„Руската камера“ снима лажни видеа за да ја уништи мобилизацијата во Украина

Фото: Колаж Канва

Бројни меѓународни организации, но и проверувачи на факти од Украина се согласуваат дека на интернет просторот особено на Телеграм, се креирани неверодостојни, инсценирани видеоматеријали со платени актери, со една единствена цел да се поткопа мобилизацијата во Украина и да се дискредитираат вооружените сили на Украина

Бројни меѓународни организации, но и проверувачи на факти од Украина се согласуваат дека на интернет просторот особено на Телеграм, се креирани неверодостојни, инсценирани видеоматеријали со платени актери, со една единствена цел да се поткопа мобилизацијата во Украина и да се дискредитираат вооружените сили на Украина

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Русија спроведува психолошки и информациски операции за да ја поткопа и дискредитира мобилизацијата во Украина, да го уништи моралот на граѓаните на Украина и да ја ослабне нивната волја за бранење на сопствената држава. Како поддршка на ваквите напори, руската војска и специјалните служби на социјалните мрежи дистрибуираат и вистински и лажни фотографии и видеоматеријали . Ваквата информација на почетокот на септември ја сподели Меѓународниот центар за одбрана и безбедност на Естонија, додавајќи дека руските специјални служби користат поранешни и сегашни машки државјани на Украина кои доброволно ја смениле страната на борба, за да произведат малигни содржини за социјалните мрежи.

Руските обиди да се дискредитира украинската мобилизација, не може да се гледаат засебно, надвор од контекстот на пошироката информациска и психолошка кампања, односно операција. Целта на ваквата стратегија е да се уништи довербата на украинското општество во политичко-военото раководство на Украина и во вооружените сили на Украина и да се креира тензија меѓу војската и цивилите. На ваков начин, според Меѓународниот центар за одбрана и безбедност на Естонија, треба да се влијае и на волјата и мотивацијата на граѓаните да служат во војската на Украина.

Институтот за проучување на војните, невладина и непрофитна организација од САД формирана во 2007 година, во својот извештај од 22 септември 2024 година посочува слични и совпаѓачки наоди кои ги темели на украински извори.

Украинскиот Центар за стратешки комуникации (Стратком) на 21 септември предупреди дека руски актери шират лажни наративи на социјалните мрежи за припадници на Вооружените сили на Украина. Конкретно, се работи за наративот дека „тие користат дрога обезбедена од САД“. Ова се прави за да се дискредитира украинската војска пред новите регрути и пред општеството. Руски актери користат лажни и изнудени „признанија“ од Украинци што се држени како воени затвореници за да ги поткрепат овие тврдења, пренесе Инстиутот за проучување на војните.

 

Видеоматеријали од насилна и присилна „мобилизација“

Чекорот број еден во целата кампања, беше, сè разбира, пласирањето на вакви содржини на Телеграм каналите контролирани од руските специјални служби кои ја таргетираат Украина уште од 2018 година. Кампањата е таква, што ја претставува мобилизацијата во Украина како „незаконска“ и „насилна“.

За забележување е дека овие канали почнаа да објавуваат видеа со сомнителен квалитет, тврдејќи дека се снимени тајно, од страна на очевидци и честопати прикажуваат претставници кои регрутираат на начин што ги грабнуваат цивилите од улица и на видеата изгледа како да ги присилуваат да дојдат во канцелариите за регрутација. Дел од видеата личат на киднапирања.

Како што објаснува Меѓународниот центар за одбрана и безбедност на Естонија, видеата се шират на различни социјални мрежи, посебно на Телеграм и на Тик Ток, но не е исклучок ни Фејсбук, со коментари дека прикажуваат „лов на месо“.

Најчесто на нив се прикажани градови во источна, југоисточна и централна Украина, како Харкив и Одеса, каде Русија се фокусира да го снижи моралот врзано за својот лажен наратив дека „историски руски градови се таргетирани од украинските сили од воздух“. На видеата се прикажува и таканаречената добропозната „присилна мобилизација“ која треба да го поткрепи рускиот наратив за дискриминација во некои украински региони. Лајт-мотивот на оваа пропаганда е дека „Украина ги праќа Украинците во смрт“, без да се напомене дека Русија прва неиспровоцирано ја нападна Украина на 24 февруари 2022 и дека мобилизацијата е одговор на тоа дејство.

 

Актери облечени во украински воени униформи

Шефот на Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Андреј Коваленко, на 15 август годинава објави дека Русија го засилила производството на лажни видеа за регионот Курск, на кои се прикажани актери облечени во униформи на украинските вооружени сили. Според него, Кремљ го интензивира создавањето на овие видеа во кои се вклучени актери од организации финансирани од руското Министерство за одбрана, како и вработени во студиото на театарот „Крилја“. Коваленко смета дека ова е вообичаена руска пропагандна тактика која се користи во регионот Харков и други привремено окупирани територии. Украинската служба за безбедност соопшти дека руските специјални служби шират дезинформации за ситуацијата во регионот Курск, лажно обвинувајќи ја украинската војска дека извршила воени злосторства.

Видеа од припадници на Украинските воени сили како наводно напаѓаат жени и одредени религиозни групи, исто така, циркулираат на социјалните мрежи, нотира Меѓународниот центар за одбрана и безбедност.

Целта е да се поткопа мотивацијата на граѓаните на Украина да се приклучат кон вооружените сили, плашејќи ги на начин што истакнуваат и потенцираат потенцијално опасни ситуации. Регуларно се објавуваат и видеоматеријали од тоа како се мачени украински војници кои се заробени од руската армија, наведува Меѓународниот центар.

Лажни видеа од „мобилизација“ во Украина се шират и во С. Македонија

И на социјалните мрежи во Северна Македонија темата мобилизација во Украина е проследена со видео материјали кои понекогаш се невистинити и имаат за цел да ја прикажат истата како присилна и насилна. На пример, објавено беше видео со лажен опис „Украина, мобилизација на улица“. На видеото не е прикажана мобилизација, туку фаќање на криминална група и нејзини клиенти, кои платиле од 5 до 10 илјади долари за превоз до молдавската граница и помош илегално да ја преминат со цел да ја избегнат мобилизацијата. Настанот се случил на 21.6.2024 околу 14 часот меѓу селата Обжиле во Одеската област на Украина и Плопи во Рибницкиот реон на Молдавија, а во близина е и веќе споменатиот град Кодима. Превозот бил со 4 минибуси, следени од автомобил, но криминалците и нивните клиенти биле сопрени и не ја оствариле својата цел. Бројот на приведени во оваа акција е рекорден за вакви случаи: 7 криминалци и 47 нивни клиенти.

„Киев Индепендент“ го објави предупредувањето на копнените сили на Украина. Тие соопштија дека „голем дел од видеата на социјалните мрежи кои прикажуваат конфликти со офицери за мобилизација или војници на вооружените сили на Украина“ се производ на „информативна операција на непријателот“.

Добивме информации за исценирани тепања и снимки направени на окупираните територии користејќи автомобили и минибуси со лиценци од други региони, снимени со слаб квалитет за да изгледаат автентични. На социјалните мрежи редовно се појавуваат видеа на кои се прикажани мажи насилно регрутирани од страна на украинските функционери, а насилството навистина се случило во некои центри за регрутирање, што го прави прашањето ранливо на експлоатација од страна на руските актери за дезинформација, пишува „Киев Индепендент“.

Бројни меѓународни организации, но и проверувачи на факти од Украина се согласуваат дека на интернет просторот особено на Телеграм, се креирани неверодостојни, исценирани видеоматеријали со платени актери, со една единствена цел – да се поткопа мобилизацијата во Украина и да се дискредитираат вооружените сили на Украина.

 

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција