Путин не е цар на православието и не придонел за постоењето на Македонија

Владимир Путин - Од средбата со претседателот на Уставниот суд Валериј Зоркин (12.09.2024) Фото: kremlin.ru

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар е наводно тој. Тоа е манипулирање со националните и верските чувства на нашите граѓани какво што многупати сме виделе од „кујната“ на Кремљ. Исто така, повеќето држави со мнозинско православно население не се на страната на Путин, туку се членки на НАТО и/или ЕУ, или, пак, преговараат тоа да бидат. Тоа се: Грција, Кипар, Бугарија, Романија, Црна Гора, Северна Македонија, Молдавија и Украина

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар е наводно тој. Тоа е манипулирање со националните и верските чувства на нашите граѓани какво што многупати сме виделе од „кујната“ на Кремљ. Исто така, повеќето држави со мнозинско православно население не се на страната на Путин, туку се членки на НАТО и/или ЕУ, или, пак, преговараат тоа да бидат. Тоа се: Грција, Кипар, Бугарија, Романија, Црна Гора, Северна Македонија, Молдавија и Украина

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

ЧОВЕКОТ ЗА КОЈ ЗНАЕ ЦЕЛИОТ СВЕТ , ПОРАДИ КОЈ СЕУШТЕ ПОСТОИ МАКЕДОНИЈА , СРБИЈА, СВЕТА ГОРА И ЦЕЛО ПРАВОСЛАВИЕ , ЧОВЕКОТ ЗА КОГО СЛОБОДНО МОЖЕ ДА СЕ КАЖЕ ДЕКА Е ЦАРОТ НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ДРЖАВИ …НЕКА БОГ МУ ДАДЕ ДЛАБОКА СТАРОСТ ….СРЕЌЕН РОДЕНДЕН , ВЛАДИМИРЕ ВЛАДИМИРОВИЧ!!!

Тука се нагласува православието, но повеќето држави со мнозинско православно население не се на страната на Владимир Путин, туку се членки на НАТО и/или ЕУ, или, пак, преговараат тоа да бидат. Тоа се: Грција, Кипар, Бугарија, Романија, Црна Гора, Северна Македонија, Молдавија и Украина. Путин не е нивен цар, па дури ни фигуративно.

Всушност, малку е нејасно што објавата подразбира под „православни држави“. Православни по устав? Но, да не бидеме толкави легалисти, па ајде да речеме дека тоа опфаќа и секуларни држави, кои имаат мнозинско православно население.

Како и да е, целосно на страната на Путин е само Белорусија. Србија, пак, комуницира со Путин, но таа е и официјален кандидат за ЕУ. Иако за Путин тоа не е нешто толку негативно како НАТО, мораме да нагласиме дека тоа е сепак прозападен сојуз.

Во 2022 г. Србија гласаше за резолуциите на ООН: ES-11/1 (против сеопфатната руска инвазија врз Украина) и ES-11/4 (против руската анексија на окупираните територии). Србија беше отсутна од гласањето околу Крим во 2014 г., но подоцна учествуваше во украинската Кримска платформа.

Во 2019 г. Србија откри дека Русија врбувала свои шпиони среде српските воени лица, а во 2023 г. имаше контроверзии околу наводна продажба на оружје на Украина од страна на Србија.

Односите на Путин со Грузија се уште посложени. Таа е (или барем беше) близок партнер на НАТО, а од 2023 г. таа е официјален кандидат за ЕУ. Во 1990-тите, Грузија војувала против абхаските сепаратисти, на кои им помагале и руските сили, а во 2008 г. тие извршиле инвазија врз Грузија и им помогнале на Абхазија и Јужна Осетија да се отцепат од неа.

Грузија тогаш ги прекинала дипломатските односи со Путин, а иако нејзината влада сега флертува со него, тие не се нормализирани. И Грузија гласа во ООН против Путин. Тука заклучуваме дека тој не е омилен во сите православни средини, иако објавата остава таков впечаток.

Според објавата, Путин има заслуги за опстојувањето на Света Гора. Таму навистина пристигнуваат руски пари, било од Путин, било од нему блиски олигарси, од што манастирите опстојуваат, но постојат сомненија дека зад тоа стои перење на пари или штетно политичко влијание, што не е за пофалба (извори: тука, тука, тука, тука, и тука).

Путин не е светец или патријарх за да му се припишуваат врвни заслуги за православието, како што тоа го прави објавата, туку тој е бивш агент на КГБ, репресивната служба на бившиот СССР, кој ја репресирал религијата. Исто така, и сликата која Путин ја создава за Русија како мошне побожна земја е нереална и тој тоа сака да го спои со својата носталгија за СССР, иако тоа е неспоиво.

Објавата дури тврди дека благодарение на Путин сè уште опстојува Македонија. Тука сигурно се мисли на државата во која живееме, а таа се осамостоила на 8.9.1991 г., за што Путин не придонел со ништо. Навистина, Русија била првата суперсила, која ја признала Р. Македонија и тоа под нејзиното уставно име, но тоа е заслуга на рускиот претседател Борис Елцин, а не знаеме како Путин ќе постапел да бил на негово место.

Путин е поблизок со Белград отколку со нас, па можеби ќе бил дури и против нашето осамостојување. Тој околу четири пати гостувал во Србија и пет пати во Грција, со која порано имаше добри односи, но кај нас не бил ни eднаш.

И, точно е дека Путин ги критикуваше барањата за промена на нашето уставно име, со што се здоби со симпатии кај некои наши сограѓани, но нему му беше важно да не го решиме спорот со Грција и да не влеземе во НАТО, а не му беа важни нашите национални трауми. На таа тема објавиме две анализи: тука и тука.

Што е за право, Путин изразувал поддршка за Р. Македонија во текот на конфликтот во 2001 г., но оружје таа купила од Украина, што експремиерот Љубчо Георгиевски го толкува како еден вид на помош (наводно, Р. Македонија тогаш била под неофицијално ембарго за увоз на оружје, а и цените во Украина биле поволни).

Тоа мислење го дели и ексминистерот за одбрана Владо Бучковски, кој додава дека таква помош од Путин немало. На чело на Украина тогаш бил Леонид Кучма, за кого некои шират тврдења дека бил проруски послушник, т.е. човек на Путин, но тоа не е вистина и за тоа објавивме анализа.

Тука разгледавме битни моменти од нашата историја, но Путин во нив не одиграл некоја премногу значајна улога.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција