Рашковски немал два доктората во моментот на изборот за генерален секретар
Во Билтенот на УКИМ бр. 1149 објавен на (на стр. 30), може да се види дека Рашковски во моментот на избор на функцијата имал само прифатено тема за докторска дисертација, Одлуката за тоа е донесена на 01.06.2017 година, но јавно е објавена (во универзитетскиот Билтен) на 30 јуни 2017 година, односно еден месец откако бил избран за генерален секретар во Владата
Димитар Апасиев доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право, член на раководството на партијата Левица, долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“, деновиве (04.06.2018) преку неговиот профил на „Фејсбук“ го обвини генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, дека во својата биографија објавена на веб-страницата на Владата, навел неточен податок – дека има два доктората. Во ова обвинување на Апасиев, кое беше објавено и во повеќе медиуми, тој тврди:
Генералниот секретар на Влада на Република Македонија лажел дека има ДВА ДОКТОРАТА!
Драги Рашковски, кој на функцијата Генерален секретар на Владата беше избран на 5 јуни 2017, ја излажал јавноста дека поседува ДВА ДОКТОРАТА и овој лажен податок го пласирал во своето официјално CV, кое сè уште стои на владиниот сајт (види линкови во коментари).
Имено, од јавно објавениот Билтен на УКИМ бр. 1149 еден месец подоцна, т.е. на 30 јуни 2017 (на стр. 30) – се гледа дека Рашковски во моментот на избор на функцијата немал ниту објавена Одлука за прифатена тема за докторска дисертација, што е иницијална фаза за докторирање – а камоли „одбранет докторат“!?
Според Правилникот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за трет циклус студии, во најдобар случај, меѓу објавениот наслов на дисертација и јавната одбрана на истата поминува една до две години.
Но, нашиот ГенСек уште лани побрзал да се пофали со наводна втора научна титула „доктор на науки“, иако НИКОГАШ – ни до денешен ден – го нема одбрането докторатот, ниту пак има добиено позитивна рецензија за истиот!#ОставкаОдМоралниПричиниИлиРазрешување
[Извор: Фејсбук профил на Димитар Апасиев, датум: 04.06.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова тврдење на Димитар Апасиев во кое тој вели дека генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, изнел неточни податоци во биографијата и „уште лани побрзал да се пофали со наводна втора научна титула „доктор на науки“, иако никогаш ни до денешен ден го нема одбрането докторатот, ниту пак има добиено позитивна рецензија за истиот“, го оценуваме како вистинито.
Рашковски е избран за генерален секретар на Владата на петти јуни 2017 година и во неговата биографија објавена на веб-страницата на Владата тој, меѓу другото, навел дека:
Во 2007 година завршил правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“. На „Јустинијан Први“ се стекнал со највисоки оценки и со три магистратури од областите на граѓанското материјално и граѓанското процесно право, казненото право и криминалистика, право на интелектуална сопственост. На истиот факултет се стекнал и со два доктората насловени: „Остварување на формите на непосредна демократија со помош на информатичката технологија“ и „Дигитализација и автоматизација на комуникацијата на граѓаните со јавната администрација (со систем за дигитално комуницирање со јавната администрација“).
Во Билтенот на УКИМ бр. 1149 објавен на (на стр. 30), може да се види дека Рашковски во моментот на избор на функцијата имал само прифатено тема за докторска дисертација, Одлуката за тоа е донесена на 01.06.2017 година, но јавно е објавена (во универзитетскиот Билтен) на 30 јуни 2017 година, односно еден месец откако бил избран за генерален секретар во Владата.
Како што пишува Апасиев, „според Правилникот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за трет циклус студии, во најдобар случај, меѓу објавениот наслов на дисертација и јавната одбрана на истата поминува една до две години“, па го повика Рашковски да си поднесе оставка од морални причини или да биде разрешен од функцијата.
И самиот Рашковски во изјава за „Слободен печат“, индиректно признава дека во моментот нема два доктората. Избегнувајќи експлицитен одговор тој вели дека приватниот живот го држи настрана и дека двата доктората му се готови:
Тоа е приватна работа и не е поврзана со мојот ангажман. Секогаш приватниот живот го држам на страна. А мојот докторат, и едниот и другиот се готови – изјави Драги Рашковски за „Слободен печат”.
Но, дури и досега да го имал одбрането вториот докторат, факт е дека Рашковски во моментот на изборот (05.06.2017 г.) имал само еден, така што изјавата на Апасиев ја оценуваме како вистинита.
ИЗВОРИ:
- Фејсбук профил на Димитар Апасиев (06.2018): Генералниот секретар на Влада на Република Македонија лажел дека има ДВА ДОКТОРАТА! [Пристапено на: 05..06.2018]
- Тајм.мк (04.06.2018): Апасиев: Рашковски лажел дека има два доктората [Пристапено на:05.06.2018]
- А1 ОН (04.06.2018): Апасиев: Рашковски лажел дека има два доктората [Пристапено на:05.06.2018]
- Слободен печат (04.06.2018): Рашковски за обвинувањата на Апасиев: Приватниот живот го држам на страна, а двата докторати ми се готови [Пристапено на:05.06.2018]
- Униветзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје (30.06.2017): Билтен број 1.149 (стр.30) [Пристапено на:05.06.2018]
- Влада на РМ : Генерален секретар на Владата на Република Македонија [Пристапено на:05.06.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар