Прислушувани разговори – сет 38: Пазарот „Чаир и Тетово“

Ортаклукот во Владата како бизнис-ортаклук. Фото: Радио Слободна Европа

 

Зделките на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се побитни од почитувањето на правото, а за да се реализираат некогаш треба да се премолчи и да се попушти, ама затоа во друга прилика добро може да се профитира. Притоа законите не се важни, важни се печалбите на ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ. Како тече соработката од заеднички интерес дознаваме од овој сет, последен од серијалот „Вистината за Македонија“ на СДСМ.

 

Овој сет прислушувани разговори, воедно последниот што во 2015 година го објави СДСМ, откако почна преговорите во Пржино, е посветен на, како рече Зоран Заев, махинациите на мала група во врвот на ДУИ, која исклучиво за лични интереси ја држи партијата во Владата на Никола Груевски, овозможила од криминал и корупција до удар врз човековите слободи и права.

Во првата снимка слушаме како лидерот на ДУИ, Али Ахмети, „брка бизнис“ преку претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани. Ахмети договара на некој бизнисмен да му се продаде објект во општината Чаир за 1.000 евра за квадратен метар. Како Ахмети се затскрива дека стои позади зделката покажува неговото барање до Асани: “Вие ќе му кажете дека као ќе биде тешко да ме убедите мене“.

 

БИТКА ПРОТИВ УРИВАЊЕТО

Потоа слушаме какви се зделките кога е во прашање „политичката кожа“. Од следниот разговор, на Груевски и Ахмети, слушаме дека дивоградби се рушат не по закон, туку по политички договор. Груевски бара асистенција од Ахмети за две згради во изградба во Чаир, кои треба да се уриваат како дивоградби. Инвеститорите се разбунтувале и се заканувале дека ако дојде до уривање, тоа ќе биде политички лошо за ДУИ. Груевски бара од Ахмети да ја смири ситуацијата, а лидерот на ДУИ дава изим да се руши објектот пред амбасадата на САД. Но тој сѐ уште постои. Од разговорот гледаме дека чаушите ги погазуваат законите и постапуваат како што постапуваат заради политички поени.

Од следниот разговор меѓу Муса Џафери и Бекир Асани, во кој двајцата зборуваат завиено и со шифри, што зборува дека знаат дека разговорите се прислушуваат, ама сепак во нервозата и забораваат на конспиративноста. Првин договараат „да го тргнат будалата, другар му на Изет од Гостивар“, а Асани изнервиран го открива името и вели дека на тој му рекол дека ќе биде „првиот што ќе му е… матер, да го убијам со калашников, е тој“. Џафери го смирува Асани…

 

ЏАФЕРИ СЕ „ИЗВЛЕКУВА“

Следниот разговор е повторно помеѓу двајцата. Слушаме дека и на Џафери не му е лесно да ургира кај својот колега од Министерството за транспорт и врски во поглед на уривања. Слушаме дека ВМРО-ДПМНЕ преку Јанакиески го уценува својот коалициски партнер, ДУИ, дека ќе добие дозвола за изградба на плоштадот „Скендербег“ доколку даде асистенција за уривање во Чаир. Асани му дава порака што треба да ја пренесе на Јанакиески – „што   мајка бараш таму, бидејќи ако влеземе во тоа, кој знае кај ќе излезе“. Џафери пак констатира дека цела држава има проблем со буџетот и „не може да ги переме преку Чаир и Тетово“. Вели дека не треба да ги иритираат луѓето, и бара да Асани веднаш да му јави ако има „некоја музика“, односно проблеми.

 

КАКО АЛБАНЦИТЕ ДА ТЕ ВИКААТ ТАТКО?

Третиот разговор отвора и една друга димензија, подаништвото на функционери на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ, односно неговиот врв. Слушаме дека во ДУИ има „битка“’ кој да има подобар линк со врвот на ВМРО-ДПМНЕ, па Муса Џафери е навреден дека тој е ставен во втор план, а работите во случајов, отишле преку шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби.  Асани е многу изнервиран од однесувањето на актерите во случајот со дивоградбите, другари на Асани, па вели „Сум ти кажал, без да им е… матер на Албанците, не те викаат татко“.

Потоа од разговор на Јанкулоска со соговорник (Апостол), слушаме дека градежниот инспекторат за рушење на објектот кај амбасадата на САД била побарана и асистенција од полицијата. Но тоа не е направено, а во разговорот слушаме дека исплашени од проблеми, Јанкулоска и Јанакиески се договориле да се одложи рушењето „за да не ги наместат и да не протестираат“. Јанкулоска кажува дека зградата е на „нивни некој, од ДУИ командант“.

 

100.000 ЕВРА ЗА МИЈАЛКОВ

Потоа Заев презентираше транскрипт, а не снимка, од разговор меѓу Асани и Ахмети. Во него Асани го упатува лидерот на ДУИ да му каже на Груевски на средбата што ќе ја имаат дека Мијалков зел 100.000 евра мито да не се урива тој објект. „Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина, ти речи му тоа, тоа и тоа, ваква е работата, доколку ти рече нешто слободно кажи му „твојот зеде 100 000 евра за работа во Чаир“, зашто тој Сашо Мијалков што беше директор тој зеде 100 000 евра, ти кажав тогаш…“

Потоа следуваат нови разговори од кои слушаме како функционери на ДУИ ги реализираат своите и теснопартиските интереси. Разговорите отвораат сомнеж за уште еден корупциски скандал, овој пат со Слободната економска зона во Тетово во којшто е вмешан врвот на ДУИ. Шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби, во разговор со Ахмети кажува дека тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини се решил Слободната економска зона во Тетово да ја додели на фирма од Турција. На Груби му е чудно како може нивниот министер да го даде бизнисот на оваа фирма, а да биде отфрлена другата понуда. Таа понуда е на фирма од Норвешка, зад којашто, како што ќе чуеме од самиот Груби, стоел, Хаки. Тој пак важи за еден од главните финансиери на ДУИ. И на крајот фирмата од Норвешка, ја добила Слободната економска зона во Тетово. Како, зошто, кој и на кој начин влијаел на одлуката на министерот Ваљон Сарачини, може само да се претпоставува, рече Заев на прес-конференцијата.

 

СМЕТКАТА ВО „КРЧМАТА“ ВЛАДА

Потоа следуваат разговори од кои дознаваме како ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го прават пазарот за места во Владата и во државните институции, дека министрите Албанци се незадоволни од ингеренциите што ги имаат… Се зборува и кој ќе ги постави проблемите на маса на состанокот за соработката во Владата. Сепак, главната битка е да се добијат ресори што носат до пари, при што „недоходовните“ се потценуваат, како што се образование, или одбрана, на пример. Тука се гледаат и мотивите – политиката е мотор на „бизнисот“ на ДУИ. Од разговорите ги слушаме и отстапките што ги правеле од ДУИ во владината коалиција – за да останат во власта! На пример, еден од разговорите открива дека бил исфрлен проект што Али Ахмети го промовирал во изборната програма, како на пример патот Призрен – Тетово. Лично тогашниот заменик министер за транспорт и врски, Тахир Хани, му јавува на Али Ахмети дека 80 проценти од “проектите на ДУИ“ биле исфрлени од програмата на Министерството за транспорт и врски.

 

БУЈАР, БОРИС И „ПО КАУР ОД КАУРИТЕ“

Во разговорите што следуваат откриваме на какви закани и инспекции бил подложен портпаролот Бујар Османи, затоа што кај него виделе амбиции за кандидат за градоначалник во Чаир. Слушаме и како од ДУИ, во институциите што ги раководат, разрешуваат и враќаат директори по потреба, а не по закон. Слушаме признание и дека Тетовскиот универзитет е полн со кадри на ДУИ, преку реакцијата на пратеникот Џевад Адеми, кој му се жали на Ахмети дека биле бркани нивни луѓе.

Потоа следува уште една група разговори од кои дознаваме дека Фатмир Бесими кога беше министер за одбрана тајно се сретнал со Борис Тадиќ во Америка, како влијателниот во ДУИ, Муса Џафери самиот за себе кажува дека бил “по каур и од каурите“. На крајот слушаме и навреди од врвот на ДУИ за поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, во Скопје, 16.06.2015

 


 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ реагираа со соопштенија за јавноста, кои може да ги прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Беќир Асани

АА: Со здравје добар?
БА: Добар. Добар.
АА: Дома сите добри?
БА: Добри се.
АА: Браќата?
БА: Поминуваме некако.
АА: Е па добро.
БА: Ти благодарам
АА: Сакав да кажам…ако може да извадите 1000 за метар квадрат добро е…
БА: Ќе разговараме ние малку со тој. Сега е во Турција, тој што е заинтересиран, и доколку успееме, ќе биде добро. Мислам дека не вреди да ја задржиме.
АА: Со 1000 ич не прашувај.
БА: Ок, шеф.
АА: Слободно.
БА: Важи.
АА: После ќе видиме. Важно е добра соработка.
БА: Вреди.
АА: Да, вреди.
БА: Не се малку.
АА: Колку можеш да му ја фрлиш, фрли му ја.
БА: Ок шефе.
АА: Изет не знае. Му реков на прашај го Беќо он знае како.
БА: Само да се врати од Турција. Он беше загреан да го земе.
АА: Вие ќе му кажете дека као ќе биде тешко да ме убедите мене….
БА: Ќе завршиме….
АА: ама ќе завршиме…( се смее)..ќе биде добро..

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Никола Груевски

АА: Ало, добровечер?
НГ: Ало, добровечер
АА: Како си ми?
НГ: Добар, св. Никола е, па гости малце и така.
АА: еееее
НГ: Името ми е денеска, именден ми е денеска,
АА: Ало?
НГ: Ало ме слушаш?
АА: Да сега да
НГ: Викам именден ми е денеска, па гости малце и така
АА: А име?
НГ: Да, како си ти?
АА: Добро, добро
НГ: Ја те барав за една работа. Имаме мака..ааа…нели кога се правеше законот за легализација на дивоградби а и кога ја праевме и Владата, ти ми рече ако некој во иднина прави диво градби, терај, не му дозволувај, рушиш. Така? АА: Така е
НГ: И така заклучивме и на Влада.
АА: Испадна на тоа..
НГ: Е сега, утре треба некои две згради, ама неизградени згради, еден, два ката само изградени да се срушат во Чаир.
АА: аха
НГ: Тие дигнаа тешка узбуна.
АА: аха
НГ: Не знам шо да праам. Треба помош од тебе.
АА: Во Чаир се?
НГ: Во Чаир се, да.
АА: аха
НГ: На диво се почнати, сега се почнати пред едно четири, пет месеци да се градат. Значи после законот за денационализација, за легализација. После законот и за утре сабајле у шест саат закажано е рушење. И сега сите твои се јавуваат кај министерот за транспорт дека тоа политички ќе било лошо за нив, за ДУИ и така натаму. Сега ние во наши општини, кај можеме, рушиме и ќе испадне дека само во едни се руши во други не се руши. Не знам шо да направам. Од друга страна па да не напраат некој инцидент, некако да се чуеш, да видиш да кажеш дека заеднички сме го договориле тоа. Значи таму се стаени темели, приземје и први кат, не е изградена..
АА: Ако е во прашање тоа пред амбасадата, да да тука, е пред амбасадата. Американска амбасада, тука е..
НГ: Не го спорат дека е диво, значи Муса се видол со Миле, министерот за транспорт, и му рекол дека не го спори дека така е законски, него овој рекол политички. И сега нели законите треба да се почитуваат секаде и не знам шо да направам сега. Сакам тебе да те чујам, пошто јас тоа со тебе сум го договорил. Не сум го договорил со Муса.
АА: Да, да. Ја разговарав и со Муса, тој бараше да разговараме утре, да не се делува пред Новата Година. И јас мислам дека политички ние не губиме ништо, политички добиваме.
НГ: Да и ја така мислам. Ние кај што рушевме, добивме.
АА: Да, не знам дали?
НГ: Еве мое искуство да ти кажам, ние рушевме на повеќе места, сегде добивме. И после бевме три пати на избори и три пати не гласаа таму.
АА: И ја мислим, во принцип не изгубиме ништо. Дали може малку да се менаџира да не де си нешто, јас сум против овие работи.
НГ: Мхм.. Ти си против да…не те разбрав..против што си? Да знам..
АА: Јас сум против дивоградбите…
НГ: Исто и јас..
АА: ..да се рушат..
АА: Ако е потребно едно село нека оди, ако е незаконски.

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Беќир Асани

БА: Повели шефе?
МЏ: Разговарав сега, утре имаме и седница на влада, за да го тргнеме овој будалава, и треба да разговараме, бидејќи правеле планови и за во други градови, да идат оваа недела.
БА: Да а?
МЏ: Ама оваа работа што ја направи пред 6 недели, тој другар му на Изет, од Гостивар, знаеш за кој..
БА: Да.
МЏ: Ние некои работи политички ги оставаме така, на облаци негде…
БА: Јас на тој Сафет Изети, денес му реков, првиот што ќе му е*бам матер , да го убијам со калашников, е тој.
МЏ: Сега не сакам….олади малку, остај ги тие разговори бидејќи сум во канцеларија кај овој пријателов…ама од тогаш кога ни “влезе вода“ знаев дека ќе ни излезе вака “бело“.
Ме разбираш ли?
БА: Аха.
МЏ: Ај ќе те барам подоцна.
БА: Ајде.

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Беќир Асани

БА: Ало
МЏ: Што правиш?
БА: Еве. Како си шефе?
МЏ: Добар. Ти?
БА: Се умори ли?
МЏ: Да ти кажам право, да. Нервозен сум.
БА: Зошто нервозен?
МЏ: Со све. Што све нема. Ти? Што има ново?
БА: Ништо, работиме.
МЏ: Инаку?
БА: Те барав, да видам да не си се чул со овој од транспорт.
МЏ: Сум зборел со овој заменикот, да разјасни. Ми вети дека ќе збори со неговиот, да направи средба. Немам информација до сега, бидејќи бев по комисии, и целосно сум излезен од шините. Ќе пробам сам со тој од транспорт. И така работиме на овој законот и правилникот…финансии, транспорт.
БА: Ако можеш сам…
МЏ: Имаш информација кога се враќа градоначалников?
БА: Се вратил. Денеска се сретна со овој од транспорт, ама се сретнале за плоштадот…ова, она…дали ќе се влезе ваму таму, пред избори, после избори..
МЏ: На транспорт…со Миле се сретнал?
БА: Се сретнал за плоштадот.
МЏ: Да, да, ама важно се сретнал…
БА: Се договориле овој да размисли за дозволата до понеделник да ја даде, ама сака да се чепка во Чаир.
МЏ: Дозволата за плоштадот кога ќе му ја даде?
БА: Му рекол до понеделник, и ќе му каже.
МЏ: Понеделник. Понеделник имам средба со Премиерот, за некои други работи, ќе пробам да го добијам по телефон овој „ЛЕГЕНОТ“ Министер за транспорт.
БА: Добро би било во Понеделник да се разговора за да се појасни…
МЏ: Не, во понеделник се гледам со тој другиот.
БА: Нему кажи му тргни се од таму, што мајка бараш таму…бидејќи ако влеземе во тоа, кој знае кај ќе излезе…
МЏ: Секако, секако. Ако цела држава имаме проблем со буџетот, сега не можеме да ги переме преку Чаир и Тетово. И на Тетово му опнале.
БА: Што направиле во Тетово?
МЏ: Нашле некој објект, не знам каде…го блокирале, му ги земале парите на човекот.
БА: Не се само парите, туку ќе ни направат проблеми…
МЏ: Да де, ги иритираат луѓето…Ок за секој случај јави ми, не верувам дека ќе има некоја музика, ама јави ми…во контакт сме.
БА: Ајде.
МЏ: Ајде, поздрав.

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Бекир Асани

БА: Ало?
МЏ: Ало. Што правиш?
БА: Еве другар. Како си?
МЏ: Си легнал да спиеш?
БА: Не бе.
МЏ: Спиј, спиј.
МЏ: Еј
БА: Повели
МЏ: Го барале претседателот овие…бидејќи ми се јавија…
БА: Да?
МЏ: Претседателот го барал претседателот на ВМРО…кај Абдулаќим, преку него, преку Артан.
БА: Да а?
МЏ: Изгледа за оваа работа, ама зборував малку со претседателот.
БА: Мхм
МЏ: Тој младичот отишол кај тој, јас го пратив…и не може да ја пресече таа работа…не може бидејќи влегол во тоа и не знае како да се извлече.
БА: Аха.
МЏ: Ама криво ми е зошто мене не ми се јавија тие…тие твоите браќа, другарите твои…
БА: Да им ебеш матер…сум ти кажал, без да им ебеш матер на Албанците не те викаат татко.
МЏ: Не бе, не..бидејќи овие другиве…
БА: Тука е проблемот…тие го бараат Абдулаќим, а овој требал да му каже, за мојот ресор слободно прашај нешто, ама за таа работа со вице-премиерот, политички таму јави се.
МЏ: Да бе така е, само очекував…бидејќи коректни ми се комуникациите…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и соговорник

НН: Да
ГЈ: Ало, Апостол, добровечер, да не спиеш?
НН: Не, гледам некоја емисија
ГЈ: Добро, не е многу касно. Знаеш зашо те барам?
ГЈ: Абе овие индијанциве у Чаир имале некој објект и градежен инспекторат побарал да го рушиме, односно да го рушат ние да бараме асистенција, утре.
НН: Добро
ГЈ: Ама нешо не им е доорганизирано како што треба. И сега таму знаеш како, тие се племе, ако дадеме асистенција, а не се заврши работата, проблем ќе биде. Зборев еднаш со Миле, тоа е у Чаир некоја зграда шо се гради, јас сега не ги знам, ама претпоставувам
НН: …и сега некаде кај америчката амбасада да не е некој објект?
ГЈ: Епа да не е тоа, у Чаир е тоа, така?
НН: Да, кај американската амбасада горе е на француски гробишта?
ГЈ: Да де да, тоа општина Чаир по план е така? Најверојатно е тоа, некој објект што бил спрат и ..еден спрат бил готов, едниот спрат не бил готов.
НН: Добро.
ГЈ: И сега. А овие од инспекторатот не се спремни да го срушат. Тоа е проблемот. И сега знаеш, ние ќе отидеме, ќе ни се соберат шиптари. Па зборевме со Миле, транспорт, да не го рушат утре, и они нема да се појават, ама да знаат и нашиве да не правиме трошоци. Да не го рушат утре, да се спремни од инспекторатов, после Нова Година да го рушат.
НН: Некој ми има кажано за министеров наш, иначе, он се јавува, се интересира за таа работа.
ГЈ: Он знае, пошто тие се ептен индијанци. Тој што е негова зградава, е нивни некој, од ДУИ командант и важно ради тоа овие треба да си се спремат, ко шо треба, не е работата само да отидеме таму, да ни се соберат шиптарана, а они да не го срушат објектот.
НН: Така
ГЈ: Знаеш, не можеш да го срушиш со чекани, таму треба да го рушат ко шо треба да го рушат, а не се спремни за така. И подобро е да не одиме утре, пошто знаеш какви се тие, племе, ќе се соберат, ќе протестираат, нас ќе ни напраат проблеми.
НН: Договорено, договорено. Ќе го одложам тоа одењето.
ГЈ: Знаеш, нека не се појават, да не правиме трошоци, а после кога ќе си се спреми инспекторатов и ќе се преслушаме убаво и тогаш ќе дадеме асистенција. Вака без врска само нас ќе не наместат и ќе ни протестираат шиптаранава.
НН: Во ред, министерке, како мислите, ако е така, така ќе направиме, ќе се договориме тогаш. Јас многу внимание не му дадов, пошто и други настани имавме..и така да…
ГЈ: Да де да
НН: Знам дека јавил дека почнал да се интересира за тоа и така…
ГЈ: Не знам, он мене не ми се јавува, јас со Миле заедно на ….бевме сега и пошто таму, мислам ги знаеш какви се они, не можеш на крај да излезеш, сме ги збореле сто пати.

 

БЕКИР АСАНИ – АЛИ АХМЕТИ

Б – На работа си денес или не?
А – Денес е празник, независноста.
Б – Празник на независноста на РМ.
А – Аха.
Б – Многу добро. Тогаш утре наутро кога ќе дојдеш на работа би сакале да се сретнеме малку , јас ти и Изет (Меџити) ако има можност, ако не ………. (не се доискажува)
А – Добро де. После, зашто имам една средба во Влада, значи попладне околу 16:30, кога ќе излезам јас од таму ќе се сретнеме кај „ШКУПИ“.
Б – Имаш (средба) со НГ или со овие нашите?
А – Со НГ.
Б – Токму поради тоа е добро да ……. (не се доискажува) одлучиле да не не остават раат во Чаир, прават галама на сите страни.
А – Што прават?
Б – Откако се затворија некои работи целосно тој сега кренал „прашина“ во Чаир за тоа спроти Амбасадата (на САД). Тие почнале да кречат , тој им го зел имотниот лист, им ја вратил процедурата , сега без врска му текнало , крева прашина за 5 дена да им го земат имотниот лист.
А – Аха.
Б – Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина , ти речи му тоа, тоа и тоа, ваква е работата, доколку ти рече нешто слободно кажи му „твојот зеде 100 000 евра за работа во Чаир“, зашто тој Сашо Mijalkov што беше директор тој зеде 100 000 евра , ти кажав тогаш.
А – Аха, аха.
Б – Ама треба да ни помогнеш тука.
А – Доколку го покрене (како прашање, проблем) ќе разговарам ако не тогаш ќе ја тераме преку тие другите.
Б – ОК. Тогаш добро е да се видиме кога ќе излезеш од таму. Тој не верувам дека ќе го покрене но ти не е лошо да му кажеш еден збор.
А – Аха. Ќе ја покренеме преку тие од транспорт после.
Б – Тој ги прави проблемите зашто таа директорката ги затвори сите процедури , сега Министерот за транспорт со наредба на Премиерот влегол.
А – Аха. Ајде откако ќе се сретнам јас ќе се видиме и ќе ја видиме оваа работа.
Б – ОК. Ние ќе почнеме од вечер со работа на Собранието на Огранокот.
А – Добро де.
Б – Денес ќе го имаме првиот состанок на месните совети и ограноци и од денес ќе ја формираме работната група но ќе ве информираме со записник.
А – Добро.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Артан Груби

АГ : Со овој дечково зборев малку. Со Ваљон. Тој ми ги спомнува Турците цело време
АА: Добро.
АГ: Рече дека имале целосна документација, понудата е добра, коректна, на овие другите им фалело документација. Им дале уште малку шанса да ја дополнат документацијата, да ја дополнат документацијата, па да се отворат и да се реши кој е подобар.
АА: Аха.
АГ: Јас малку го отворив муабетот, па му велам овие Норвежаните би требало да бидат подобри.
АА: Аха.
АГ: Можеби, ми вика, да видиме, рече не е важно кој, важно е да се реализира.
АА: Важно е кој ќе го реализира.
АГ: Јас намерно го чепнав малку, бидејќи Мухамед од Алсат ми вели дека ни пропаднала слободната економска зона во Тетово. Ми вика не…Турците се тука…јас му велам како бе Турците, нели Норвежаните треба да бидат. Вели дека Турците имале добра понуда, на Норвежаните им фалат документи, и потоа да ги отворат на транспарентен начин да видиме кој е најдобар.
АА: Аха.
АГ: Едно два три пати му ги спомнав, ама дали…не знам.

Разговор помеѓу Артан Груби и Али Ахмети

АГ : Уште нешто Претседателе, заборави прегеска. Со овој дечкото се сретнав. Овој Ваљон се сретнал до Ферик, отишол да му бара мислење како да направи со слободните економски зони. И дискутирале, овој му рекол, што имам јас со таа работа, не се разбирам во тоа…ама муабетот бил дека Норвежаните отпаднале, и дека е завршена работата со Турците.
АА: Што е завршено?
АГ: Разговорите со Турците се завршени.
АА: Според кого?
АГ: Според Мухамед…од разговорите помеѓу Ферик и Ваљон. Ваљон отишол кај Ферик и му рекол ваква ми е ситуацијта што да правам….така ми рече Мухамед. Он му рекол не можам да те советувам за таа работа, нема врска за такви работи. Тој му кажал дека Турците имаат подобра понуда, Норвежаните испаднале. Норвежаните е Хаки, овој…Значи дека ова е завршена работа, се решил за Турците, Ваљон.
АА: Не.
АГ: Јас не го продолжив разговорот…
АА: Не, не..

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Али Ахмети

МЏ: Не се чу, не му кажа на Абдулаќим да збориме со овие утре…за ова како се викаат…овие, ешалони…
АА: Ешалонки
МЏ: Шалонка…стана безвезе
АА: Шалом, шалом
МЏ: Шалом, шалом…да ги средиме некако…да ги ставиме во вреќа.
АА: Да, да му реков.
МЏ: Не се трпи, не се трпи веќе
АА: Овој дечково…Фатмир, ми изгледаше некако…не го разбирам.
МЏ: Уморен, разочаран…или како?
АА: Разочаран, несигурен…не знам
МЏ: Го фатило инат него, го умориле три години..
АА: Мхм
МЏ: Он станал..бара принципи, како треба
АА: Па не можеш да ги смениш тие…има закон како функционира владата.
МЏ: Има, има…ама на пример Заменик Премиерот за економски прашања функционира политички нема законски ингеренции…само таа работа е ко-владение, му дава можност да ги координира ресорите, да се меша, ова-она..
АА: Аха.
МЏ: Оптеретен е, оптеретен е многу…и мене еден ден ми кажува приказни…не сакам да го стеснам,…за тебе вели, ..ама не сакам да не потценуваат, да не понижуваат и да не исклучуваат…сигурно и тебе ти се пожалил.
АА: Да де.

 

11.Разговор помеѓу Али Ахмети и Муса Џафери

АА: Ти се допаднаа ресорите?
МЏ: Не сакав да зборам, бидејќи мислат…не можам да ги слушам…го виде оној вели ништо не е Локална самоуправа…ми пукна..да му кажам колку пати си бил ти министер таму…умрев..
АА: Е
МЏ: Ако ја реализираме програмата што ја имаме со овие сега, таму има перспектива, ако се работи. Ако не се работи, ниеден ресор не го бива.
АА: Да де.
МЏ: Ја жалат социјална работа…а зошто не ја жалеле за овие три години.
АА: Да им ја ебам социјална работа…
МЏ: Зошто не ја побарале, да работат, да се ангажираат…била добра сега.
АА: И министерството за образование…
МЏ: И таа била добра. И што има таму добро…во образование.
АА: Да де.
МЏ: Училишта… Информатика со администрација, не знам, се отвори околу тоа разговор, или не сакаа воопшто да ја отворат таа работа.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Муса Џафери

МЏ : “Шкопи“ ми вели ќе има некое ли министерство…му реков, за тие работи не ме прашувај, не ме интересира, и не знам ништо.
АА: Мхм.
МЏ: Му реков стапот (шкопи) не е само Чаир, има Сарај, Студеничане, Арачиново, Хасан бег,…Добридол…како беа, Радуша, Бреза е во Скопје…
АА: И Мустафа..
МЏ: Бреза сака едно добро место за него…многу добро дете…он излегол најхрабар од сите овој пат…ме убеди во тоа, овие од кај “Шкопи“ сакале во НД (Нова Демократија) да го однесат…ми вели за инат јас влегов тука…сакаа да ме избркат во НД.
Никуштак беше…чекај не Никуштак…од кај беше овој директор на пошта..кај Мсуси..
АА: Он беше..
МЏ: Го заборавив…Карпош ли… А Никиштан, Никиштан…
АА: Да Никиштан.
МЏ: Знаев дека е со Н…А ова ќеркава Жаклина што пее Албански добро, заборавив што професија има?
АА: Ја имаме ли “Мајка Тереза“ ? Сме ја земале.
МЏ: Сме ја земале “Мајка Тереза“ како не.
АА: Па таму.
МЏ: Сме ја земале и оваа Национална галерија во Стара чаршија…
АА: Аха
МЏ: Сме го земале и театарот за деца и млади…мешан е тој…ама изгледа сме го земале и Артан Груби…
АА: Мхм,… И само определување сме го земале..
МЏ: Ама стварно си размислил ли за тоа дете…каде, не е тој така лесен да се стави во шини..
АА: Мхм
МЏ: Тој е како оној коњот на Шемо, ти текнува, без самар
АА: Газот 1 метар
МЏ: И одма нагоре нозете….ама “Шкопи“ го имал во проект, ама сега не им излегол добро…
АА: Аха.
МЏ: Бил погрешна инвестиција…така велат
АА: Мхм.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Тахир Хани

АА:Здраво, како си
ТХ: Е како си?
АА: Добро, добро..вие?
ТХ: Со здравје? Уморен ли?
АА: Малку, по малку
ТХ: Малку, по малку а. Добро.
АА: Вие добро?
ТХ: Добро, добро…денес имав средба со Миле Јанакиевски и ги разговаравме проблемите во Министерство за Транспорт. Тој нема спремност за унапредувања воопшто, нема спремност.
Второ, не води сметка за комисиите и за правичната застапеност, и трето во аспект на проектите кои се во наша сфера, од програмата на ДУИ се на најниско можно ниво. Во Агенцијата за државни патишта, некаде околу 80% го скратил буџетот за нашите проекти. Ние можеме да сметаме само на 15-20 милиони денари инвестиции во 2012 година. АА: Мхм
ТХ: Проектот кој вие го промовиравте, Тетово- Призрен, на секој собир, целосно е тргнат од дневен ред.
АА: Стави на писмено и прати му ја на Муса Џафери, за Премиер…
ТХ: Јас писмено ќе му пратам…
АА: Тој писмено да побара на дневен ред на Влада да се дискутираат позициите и соработката во Министерство за Транспорт.
ТХ: Ок, договорено.
АА: Едно по едно напиши ги, и Муса Џафери ќе биде натеран да стави на дневен ред соработката во Владата.
ТХ: Ок. Јас све ќе ставам написмено и ќе му го пратам на Муса…ОК
АА: Да, да
ТХ: Договорено.
АА: Тоа треба да влезе на дневен ред во Влада.
ТХ: За три милиони денари проектот кој вие сте го промовирале е тргнат од дневен ред….и му реков нему, Али Ахмети на секој собир го промовирал Тетово-Призрен. За три милиони денари сте го тргнале.
АА: Така ќе направиме.
ТХ: Ок. Така ќе направам.
АА: Ајде се слушаме
ТХ: Се слушаме.

 

Разговор помеѓу Џеват Адеми и Али Ахмети

АА: Ало
ЏА: Другар како си?
АА: Добро.
ЏА: Дали си добар?
АА: Добар добар.
ЏА: Со здравје?
АА: Добар. Добар.
ЏА: Ние имаме една средба на комитетот….јас те побарав прегеска да ти се пожалам.
АА: Аха.
ЏА: Ми се јави Вулнет и деканот на филозофски факултет.
АА: Мхм
ЏА: Жал ми е што морам да ти кажам, ама Агрон дали намерно го прави ова или игра некоја игра, незнам. Што значи, основната грешка. Ангажирањето на професори не го прави продеканот за образовни прашања, туку му го препуштил на Адем Беадини, неписмениот секретар на ДУТ. Ова е принципелната страна. Практичната страна, за која ме замоли и Вулнет и Фехари да те запознаам дека, со предлог на Адем Беадини, а после ќе ти објаснам што рекол тој будала, ја избркале од работа жена му на „Балисти“, Сара. Магистер по Психологија, ќерка на др. Шани, комшии ми се на 5 метри од мене, жена му на Армир.
Вчера го избркаа Ејуп, пред некој ден еден друг. Овие сакаат да го исчистат ДУТ од ДУИ.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Беќир Асани

АА: Ало.
БА: Претседателе како си?
АА: Добро. Добро. Што има?
БА: Се умори ли? Топло ли е?
АА: Малку. Малку.
БА: Да не те вознемирувам многу. Ти кажав оној ден за Фатмир каква е состојбата. Тој го разрешил, овој директорот му ја скршил канцеларијата. Го отстранил од таму целосно. Ти кажав зошто е важен да остане таму уште еден месец. Веќе два дена го барам Гајур, ми вели во Тетово е, не ми излага пред очи.
АА: Именувал некој друг таму?
БА: Именувал еден од Тетово. Не знам кого. Нека го постави после месец и пол, не е важно кого. Ама овој ни треба додека не заврши судскиот процес.
АА: Аха.
БА: Барем додека почне процесот.
АА: Ајде сега ќе му се јавам.
БА: Ако има можност.
АА: Ќе му се јавам, ќе му се јавам.
БА: Ајде.

 

Разговор помеѓу Али Ахмети и Артан Груби

АГ: Добро, вчера излегов со Бујар и со Мухамед Зекири, разговаравме..ова она…ок добро, за денес, а денес ми праќа порака, вели не треба да имаме прес конференција. Му се јавува цело време, не ми дига телефон. Реков да пратиме некој пратеник или Абдулаќим…
АА: Аха
АГ: Најавена и закажана ни е прес конференцијата.
АА: А зошто се попишманел Бујар?
АГ: Па не знам. Вчера беше доста разочаран.
АА: Зошто?
АГ: Со односите со овие од Чаир…му се закануваат, ова-она, заради неговите амбиции за локалните избори…што се немало, што се не ми кажа…на неговите пријатели им праќале инспекции, УЈП…и беше многу, многу…

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Фатмир Бесими

МЏ: Ало
ФБ: Ало
МЏ: Еј ова беше отворена средба или затворена?
ФБ: Затворена. Сега почна.
МЏ: Аха. Неџати го сретнав. Ме извади од памет за некои разговори.
ФБ: Кој?
МЏ: Што сте направиле таму. Неџати Јакупи.
ФБ: Што?
МЏ: Па ми кажа што сте правеле во Америка.
ФБ: Аха.
МЏ: Со Тадич.
ФБ: Не му верувај нему.
МЏ: Си се сретнал со Тадич , таму.
ФБ: Да.
МЏ: Да?
ФБ: Да, да.
МЏ: Ок. Ајде
ФБ: Ајде.

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и соговорник

МЏ:Треба да го пратат наваму, изгледа заборавиле
НН: Не е проблем
МЏ: Како видов на вести, треба да биде овој конгресменот Смит, овој со кого се сретна Баша, сигурно е тој…
НН: Е тој е, тој
МЏ: Смит, видов на вести, што се сретнал овој Лулзим Баѓа со него
НН: Следниот пат кога ќе се сретнеме со него ќе разговараме…
МЏ: Сакав да му се заблагодарам, за да направиме контакт….да не остане..
НН: Апсолутно…така треба..
МЏ: Да не испадне дека сум незаинтересиран…ми се јави по телефон
НН: Така
МЏ: Там-Там Смит…Марк Милош…
НН: Марк Милоши
МЏ: Он директно ми кажа, зборуваше германски…и дека има словенско потекло…сакав да му кажам…остај тоа..по црн сум од тебе….
НН: И јас сум таков…
МЏ: По каур од каурите

 

Разговор помеѓу Муса Џафери и Али Ахмети

МЏ: Што има некоја вест нешто?
АА: Не сум слушнал нешто, незнам.
МЏ: Овие новините ги видов таму, кандидатурите на Струга.
АА: Што велат тие?
МЏ: Навистина е тој Лиман Мурати? Или го ставаат овие да го изгорат?
АА : Го ставаат да го изгорат. Кој беше друг?
МЏ: Овој. Според ЖУРНАЛ видов, незнам дали направиле.
АА: Кои се тие?
МЏ: Актуелниот Претседател (Рамиз Мерко) и Мурат.
АА: Тој е мајмун. Тој не ги повикал месните совети да направат предлози.
МЏ: Како што прочитав видов дека намерно е направен Мурат.
АА: Аха.
МЏ: Има лек таа работа.
АА: Има лек, ќе им ја вратиме назад (листата со кандидати), ќе им речеме месните совети нека предложат (кандидати) како секаде.
МЏ: Не, не, не чини да се остави така зашто тој ни направи 100 проблеми.
АА: Да де.
МЏ: Не скара со сите луѓе.
АА: Да де.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција