Раководството на МРТ, делумно и државата, придонеле да се одлеат милиони евра јавни пари!

Од протестот на невладината организација „Ајде“ пред МРТ во февруари 2015 година. Фото: Ванчо Џамбаски

Конечниот извештај за извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност на МРТ за 2017 година, изработен од Државниот завод за ревизија (ДЗР), покажува дека милиони евра сопственост на граѓаните, а со кои управувало раководството на јавниот радиодифузен сервис се третирани неодговорно, при што била направена штетна финансиска состојба. МРТ за кредит ги ставило под залог и зградите на „Македонско радио“! Дел од вината има и државата, бидејќи сè уште ја товари МРТ за долг за изградба на РТВ домот, а де факто сопственик на кулата од 22 ката се владини институции

Конечниот извештај за извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност на МРТ за 2017 година, изработен од Државниот завод за ревизија (ДЗР), покажува дека милиони евра сопственост на граѓаните, а со кои управувало раководството на јавниот радиодифузен сервис се третирани неодговорно, при што била направена штетна финансиска состојба. МРТ за кредит ги ставило под залог и зградите на „Македонско радио“! Дел од вината има и државата, бидејќи сè уште ја товари МРТ за долг за изградба на РТВ домот, а де факто сопственик на кулата од 22 спрата се владини институции

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Шокантни се сознанијата од информациите што ги дава Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста за 2017 г. на ЈРП „Македонска радиотелевизија“ – Скопје (целото име на Извештајот), во смисла на индиции за сериозна неодговорност на раководниот тим на јавниот сервис во поглед на трошењето на парите на граѓаните и негрижата за имотот на јавното претпријатие.

Невпишување на основната главница на МРТ, невпишување или нејасна сопственост врз дел од недвижниот имот, неплаќање навреме рати од преземени обврски од договори со Европската радиодифузија или, пак, комерцијални договори со добавувачи, непостоење евиденција дека одредена студиска опрема воопшто постои, а за која треба да се исплатат двојно повеќе пари од нејзината цена во договорот поради камати и ненавремено плаќање, отстапување на кулата на МРТ (22 спрата) без надомест на Владата, земање комерцијален кредит од банки со хипотека врз зградите на „Македонското радио“(!?) и друг недвижен имот…

Покрај ова, набавката на програма за потребите на МРТ во странство било оставено без правила на само неколку луѓе (одговорен уредник, уредник на спортска или уредник на некоја друга редакција), кои сами преговарале за сумите. При склучување договори со продуцентска куќа за учество на „Евросонг“, изборот на македонскиот претставник не бил спроведен со отворање тендер, туку со директно преговарање, огромни суми за повеќегодишни договори за копродукциски проекти дали од забавно-рекреативна или документарна содржина, како и, исто така, шокантно отстапување без надомест на голем дел од документарната програма, сопствена или копродукциска, на други радио-дифузери во земјата.

Тука накратко ќе се осврнеме на покрупните забелешки на државните ревизори, а кој сака да ги види сите детали, тие се наоѓаат на во самиот Извештај, во забелешките на Извештајот што ги упатиле од МРТ, како и одговорот од ДЗР на тие забелешки.

 

ИГРАРИИ НА ВЛАДИТЕ СО СТРАНСКИОТ ДОЛГ НА МРТ

Една од првите работи, кои се поинтригантни како информација од Извештајот, се обврските на МРТ кон странство настанати врз основа на од порано земени кредити од меѓународни извори (Парискиот и Лондонскиот клуб на доверители) за изградба на РТВ домот, односно денешната зграда позната под името МРТ.

Станува збор за милионски суми. Во 2006 и 2007 година Владата на Никола Груевски ги отплаќа сите обврски кон Парискиот и Лондонскиот клуб доверители, вклучувајќи ги и долговите што ги имала МРТ.

Дури во декември 2011 година, Владата на Груевски носи одлука, објавена во Службен весник, со која се врши отпис на побарувањата што ги има Министерството за финансии (МФ) кон МРТ за користени кредити и тоа во висина од 154, 4 милиони денари или околу 2,5 милиони евра. Само нецели 7 месеци подоцна, Владата носи нова Одлука со која ја поништува старата, а МФ ја информира МРТ дека повторно ја задолжува по основ на користење странски кредити и тоа заклучно со крајот на јули 2012 година со вкупен износ од над 163 милиони денари или над 2,65 милиони евра!

Во 2013 година бил склучен договор меѓу МФ и МРТ за репрограмирање на овие обврски и исплата на рати, почнувајќи од 01.08 2013 година до 2024 година, но, сега со камати, обврските се пресметани на износ од 3,31 милиони евра. И покрај тоа, почнувајќи од 2014 година МРТ не исплаќала ништо по основ на овој договор, по што МФ повеќе пати се заканува со опомени и тужби, а по поведен судски спор, покрај договорените рати, се плаќаат и дополнителни камати, се создаваат непотребни трошоци, а има и закани до МРТ дури и за одземање имот – велат ревизорите.

Притоа, тие констатираат дека МРТ можела, а не презела постапка на поднесување тужба до Управниот суд да ја преиспита одлуката на Владата за повторно наметнување на обврска, иако таа еднаш била избришана, а не презела ниту други дејства за да ја намали штетноста врз приходите и имотот на МРТ. Ваквите играрии на владата на Груевски и тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески се навистина неразбирливи, а обврските на МРТ стојат и денес.

 

МРТ НЕ Е СОПСТВЕНИК НА ЗГРАДИТЕ – ВЛАДАТА Е!?

Но, она што е апсурдно, е што Владите во период од 2003 до 2011 години со повеќе одлуки за сместување на разни свои институции практично ја одзела сопственоста врз главната зграда. Ревизорите констатираат дека иако зградата била градена од 1974 до 1990 година од сопствени средства на МРТ, од средства издвојувани од вработените и од кредити, владите сместиле повеќе институции со право на користење на недвижен имот без надоместок.

По барање на ревизорите, тие во катастарската документација забележале дека реалноста е сосема поинаква, односно дека сопственици на дадени катастарски парцели се другите институции кои се сместиле во висококатницата од 1-ви до 22-ри кат.

МРТ повела управен спор со Агенцијата за катастар на недвижности, кој е добиен во второстепена постапка, но грешката сè уште не е отстранета, односно сè уште стојат други сопственици, по што МРТ повела нов спор кој сè уште трае.

Врз основа на горенаведеното може да се констатира дека Владата на РМ со донесените одлуки го одзела корисничкото право на МРТ за објекти – згради 1,2 и 3 и им го дала правото на трајно користење на недвижностите на други субјекти и покрај тоа што РТВ домот бил изграден со сопствени средства на претпријатието добиени наменски, од неповратни средства и од кредити, се вели во Извештајот.

Оттука, нејасно е зошто и денес долгот кон Министерството за финансии сè уште стои, кога практично станува збор за одлуки на претходни влади за сместување на повеќе институции во кулата на МРТ, за што, пак, згора на сè, се запишани и како сопственици на простор, а де факто не треба да бидат.

Покрај тоа, станува збор за обврски кои се исплатени уште во 2006 и 2007 година, а МФ сè уште ја води МРТ како должник за изградбата на РТВ домот по основ на тие кредити и покрај тоа што МРТ фактички веќе не е сопственик на дел од објектите – се наведува на стр. 72 од Извештајот.

 

КРЕДИТ ОД 2,27 МИЛИОНИ ЕВРА СО ОДЛУКА НА ПРОГРАМСКИ СОВЕТ!?

Во јули 2015 година Програмскиот совет на МТ одобрил задолжување на МРТ кај комерцијална банка од 140 милиони денари или над 2,27 милиони евра за плаќање на стари долгови или доспеани обврски. Била формирана комисија од директорот, одбрана е банката, информиран е Надзорниот одбор и потпишен е договор во септември истата година.

Но, ДЗР, по прочешлување на сите закони и другите подзаконски акти, тврди дека Програмскиот совет на МРТ нема надлежност да управува со имотот на МРТ (ни со движните, ни со недвижните ствари), а најмалку има надлежност да одобрува кредитни задолжувања.

Подолу во Извештајот може да се види на што се мисли. Имено, Програмскиот совет за добивање на овој кредит ги ставил под залог зградите 1 и 2 на „Македонско радио“ и други недвижности во сопственост на МРТ.

Згора не сè, Програмскиот совет на МРТ одобрил и три бланко меници за извршување кои се доставени до банката кредитор.

Парите биле трошени во крајот на 2015 и првата половина од 2016 година, со што се намирувале побарувања, најголем дел од нив по основ на ненаплатена радиодифузна такса (РДТ) за чија реална пресметка ДЗР, исто така, има забелешки за неусогласеност и непрецизност, бидејќи не постоела соодветна контрола, соодветна служба, а постоело и отсуство на комуникација со Управата за јавни приходи – Скопје, до неодамна задолжени за прибирање на РДТ.

 

СПОРТ, ФИЛМОВИ, МУЗИКА КУПУВАЛЕ ПОЕДИНЦИ НАДВОР ОД ПРАВИЛАТА

Иако МРТ донела Правила за набавка на аудио-визуелни дела за потребите на програмата на јавниот сервис уште во 2014 година и нови правила во почетокот на 2018 година, ДЗР констатирал дека набавката на овие програмски содржини не се спроведувала според Правилата за распишување јавен конкурс, кои, патем речено, биле и непрецизни.

Ако се погледне оваа точка од Извештајот (4.2.13) ќе се дојде до шокантно сознание дека во најголем дел набавката одела преку одговорниот уредник на првиот и вториот програмски сервис. Имено, иако била формиран комисија од уредничкиот колегиум, кој требало да ги гледа сите понуди со доставени синопсиси, на пример, комисиите го разгледувале само изборот на одговорниот уредник и потоа одлучувале и позитивно се изјаснувале по тој избор – потпишано од сите членови на комисиите. Вакви набавки се случиле три пати во „изминатиот период“ (стр.23 и 24 од Извештајот), односно три пати е распишан конкурс за набавка на дела, односно програмски содржини од независни продуценти или откуп на права за емитување на информативна, играна, документарна, културна, уметничка, образовна, забавна и спортска програма. Но, ревизорите не нашле докази дека тоа е согласно законот и прописите, а, уште повеќе, Правилата што ги донела самата МРТ не биле специфицирани и детализирани за тоа кој и како може да врши вакви јавни набавки и да ја задолжува куќата на повеќе години.

Интересен е делот што кај спортската програма, правата за нејзин откуп и емитување, како и сумите со кои таа ќе се плаќа, ги утврдувал, односно бил задолжен, поранешен новинар во спортската програма, вработен по авторски договори сè до 2014 година, кога го вработуваат, а од 2015 и  во 2016 година ги извршувал работните задачи уредник на спортска програма на првиот програмски сервис, односно МТВ. Тој заедно со одговорниот уредник го поднел барањето за програмски интерес, по што, според ревизијата, преговарал за цените и условите на плаќање, а договорот го потпишувал директорот. Сето ова било надвор од законите и интерните прописи на МРТ.

Четири години после протестот на „Ајде“ пред МРТ, проблемите се уште ненадминати. Фото: Ванчо Џамбаски

 

БЕСПЛАТНО РАЗДАДЕНИ ФИЛМОВИ ВО ВРЕДОСТ ОД 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА

И во наредните точки од Извештајот се наоѓаат редица вакви детали. Од огромни пари во износи од стотици илјади евра за откуп на права за емитување спортски настани (фудбалски првенства и други спортски настани од странство), до исплата на договори за продуцентски куќи за разна програма, при што најмногу за документарна.

За  дел од оваа програма во изминатите неколку години од 2011 до 2015 г., МРТ исплатила околу 3,5 милиони евра (104 наслови на документарни филмови). Но, истиот овој јавен сервис носи одлуки во рок од неколку години, со кои без надомест ги отстапува своите аудио и аудио-визуелни дела на други радиодифузери, што, според ревизорите, е надвор од законите.

Правата за бесплатно преотстапување, т.е емитување на овие дела на МРТ се вршело со потпис на директорот и одговорниот уредник на МТВ, а со знаење на надзорниот одбор. Самото преснимување се вршело на хард диск на јавниот сервис и без внес во архива.

 

НЕУВЕРЛИВОСТ ВО ТОЧНОСТА НА ПРИХОДИТЕ ОД РЕКЛАМИ

Проблеми со непостоење правила и контрола има во целото работење на МРТ, но во Извештајот на ревизорите е споменат и маркетингот, односно приходите од маркетингот. Имено, во трговските книги и финансиските извештаи за 2017 година е наведено дека МРТ имала приход од маркетинг таа година од околу 432 илјади евра. Меѓутоа, „не е изграден систем на контрола со кој за искористеното рекламно време на програмата ќе се креира соодветно побарување, приход и обврски за ДДВ“, потоа не биле доставувани медиа плановите, не е прецизирано со интерните акти што значи „бесплатно емитување“, а Владата користела такво и првиот дел од 2017 година. Ревизијата не е уверена во реалноста на прикажаниот приход од маркетинг за 2017 г., односно „не можеше да ја потврди целосноста и комплетноста на приходот“.

 

ИДНИНАТА НА МРТ Е НЕСТАБИЛНА

Во Извештајот има и други нерегуларности за кои ревизорите се децидни дека не се според прописите. Една од таквите е студиска опрема, која е со вредност од неколку милиони евра, а која или не може да се најде (дел) или е некомпатибилна и не е во функција, бидејќи била заклучена и не била во употреба од 2002 до 2007/8 година, а не била набавена оригинално од МРТ, но била добиена на лизинг помеѓу странска и домашна компанија во 2002 г.

Потоа била преземена од Владата, а потоа за пренос на правото на сопственост на опремата, МРТ морала да плаќа многу повеќе од реалната сума на опремата и само по овој основ досега има платено скоро 1,8 милиони евра.

Вакви апсурдни ситуации има многу во извештајот, а заклучокот е дека поради повеќе преземени обврски и поради необезбедување на стабилен извор за финансирање на тие обврски, МРТ, иако во своите финансиски извештаи покажува добивка во последните години, во суштина работи многу нестабилно и со блокирана сметка, а оставен е еден мал дел колку само тековно да функционира исплатата кон доверителите и кон државата. На тоа укажуваат и преку 30-те судски спорови што се водат против МРТ, а исто толку и МРТ води против други субјекти.

Владата, патем, од 2013 г. заклучно со септември 2017 г., дала преку 20 милиони евра пари од буџетот на МРТ врз основа на одлуки на Влада за финансиска помош, а според ревизорите и тоа е надвор од прописите, бидејќи не било точно специфицирано за која намена се парите.

* * *

Сопственик на МРТ е Република Македонија која го основа ова претпријатие со закон во 1999 година, а во Централен регистар како основач/сопственик е наведено Собранието на РМ. Според тоа, овој ревизорски извештај треба внимателно да биде погледнат и од Владата и од Собранието, а секако дека тука има простор за работа и за Јавното обвинителство и за Антикорупциската комисија. Дотолку повеќе што сега сме пред избор на нов Програмски совет на МРТ, а согласно тоа и ново раководство на МРТ.

Старото раководство и дел од вработените, пак, како што се констатира во Извештајот, за успешната работа, согласно Колективен договор од 2015, инаку непрописно применуван, делело средства надвор од платите како додаток. За таа намена во 2017 година се поделени (пресметани и исплатени) близу 100 илјади евра и тоа во првата половина од годината на 50-60, а во втората на само 8-12, од вкупно 863 вработени.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција