Со дезинформации се урива финансиската помош за Украина

Фото: колаж од President Of Ukraine from Україна и Abxbay, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Во регионот се шират лажни вести за тоа дека украинскиот претседател, Володомир Зеленски купил две јахти во износ од 74 милиони евра, со пари добиени од САД за одбрана на Украина од руската агресија. Станува збор за фабрикувани документи кои наводно покажуваат дека сопственици на јахтите се двајца блиски соработници на Зеленски – браќата Борис и Сергеј Шефир. Овојпат веста не потекнува директно од Кремљ, туку од украинската опозиција

Во регионот се шират лажни вести за тоа дека украинскиот претседател, Володомир Зеленски купил две јахти во износ од 74 милиони евра, со пари добиени од САД за одбрана на Украина од руската агресија. Станува збор за фабрикувани документи кои наводно покажуваат дека сопственици на јахтите се двајца блиски соработници на Зеленски – браќата Борис и Сергеј Шефир. Овојпат веста не потекнува директно од Кремљ, туку од украинската опозиција

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Во Србија (1, 2, 3), Црна Гора, Бугарија (1, 2) и Грција (1, 2 ,3) се шират дезинформации дека украинскиот претседател, Володимир Зеленски не само што се откажува од својот народ и од војната со Русија, туку и дека се подготвува да побегне со своите „нови јахти“, купени со пари добиени како помош за одбрана на земјата. Една од вестите, на пример, има ваков наслов:

СТАОРЦИТЕ ПРВИ ГО НАПУШТААТ БРОДОТ што тоне: Украина исчезнува, Украинците масовно умираат, а Зеленски купи две јахти.

Асошиејтед Прес, Вистиномер и други проверувачи на факти од регионот, ги рецензираа овие објави, при што се покажа дека наводните документи се фабрикувани, а луксузните јахти споменати во објавите, „Lucky me“ и „My legacy“, сѐ уште се огласени за продажба. 

За разлика од други лажни вести, изворот овојпат не е Кремљ, руската информативна агенција „РИА“ или други малигни актери, туку дезинформацијата потекнува од сомнителен Јутуб канал, со помалку од 150 претплатници и само две видеа. Фокус на двете видеа е наводната корупција на Зеленски и неговите мултимилионски „луксузирања“. 

Потоа „веста“ се презема низ различни траси. Најпрво, ден по Јутјуб објавата, за истата тема пишува и Ди Си Викли, сајт што е основан од Џон Марк Дуган, поранешен американски маринец и полицаец од Флорида, кој според Би-Би-Си, се преселил во Русија во 2016 година. Како што наведуваат во истражување од Универзитетот Клемсон, вестите на Ди Си Викли често целосно се преземаат од други сајтови и се препишани со помош на вештачка интелигенција. Новинарите што се наведени на веб-страницата имаат лажни имиња, а сликите се копирани – нешто што лесно може да се провери со алатката на Гугл за пребарување на слики.

Другата траса е преку видео од Јутјуб каналот „Ридактед,“ предводено од Клејтон Морис кој е познат ширач на дезинформации и кој Вистиномер го има рецензирано во повеќе наврати. Иако оригиналното видео не може да се најде на каналот на Морис, истото е реобјавено на друг Јутјуб канал. Потоа ова видео е преземено на ТикТок, па оттаму патува на Инстаграм и на крај се споделува и на Фејсбук.


Да се поткопа угледот на Зеленски

Во изминатиот период од почетокот на војната во Украина (февруари 2022 година) досега се објавуваат, реобјавуваат и споделуваат најразлични видеа преку една, па преку друга платформа, а главната намера на ваквиот тип објави е да се поткопа интегритетот на Зеленски, како и поддршката за Украина. Токму со таква намера се ширеа објави на Фејсбук во кои лажно се претставуваше дека првата дама на Украина, Олена Зеленска, купила луксузен накит, дека оружје наменето за Украина се продавало на Блискиот Исток… А, според поновите вести“ кои кружат на интернет просторот, инспирирани од информации споделени од проруски настроениот, украински опозициски политичар, Виктор Медведчук, Зеленски купил милионски апартман во Дубаи.

Целта на ваквите дезинформациски наративи не е само да се подбуцнува украинскиот народ, туку и да се фрли сомнеж кај меѓународната заедница за целисходноста на помошта што ја добива Украина за одбрана од руската агресија.

Во таа смисла, на пример, спикерот на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Мајк Џонсон се спротивстави на пакетот мерки за помош на Украина. А сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс, во емисијата на Стив Банон (поранешниот главен стратег на Доналд Трамп) кажа: 

Има луѓе што би го скратиле социјалното осигурување, би ги фрлиле нашите баби и дедовци во сиромаштија, зошто? За да може некој од министрите на Зеленски да купи поголема јахта?

Исто така, републиканката Марџори Тејлор Грин на Х (поранешен Твитер) ја нарече помошта на Украина како „најкорумпираната шема за перење пари од која било странска војна во историјата на земјата,“ притоа споделувајќи лажна вест за „јахтите на Зеленски“:

Покрај тоа што е воочливо влијанието кај политичари од американскиот конгрес, скептицизмот се шири и кај новата словачка влада.

Сè на сè, ширењето на ваквите дезинформации во кои Зеленски, неговото семејство и блиските соработници се претставуваат како корумпирани, се прави за да се поткопа угледот на украинскиот претседател и директно да се влијае на финансиската помош на Украина.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција