскиот совет се целосно законски покриени
По проверка на законската регулатива може да се констатира дека постапките на Владата и вчерашните одлуки на Економско-енергетскиот совет се целосно законски покриени
Премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-енергетскиот совет при Владата, соопшти синоќа дека се донесени две клучни одлуки за претстојната сезона есен-пролет 2022/2023 г., при што, посебен акцент во одговорите на новинарските прашања беше ставен на управувањето со системот за топлинска енергија во Град Скопје. Образложувајќи ја законитоста на одлуката на Советот, Ковачевски излезе со следното тврдење:
Донесена е одлука за почнување на постапката за издавање на лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ…
Законот за енергетика е многу јасен, како и Законот за управување со кризи, така што врз основа на законски одредби ќе се изврши преземање на топланите и на затоплување на Град Скопје, се разбира со плаќање на сите надоместоци што следуваат во такви услови на сопственикот…Национализација е нешто сосема друго.
[ Извор: Влада – Ковачевски/прес – датум: 28.09.2022]
Образложение:
Изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека врз основа на закони Владата легално постапува кога снабдувањето со топлинска енергија за Град Скопје сака да ѝ го препушти на ЕСМ е вистина и покрај бројните шпекулации и забуни во јавноста, во дел од медиумите, но и од страна на дел од компаниите кои претходно тврдеа дека немаат законска обврска да се согласат на такво нешто.
Да потсетиме, кај „Адора инженеринг“ проблемот е што оваа компанија си ги платила и ги купила две топлани сопственост на БЕГ за околу 9 милиони евра, а не ги стопанисува и доставила понуда до Владата и до ЕСМ да и ги продаде по иста цена. Кај БЕГ, пак, проблемот е што оваа компанија уште зимата и пролетта 2021/2022 соопшти дека не може да ја извршува обврската да произведува топлинска енергија, па принудно во состојба на криза управувањето го презеде ЕСМ, а сега од БЕГ соопштија дека немаат законска обврска да испорачуваат и оваа грејна сезона. Всушност и двете компании тврдеа дека немаат законска обврска или дека не сакаат да ги препуштат топланите.
Член 6 на кој се повикува Владата е под главата Јавна услуга во Законот за енергетика, кој е донесен во 2018 година и одобрен од телата на ЕК и на ЕУ дека е во согласност со сите директиви на ЕУ. Во членот 6 клучни се првите два става:
(1) Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Влада), по претходно прибавено мислење од Регулаторната комисија за енергетика и мислење или решение од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и по претходно прибавено мислење или предлог на друг надлежен орган или општина или град Скопје (во натамошниот текст: единица на локална самоуправа), може да донесе одлука со која на друштво коешто врши енергетска дејност, а не е наведено во членот 4 став (4) од овој закон, да му наметне обврска за 11 обезбедување на јавна услуга во определен временски период со цел да се обезбеди: сигурност, вклучувајќи ја и сигурноста во снабдувањето, редовност, квалитет и цена на снабдувањето, ефикасно и економично користење на природните ресурси наменети за производство на енергија, унапредување на енергетската ефикасност, поголемо искористување на енергијата од обновливи извори или заштита на животната средина и ублажување на климатските промени.
(2) Во одлуката од ставот (1) на овој член обврската за јавна услуга мора да биде јасно утврдена, лесно проверлива и недискриминаторна, да ја гарантира еднаквоста на пристапот на потрошувачите до јавната услуга, да не ја нарушува конкуренцијата на пазарот, освен во мера што е неопходна за остварување на општиот економски интерес, како и да се утврдат финансиските, техничките и кадровските услови што мора да ги исполни друштвото на кое му се наметнува обврска за јавна услуга
Во главата од Законот наречена Кризна состојба поместен е Член 14 чии прв и втор став гласат:
(1) Владата, на предлог на Министерството, со уредба подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, а 17 особено во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови на енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност согласно со Законот за управување со кризи.
(2) Со цел да се заштитат енергетските системи и да се обезбеди сигурно снабдување со соодветен вид на енергија во Република Македонија, операторите на системи за пренос и дистрибуција на соодветниот вид на енергија, во согласност со уредбата од ставот (1) на овој член, се должни да изготват планови за постапување во кризни состојби и да ги достават за одобрување до Министерството.
И конечно, во Законот за управување со кризи донесен уште во далечната 2005 година, во член 33, став 1 се пропишува:
Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работата во кризна состојба, во согласност со закон.
Овој став од член 33 од Законот не е променет ни до ден денешен, иако има одделни измени на три-четири пати во други членови од Законот. Членот 33 е сместен во четвртата глава од Законот која гласи Одлучување и употреба на ресурсите.
Според погоре наведените аргументи оценуваме дека изјавата на Ковачевски од 28.09.2022, како и неколку претходни изјави со иста содржина на вицепремиерот Фатмир Битиќи и Крешник Бектеши, се вистина.
Извори:
- Влада (28.09.2022) – Прес на Д. Ковачевски – [Проверено на 29.09.2022]
- 360 Степени (22.09.2022) – Текст за Адора Инженеринг – [Проверено на 29.09.2022]
- Тајм мк (26.09.2022) – Вести/БЕГ – [Проверено на 29.09.2022]
- ЦУК – Закон за управување со кризи – [Проверено на 29.09.2022]
- РКЕ – Закон за енергетика – [Проверено на 29.09.2022]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар