Придобивките и компромисите во Преспанскиот договор – грчки поглед (IV дел)

Момент од потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 г..Фото: vlada.mk

Како на дилемите околу Преспанскиот договор се гледа од другата, грчката, страна? Еве што пишуваше на овие теми  весникот „Катимерини“ (февруари 2019) ,  систематизирани како „најчесто поставуваните прашања“ во врска со Преспанскиот договор и  нивните одговори (скратена верзија).

 

 

ДАЛИ РУСИЈА МОЖЕ ДА ГО ОСПОРИ ДОГОВОРОТ СО ВЕТО ВО СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОН?

Според одредбите од Договорот, од Советот за безбедност и од генералниот секретар на ОН само се бара да го потврдат неговото стапување во сила. Затоа не постои начин на кој Русија може да го оспори овој Договор.

 

ДАЛИ МОЖЕ ГРЦИЈА ДА ГО ПОНИШТИ ДОГОВОРОТ ДОКОЛКУ НА ВЛАСТ ВО ИДНИНА ДОЈДЕ ПАРТИЈАТА КОЈА Е ПРОТИВ ДОГОВОРОТ?

Не може да се повтори процес сличен на оној кога  ПЈРМ беше спречена да пристапи во НАТО во 2008 година (со заканите со вето). Ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент ѝ стави крај на единствената пречка за пристапот на државата во Алијансата во 2008 година, а тоа е нејзиното уставно име. Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, изјави дека Грција има право да стави вето на влезот на Северна Република Македонија во ЕУ. Сепак, според членот 2, став 1 од Договорот, Грција е согласна „да не биде против барањето на или членството на (Северна Македонија) во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции во кои (Грција) е членка“. Исто така, според членот 20, став 9, јасно е дека одредбите од Договорот „се неотповикливи“.

Секако, Грција може да постави услови во однос на спроведувањето на 35-те поглавја од процесот за влез, но во суштина Договорот ја спречува Грција да го искористи правото на вето. Секакво кршење на овој договор би резултирало со изолација на државата од меѓународната заедница и осуда од Меѓународниот суд на правдата.

Што се однесува до членството на ПЈРМ во ЕУ, Франција и Холандија веќе беа против одредувањето датум за почеток на преговорите. Сепак, овој процес се очекува да започне во јуни или во декември и да трае неколку години. Ова значи дека влезот во ЕУ со името „Северна Македонија“ ќе се случи откако ќе ѝ истече мандатот на следната грчка влада.

 

КАКВИ ПРИДОБИВКИ ИМА ГРЦИЈА ОД ДОГОВОРОТ?

Поддржувачите на Договорот го нагласуваат фактот дека се решава проблем што 27 години апсорбираше вреден дипломатски капитал. Грција, исто така, е заслужна за значајниот придонес во зајакнувањето на улогата на Западот на Балканот, затоа што влезот на ПЈРМ во западните институции ќе го спречи влијанието на Русија (и на Турција) во регионот, наспроти фактот што ова се случува преку верските и културните мрежи што постојат независно од политичките настани. Најголемата придобивка за Грција можеби е тоа што успеа да ги оствари суштинските барања, како што е да ја натера соседната држава да го промени уставното име во сложено име со географска одредница, што беше дел од грчката национална политика уште од 2008 година. Грција, исто така, успеа да постигне дополнителни промени во Уставот на ПЈРМ со тоа што се отстранија секакви иредентистички елементи. Таа успеа да ги оствари јасните разлики меѓу историјата на античка Македонија и историјата на ПЈРМ, иако некои експерти нагласуваат дека обидите да се узурпира историјата на античка Македонија беше само стратегија на поранешната влада на Никола Груевски и истата таа повеќе не е дел од стратегијата на официјално Скопје.

Иако Договорот го признава јазикот што се зборува во ПЈРМ како „македонски“, што Атина го гледа како отстапка во замена за сложеното име да се користи ерга омнес (истовремено во домашна и во надворешна употреба), Грција „извојува победа“ со членот 7 став 4 дека јазикот припаѓа во групата јужнословенски јазици.

 

ДАЛИ ДОГОВОРОТ ОТВОРА НОВИ ЕКОНОМСКИ МОЖНОСТИ ЗА ГРЦИЈА?

Целосната нормализација на односите со Скопје со сигурност ќе отвори нови можности за Грција од економска гледна точка и не само во ПЈРМ, туку и на Балканот. Регионот на грчка Македонија и цела северна Грција се очекува да имаат значајни придобивки, затоа што се очекува Солун да стане главен центар за голем број иницијативи.

 

ШТО ЗАГУБИ ГРЦИЈА КАКО РЕЗУЛТАТ НА ДОГОВОРОТ?

Иако Грција се залагаше за сложено име со географска одредница во својата национална политика уште од 2008 година, голем дел од јавноста сè уште стои на ставот што го усвои Советот на политички лидери во 1992 година, кој беше против име што го содржи зборот „Македонија“. Затоа, иако се промени курсот во националната политика, мнозинството граѓани сметаат дека преименувањето на ПЈРМ во „Северна Македонија“ е пораз наместо победа за Грција.

Втората отстапка што ја нагласуваат критичарите е прифаќањето на името „македонски“ за словенскиот дијалект (или јазик) што се зборува во соседната држава, како и прифаќањето на двосмислениот англиски термин „националност“ (што се користи во Договорот), кој истовремено може да значи „етничка припадност“ и „државјанство“. Оваа двосмисленост се смета за еднаква на прифаќањето на Грција дека народот на ПЈРМ има „македонска“ етничка припадност. Прифаќањето на „македонската“ националност на која, исто така, се противеше албанската етничка заедница во балканската држава, претставува шанса за подгревање на иредентизмот.

Исто така, верувањето дека Договорот беше наметнат врз Грција од страна на надворешни сили, исто така, имаше цена. Тоа резултира со распаѓање на коалицијата меѓу СИРИЗА и партијата Независни Грци, за потоa државата да е предводена од влада што нема парламентарно мнозинство.

 

ЗОШТО ОДРЕДБИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНОСТ И ЈАЗИК СЕ СМЕТААТ ЗА НАЈГОЛЕМ ПОРАЗ?

Без разлика колку е јасно поразлично дефинирано историското наследство на античка Македонија, која е грчка, од историјата на географската област северно од грчка Македонија, националноста и јазикот одредени со Договорот допуштаат словенскиот народ на ПЈРМ да се смета за дел од македонска нација.

Во оваа смисла, критичарите тврдат, како што и самиот Договор пропишува со прифаќањето на „македонскиот“ јазик и „македонската“ националност, дека Македонија не е само грчка, туку е мултиетничка. Покрај тврдењата дека Грција го прифатила „македонскиот“ јазик во 1977 година на Конференцијата за стандардизација на географските имиња во ООН, факт е дека единственото нешто што тогаш било прифатено била „македонско-кирилската азбука“. Сепак, ако „македонскиот“ јазик навистина бил прифатен во 1977 година, тогаш немаше да биде клучна точка во спорот што трае од 1992 година до денес.

 

ДАЛИ НАВИСТИНА МОЖЕ ДА СЕ РЕШИ ИРЕДЕНТИЗМОТ?

Оптимистите истакнуваат дека очекуваната експанзија на грчки инвестиции во соседната држава ќе ги ослаби иредентистичките тенденции. Во меѓувреме, скептиците предупредуваат дека грчкото прифаќање на „македонскиот“ идентитет на државата претставува пресвртница во пропагирањето на иредентизмот и понатамошното консолидирање на славо-македонската национална идеологија, поточно идеолошката конструкција на „македонизмот“, кој се роди на крајот од 19 век. Според оваа идеологија, Егејска Македонија е под грчка, а Пиринска Македонија е под бугарска окупација.

 

ДАЛИ ПОСТОЕЊЕТО НА „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАКАНА ЗА ГРЦИЈА?

Историското време не може да се сведе на природното време. Грција нема да се соочи со никаква закана во иднина. Всушност, таа ќе зајакне затоа што стабилноста ќе се зацврсти на Балканот. Сепак, преименувањето на ПЈРМ во „Северна Македонија“ и признавањето на „македонскиот идентитет“ може во историски контекст да доведе до нешто поголемо во иднина. Соседната држава ќе се претвори во автономен олеснувач на македонскиот идентитет. Во идниот геополитички развој на настаните во наредните 30, 40 или 50 години отсега, големите сили можеби ќе го поддржат формирањето посебна мултиетничка федерална македонска држава во или надвор од ЕУ, што може да предизвика поделби на Балканот. Таквите геополитички калкулации се скриени во бугарските сомнежи за Преспанскиот договор.

 

* * *

Привршувајќи го овој преглед на погледите врз дострелите на Преспанскиот договор да заклучиме дека и покрај дилемите и сомнежите  врзани за него, истиот е неподелено признаен од практично целата светска заедница и тоа како пример кој треба да се следи од земјите кои имаат проблеми со соседите. Сѐ уште силно звучат зборовите на припадникот на македонското национално малцинство, кој присуствуваше на потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивице – Константинос Селцас од партијата Сириза, кој речеНие сме за утре, а тие се за некни“. Тешко може да се објасни и настапот на пратеникот од Сириза, Георгиос Урзидис во Парламентот, кога го поздравувајќи  го Договорот се обрати на македонски јазик:

Пријатели од Република Северна Македонија, како што се разбравме, време е да го оставиме назад сето она што не разделува и да го видиме напред тоа што е зваемно пријателство, сестринството и љубовта 

Неговиот говор беше поздравен со аплауз од дел од пратениците. Во други времиња ова би било незамисливо, нели.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција