Псевдонаучни толкувања на Александровиот мозаик од Помпеја

Фото: Принтскрин ФБ пост

Објава на Фејсбук тврди дека оклопот на Александар Македонски на мозаикот од Помпеја е украсен со прикази на пчела и крст, што не е поткрепено со научен извор, а кога тоа го објавува страница со илјадници следбеници, на кои таа им создава лажен впечаток дека е посветена на историската наука, тоа е ширење на псевдонаука и дезинформации, па мораме да реагираме

Објава на Фејсбук тврди дека оклопот на Александар Македонски на мозаикот од Помпеја е украсен со прикази на пчела и крст, што не е поткрепено со научен извор, а кога тоа го објавува страница со илјадници следбеници, на кои таа им создава лажен впечаток дека е посветена на историската наука, тоа е ширење на псевдонаука и дезинформации, па мораме да реагираме

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Пчела и крст на левото и десно рамо на Александар Македонски од познатиот мозаик

Тука се мисли на Александровиот мозаик од Помпеја (2 век п.н.е.), на кој е прикажан Александар Македонски (356 – 323 г. п.н.е.), а на чиј оклоп, според објавата, е прикажан  крст (на левата страна) и пчела (на десната). Меѓутоа, таму нема никаков крст и прашање е зошто Александар би го носел 350 години пред христијанството, а детал што личи на пчела има, но нејзиниот горен дел е покриен со наметката на Александар, па не е јасно дали е тоа пчела, растение или апстрактна декорација.

Тврдењето во објавата е потполно неосновано, а за да ни долови како тој оклоп изгледал во реалноста, објавата ни прикажува реконструкција (фотомонтажа), во која врз оклопот се додадени пчела и крст. Меѓутоа, тоа е фотомонтажа и таа не докажува ништо.

Покрај тоа, фотомонтажата прикажува и еден археолошки артефакт (дел од столб или сл.), најден на нашиве простори, на кој има нешто што наликува на пчела, но тоа е можеби лилјан или нешто друго, а тука се тврди дека тоа е истата или слична „пчела“ како онаа на мозаикот.

Објавата не е поткрепена со ниту еден научен извор, а во коментарите под неа, тоа откритие за пчелата себеси си го припишува Каролина Ристеска, поетеса од Торонто, но други тоа му го припишуваат на Владо Павлов, псевдоисторичар од Кочани.

Тој доста го нагласува тој археолошки артефакт (тука, тука, тука, тука, тука и тука), кого сам го нашол во Кочанско, но не нуди никаков научен извор околу тоа од кој период тој артефакт потекнува, ни од која култура, ни дали е тоа пчела, ни дали тоа има некаква вредност и значење (а и прашање е дали е легално некој сам да пронаоѓа такви нешта).

Павлов тврди и дека го барал гробот на Александар Македонски во Кочанско, што е потполно нелогична локација, имајќи предвид дека гробот му е најверојатно во Египет, а и прашање е кога и колку Кочанско било под власта на Античка Македонија, чиј центар, всушност, бил многу појужно, околу Пела, Солун и Еге (сега Вергина).

Тоа е една псевдоисторија, во која Павлов меша антиквизација, Библија, Илуминати итн., но тука барем сфаќаме дека токму тој придонел за таа приказна околу „пчелата“.

Луѓето смеат да веруваат во што сакаат, но кога тоа го објавува фејсбук-страница со 13 илјади следбеници, на кои таа им создава лажен впечаток дека е посветена на историската наука, тоа е ширење на псевдонаука.

Што се однесува до крстот, авторот на објавата под неа го коментира следново:

А крстот е Македонија. I Ил бог на сонцето и – Ма мајката божја + Македон синот. Кој е Александар Македонски Божјиот Син.

Но, како што рековме, на оклопот крст нема. Иронично, на мозаикот навистина има крст, но на сосема друго место, што ни го кажува една научна статија на Никола Муреду, асистент-предавач по медитеранска археологија на Универзитетот во Бирмингем.

Статијата го анализира мозаикот, вклучително и оклопот на Александар, кајшто ја забележува митската Горгона нацртана на неговите гради, но не и некаква „пчела“, а крстот е закачен на уздите на еден коњ во десниот дел на мозаикот. Но, тоа не е коњот на Александар, Букефал, туку овој ѝ припаѓа на коњаницата на персискиот крал Дариј, кој на мозаикот се бори против Александар, .т.е. крстот не го носи Александар.

Статијата смета дека овој крст е поврзан со вавилонскиот бог Мардук, а како извор за тоа ја наведува „Илустрираната енциклопедија на традиционални симболи“ од Џин Кемпбел Купер (1905 – 1999), предавач од областа на филозофијата и компаративната религија. Крстовидни симболи имало и пред христијанството (на пр. египетскиот анх), а да не заборавиме и дека Римјаните, кои го направиле тој мозаик, распнувале луѓе на крст.

Фактот дека мозаикот бил направен околу два века по Александар ни кажува дека тоа не мора да е прецизен приказ за тоа како тој изгледал и се облекувал. Тоа не е фотографија и можеби уметниците си додале нешто свое, па дури и таму да додале пчела или крст, не мора да значи дека тоа така изгледало во времето на Александар. Додуша, некои сметаат дека ова била копија од хеленистички мозаик од 4 век п.н.е., но тој не е најден.

Можеби авторот на објавата начул дека на мозаикот има крст, но погрешно заклучил дека тој е на оклопот на Александар, несфаќајќи дека тој мозаик е широка композиција, во која Александар е само еден од повеќето прикажани ликови. Немаме друго рационално објаснување за тоа зошто авторот на објавата бара крст онаму кајшто го нема.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција