Проверувачи на факти го исцртаа патот на руските дезинформации за Зеленски и најблиските

Фото: колаж преземен од Maldita.es

Во новото истражување на меѓународниот тим на проверувачи на факти, предводен од од Maldita.es, се исцрта патот на руските дезинформации за Зеленски, неговото семејство и тие во неговиот круг. Од лажни новински портали и мали Јутуб канали, преку профили Х (поранешен Твитер), до РТ и руските амбасади низ светот — така патуваат дезинформациите. Неретко преведувани од француски на англиски, или од англиски на шпански, не само што ваквите дезинформации стигаат до нови публики ширум светот, туку со цитирањето на еден или друг фалсификуван извор оставаат впечаток на кредибилни информации

Во новото истражување на меѓународниот тим на проверувачи на факти, предводен од од Maldita.es, се исцрта патот на руските дезинформации за Зеленски, неговото семејство и тие во неговиот круг. Од лажни новински портали и мали Јутуб канали, преку профили Х (поранешен Твитер), до РТ и руските амбасади низ светот — така патуваат дезинформациите

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Откако започна руската „специјалната воена операција“ во соседна Украина, претседателот Володомир Зеленски, како и членовите од неговото семејство, беа и сè уште се една од главните мети на дезинформации. Ова го потврдува обемот на дезинформации коишто Вистиномер ги има проверено изминативе две години. Но, она што може да се види од новото опсежно истражување предводено од Maldita.es (Шпанија), е како дезинформациите за Зеленски и најблиските буквално го пропатуваа цел свет. 

Истражувањето го спроведоа со тим од колеги кои работат на полето на справување со дезинформации од повеќе континенти, од организациите StopFake (Украина), Delfi (Литванија), Media Development Foundation (Грузија), Chequeado (Аргентина), La Silla Vacía (Колумбија), Animal Político (Мексико) и EsPaja (од Венецуела).

 

Образецот почнува од објава во онлајн медиум или на Јутјуб канал

Како што за прв пат се опишува во истражувањето од Дарен Лимвил и Патрик Воред од Клемсон универзитетот во Јужна Каролина — спомената во анализата на Малдита и соработниците — најчесто користените шема за ширење на една дезинформација е следната: навидум новински портал објавува напис во кој се дезинформира за Зеленски, неговата сопруга, семејство или Украина. Потоа, неколку профили на различни социјални медиуми, дел од нив со мал број на следбеници или создадени непосредно пред да самата „акција“, го објавуваат написот во кој се наведува порталот како извор и на тој начин дезинформацијата добива виралност. А, кога сакаат некој натпис или дезинформација да стигне до поголема публика ги користат каналите на РТ или официјалните профили на Руските амбасади. На тој начин дополнително се шири дезинформацијата и ѝ се дава кредибилитет кај дел од јавноста.

Според овој образец кога некоја дезинформација ќе почне да се шири во, на пример Украина, најчесто се споделува во земји од соседството или регионот, а потоа се презема и се преведува на други јазици, па така патува низ светот. Ова е особено лесно кога дезинформациите се преведуваат на широко распространети јазици како што е шпанскиот, којшто го зборуваат скоро 300 милиони луѓе во над дваесет држави од Средна и Јужна Америка.

Таков беше случајот со дезинформацијата дека Зеленски купил вила од британскиот суверен Чарлс Трети за 20 милиони долари. Како што се наведува во истражувањето, дезинформацијата започнува со опскурен Јутуб канал што, наводно, припаѓа на агент за недвижнини, креиран на 04.02.2024. Еден месец подоцна, на 26.03.2024, се создава од „новинскиот портал“ Лондон Крјер (The London Crier). Иницијаторот на оваа дезинформациска стихија е објавувањето на видеото во кое Лондон Крајер го користат како централен извор во својот напис. Истиот или следниот ден (не е јасно кога точно се објавува написот), дезинформацијата емигрира на Х (поранешен Твитер). Три дена подоцна Руската амбасада во Јужноафриканска Република го користи написот како главен извор. Оттаму, дезинформацијата во наредните недели се шири во Шпанија, Грција, Ирска, па и кај нас.  

Шемата се реплицира на вили, казина, луксузирања…

Истата оваа шема се користи и во други случаи што се обидуваат да ги обелоденат „луксузирањата“ на семејството и кругот на Зеленски, т.е. „доказите“ за тоа како се трошат западните пари наменети за воени ресурси. Некои од дезинформациските теми станаа толку многу вирални за што сведочеше и македонската јавност: тештата на Зеленски купила луксузна вила во Египет, самиот Зеленски преку блиски соработници купил две јахти вредни 75 милиони долари, претседателот купил казино во Кипар вредно 200 милиони долари…

Пример за тоа е дезинформацијата за тоа дека првата дама на Украина, Олена Зеленска наводно потрошила 1 милиони долари на Картие накит во Њујорк. Лажната вест тргнала од африканската држава Буркина Фасо, од каде што ја преземале Х профили. По виралните објави, РТ пишува напис за нив и на крај пораката се проширува, повторно, преку профилите на руските амбасади на социјалните медиуми.

Како што пишуваше и реномираниот Њујорк Тајмс, овој инцидент не е изолиран:

Во последниве недели се појавија неколку веб-страници со имиња што укажуваат дека фокус е на домашната политика: D.C. Weekly, New York News Daily, Chicago Chronicle и Miami Chronicle.

Всушност, воопшто не се локални новински организации. Тие се руски креации, велат истражувачите и владините претставници, наменети да ги имитираат вистинските новински организации за да ја поттикнат пропагандата на Кремљ […], пишуваат во Њујорк Тајмс.

Ова го потврдија и двата извештаи на Францускиот сервис Вигинум и на европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во кој ја опишаа структурираната и координирана руска мрежа на сајтови кои шират дезинформации во Европа и други држави низ светот.

Двете крајни цел на сите овие сајтови и дезинформациски кампањи, како што веќе пишуваше Вистиномер на темата, е да се влее сомнеж дека украинското раководство е длабоко корумпирано и дека не може да им се верува соодветно да ги водат финансиите што им се доделени за војната против Русија. Донекаде тоа се случи и кога во американскиот Конгрес неколку месеци беа блокирани пакет мерки за воена помош на Украина во висина од над 60 милијарди доалари, а со тоа ослабе и украинската одбрана.

Но, целта е и да се преоптоварат организациите кои се борат против дезинформациите, да се отежне пошироката публиката да донесе ставови и суд базирани на факти.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција