Репортери без граници: Создавањето медиумско оружје во авторитарните земји може да доведе до најлош вид војни
Репортери без граници во најновиот извештај за слободата на медиумите ја споменуваат и руската инвазија врз Украина на крајот на февруари, велејќи дека на ‘конфликтот му претходела пропагандна војна’. Ситуацијата е класифицирана како „многу лоша“ во рекорден број од 28 земји во годинешниот индекс, додека 12 земји, вклучувајќи ги Белорусија и Русија се на црвената листа на мапата (што укажува на „многу лоша“ слобода на медиумите)
Репортери без граници во најновиот извештај за слободата на медиумите ја споменуваат и руската инвазија врз Украина на крајот на февруари, велејќи дека на ‘конфликтот му претходела пропагандна војна’. Ситуацијата е класифицирана како „многу лоша“ во рекорден број од 28 земји во годинешниот индекс, додека 12 земји, вклучувајќи ги Белорусија и Русија се на црвената листа на мапата (што укажува на „многу лоша“ слобода на медиумите)
Дваесеттиот Светски индекс за слободата на медиумите кој денеска беше објавен од Репортери без граници открива двојно зголемување на поларизацијата во медиумите која е засилена од информацискиот хаос. Во извештајот на Репортери без граници се вели дека поларизацијата на медиумите ги поттикнува поделбите внатре во државите, но и поларизацијата меѓу земјите на меѓународно ниво.
Во извештајот, кој ја анализира состојбата во медиумите во 180 држави, се нагласуваат катастрофалните ефекти од вестите и информативниот хаос, односно ефектите од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува лажни вести и пропаганда.
Во демократските општества, поделбите растат како резултат на ширењето на коментаторското новинарство по „моделот на Фокс њуз“ и ширењето на опсегот од дезинформации кои се засилени од начинот на кој функционираат социјалните медиуми. На меѓународно ниво, демократиите се ослабени поради асиметријата меѓу отворените општества и деспотските режими кои ги контролираат медиумите и онлајн платформите кои водат пропагандни војни против демократиите. Поларизацијата на овие две нивоа поттикнува зголемени тензии, стои во извештајот.
Репортери без граници ја споменуваат и руската инвазија врз Украина на крајот на февруари, која се рефлектира врз овој процес, бидејќи на ‘конфликтот му претходела пропагандна војна’. Извештајот се осврнува и на Кина, за која се вели дека ‘го има еден од најрепресивните автократски режими во светот и дека го користи својот законодавен арсенал за да го ограничи своето население и да го отсече од остатокот од светот, особено населението на Хонг Конг’.
Поларизацијата на медиумите ги храни и зајакнува внатрешните социјални поделби во демократските општества како што се Соединетите Американски Држави, и покрај изборот на претседателот Џо Бајден. Зголемувањето на социјалната и политичката тензија е поттикната од социјалните мрежи и новите медиуми, особено во Франција. Потиснувањето на независните медиуми придонесува за остра поларизација во „нелибералните демократии“ како што е Полска, каде што властите ја консолидираа својата контрола врз јавниот радиодифузен сервис и нивната стратегија за „повторно полонизирање“ на медиумите во приватна сопственост, стои во Извештајот на Репортери без граници.
Триото нордиски земји на врвот на индексот – Норвешка, Данска и Шведска продолжува да служи како демократски модел каде што слободата на изразување е најзастапена, додека Молдавија и Бугарија се издвојуваат оваа година благодарение на промената на власта и надежта што ја донесе истата за подобрување на ситуацијата на новинарите, иако олигарсите сè уште ги поседуваат или контролираат медиумите.
Ситуацијата е класифицирана како „многу лоша“ во рекорден број од 28 земји во годинешниот Индекс, додека 12 земји, вклучувајќи ги Белорусија и Русија се на црвената листа на индексот (што укажува на „многу лоша“ слобода на медиумите).
Генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делоар, изјави:
Маргарита Симонјан, главен уредник на RT (поранешна Русија денес), откри што навистина мисли во преносот на телевизијата „Русија 1“ кога рече: ‘Ниту една голема нација не може да постои без контрола врз информациите’. Создавањето медиумско оружје во авторитарните земји го елиминира правото на граѓаните да дојдат до информации, но тоа исто така е поврзано со порастот на меѓународната тензија, што може да доведе до најлош вид војни. На домашен план, „Фокс њуз-медиумите“ претставуваат фатална опасност за демократиите бидејќи ја поткопуваат основата на граѓанската хармонија и толерантната јавна дебата. Потребни се итни одлуки како одговор на овие прашања, промовирање Нов договор за новинарството, како што беше предложено од Форумот за информации и демократија, и усвојување соодветна правна рамка, со систем за заштита на демократските онлајн информативни простори.
Северна Македонија има скок од 33 места во споредба со лани на глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Земјата е рангирана на 57 место од вкупно 180 земји, додека во 2021 година беше 90-та на листата.
Репортери без граници годинава користат нова методологија со која слободата на медиумите се дефинира како „ефикасна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и шират вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања, како и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“. Со новата методологија се опфатени пет нови индикатори: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст и безбедност.
Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад имаат Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места.
Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар