Реконструкцијата на Собранието „изеде“ десет училишта и градинки

Реконструкцијата на Собранието траеше шест години. Од свеченото отворање на 11 Октомври 2016 година. Фото: Собрание на РМ

Во Конечниот извештај за ревизијата на финансиските извештаи на сметката на основен буџет за 2015 година на Собранието (стр.12), ревизорите, меѓу другото, забележале дека од 2010 година (кога почнала изградбата) до 2015 година, кон основниот договор се склучени 6 анекси со кои вредноста на работите се зголемила за повеќе од три милиони евра. Но, и тие износи се зголемија свеченото отворање на реновираното Собрание во октомври 2016 година

 

Во Конечниот извештај за ревизијата на финансиските извештаи на сметката на основен буџет за 2015 година на Собранието (стр.12), ревизорите, меѓу другото, забележале дека од 2010 година (кога почнала изградбата) до 2015 година, кон основниот договор се склучени 6 анекси со кои вредноста на работите се зголемила за повеќе од три милиони евра. Но, и тие износи се зголемија свеченото отворање на реновираното Собрание во октомври 2016 година 

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Деветтиот парламентарен состав мандатот ќе го почне во реконструирана собраниската зграда  која доби сосема нов изглед со три куполи – една голема централна и две странични, за што се потрошија милионски суми од државната каса. Реализацијата на овој огромен градежен зафат траеше шест години (од март 2010 до октомври  2016 година) и според тоа што го објавија медиумите, целата реконструкција ја чинеше државата околу 21 милиони евра, што е двојно повеќе од првичната проекција од 10, 5 милиони евра. Оваа сума, којашто  официјално не беше соопштена, но, исто така, досега (29.12.2016) не е демантирана, е доволна да се изградат десет училишта или градинки, или пак, три болници!

Дека се работи за скап реконструктивен зафат говори и Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2015 година, кој се однесува на Собранието. Во Конечниот извештај за ревизијата на финансиските извештаи на сметката на основен буџет за 2015 година на Собранието (стр.12), ревизорите, меѓу другото, забележале дека од 2010 година (кога почнала изградбата), до 2015 година, кон основниот Договор се склучени 6 анекси со кои вредноста на работите се зголемила за повеќе од три милиони евра, односно од 12,7 милиони евра на 15,7 милиони евра.

Во текот на 2010 година предвидено е изведување на градежни и градежно-занатечиски работи за доградба, надградба, адаптација и зајакнување на објектот на Собранието. Вредноста на работите што треба да се извршат изнесува 782.036 илјади денари со вклучен ДДВ, во рок од две години од воведувањето на работите. Кон основниот договор во период од 2010 до 2015 година склучени се шест анекси со кои вредноста на работите е зголемена по обем, вид, количина и вредност, и три анекси за продолжување на времето на реализација. Анексите се склучени согласно ЗЈН, со постапка за преговарање без објава на оглас по член 99 став 1 точка 4. Вредноста на анексите е во рамките на законски дозволениот лимит од 30% од вредноста на основниот договор и изнесува 189.471 илјада денари, така што, вкупната вредност на договорот е зголемена на 971.508 илјади денари… (Извештај на Државниот ревизор, стр 12)

 

СКАПА И ДОЛГА РЕКОНСТРУКЦИЈА

Проектот за доградба и надградба на Собранието, адаптација и зајакнување на конструктивниот систем и обновување на фасадата започна да се реализира во 2010 година, при што првичната проценка беше дека за него ќе се потрошат 10,5 милиони евра, а ќе биде готов до 2012 годдина. Подоцна беше објавено дека проектот ќе чини околу 12,8 милиони евра, но и таа сума неколкупати се зголемуваше.

Во септември 2013 година медиумите информираа дека:

Градежната компанија „Бетон“ од Скопје ќе добие уште 49.068.067 денари или околу 800 илјади евра за целосно да ја доврши реконструкцијата и надградбата на зградата на републичкото Собрание. 

Според оваа информација целокупните активности требаше да се завршат до ноември 2013 година, но, тоа не се случи. Во јануари 2014 година имаше информација дека  најмногу за 10 месеци (крај на 2014 година) се очекува да се комплетираат градежните работи за реконструкција и надградба на Собранието и дека изведбата на зајакнувањето на ѕидовите на објектот е причина за пробивање на рокот за неговото завршување.

Во мај 2014 година беже кажано дека проектот за реконструкција и надградба на објектот на Собранието  ќе биде комплетиран до крајот на 2014 година, а истиот ќе биде пуштен во употреба на почетокот од 2015 година.

Но, и ваквите најави  не се остварија. Во април 2015 година медиумите информираа дека за довршување на реконструкцијата на парламентарниот дом ќе бидат потрошени дополнителни 262.911.673 денари (околу 4,3 милиони евра) и дека со најновиот договор, вкупната сума за санација и надградба на парламентарното седиште надмина 15 милиони евра.

Во ноември 2015 година имаше ново ветување дека целиот процес ќе биде комплетиран до февруари 2016 година. Меѓутоа, реконструкцијата се развлече до втората половина на оваа година и зградата на Парламентот беше свечено отворена на 11 октомври 2016.  Со оваа обемна надградба и доградба објектот на Собранието доби површина од 18.000 метри квадратни, а меѓу нив се издвојува големата сала на собраниската зграда, под големата купола. Собраниската зграда сега има 100 простории наменети за македонските парламентарци. За седниците на собраниските комисии е обезбеден простор во шест дополнителни сали.

 

КУПОЛИТЕ  „ТРГНАА“ УШТЕ 2006 

Ова, всушност, беше првиот проект кој беше инициран од ВМРО-ДПМНЕ  набрзо по промената на власта во 2006 година, од тогашниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски. Наспроти жестоките критики од експертската јавност, сепак, иницијативата беше протуркана во Собранието како решение за просторните проблеми на пратениците. Управата за заштита на културното наследство најнапред имаше негативно мислење за идејата за реконструкција на собраниската зграда, бидејќи претставува споменик на културата од прва категорија. Но, потоа Управата се предомисли и се  согласи Парламентот да се доградува, така што нема да се зафаќа надворешниот габарит на зградата која е во форма на петаголник. Четири години подоцна, во 2010 година овој проект стана дел од проектот „Скопје 2014“.

Зградата на Собранието е изградена во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција