СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ спинуваат околу уставните измени

Фото: Влада на РСМ/веб

Партијата на власт спинува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се согласил со уставни измени и со тоа го променил ставот, додека ВМРО-ДПМНЕ спинува околу глорификацијата на предлозите на Христијан Мицкоски дека тие значеле ем брза интеграција, ем заштита на идентитетот

Партијата на власт спинува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се согласил со уставни измени и со тоа го променил ставот, додека ВМРО-ДПМНЕ спинува околу глорификацијата на предлозите на Христијан Мицкоски дека тие значеле ем брза интеграција, ем заштита на идентитетот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Двете најголеми политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по средбата на лидерите на двете партии на 7 јули, со денови комуницираат со јавноста околу тоа што е прифатено, а што не од таа средба. Притоа и кај двете партии може да се забележат два клучни спина во комуникацијата со јавноста:

Спин: На прес конференцијата главен заклучок е дека ВМРО ДПМНЕ не е против уставни измени. Тоа е прво и најважно. Во текот на целиот изминат период тие обвинуваа дека со уставните измени и внесување на други делови од народи во преамбулата на уставот државата ќе била бугаризирана, асимилирана, ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот, културата.  Ние кажувавме и кажуваме, фактите говорат дека тоа не е точно. Меѓутоа сега и ВМРОДПМНЕ потврди на таа прес конференција дека нема ништо против уставните измени, рече Ковачевски.

[Извор: Мета.мк – Д. Ковачевски/изјава; Датум: 12.06.2023]

Контраспин: Уставните измени околу внесувањето на Бугарите и делови од други народи пред суштинското започнување на преговорите со ЕУ, сè уште се заглавени меѓу понудата на премиерот, Димитар Ковачевски за влез на ВМРО-ДПМНЕ во заедничка преодна влада и чекањето одговор од страна на ВМРО-ДПМНЕ што е тоа што би било прифатливо за СДСМ и Ковачевски од она што го понуди лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Се оди дотаму што премиерот го отстапува и премиерското место само да поминат уставните измени до крајот на летово, но тоа се чини не е пречка за СДСМ по таа лидерска средба да комуницира со јавноста со спин, што е лесно детектибилен за вистинскиот став на Мицкоски од 7 јули. Имено, СДСМ со денови комуницира со јавноста дека најважниот заклучок од средбата на лидерите било тоа што ВМРО-ДПМНЕ го сменил ставот околу внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ. Но, тоа е извртување на вистината од две причини.

Првата е дека од ВМРО-ДПМНЕ и порано рекле дека немаат проблем со внесувањето на Бугарите во Уставот, но „не под бугарски диктат“ и „не во овој состав на Собранието“. Втората е, дека Мицкоски по лидерската средба на прес-конференцијата навистина изјави дека се согласува со уставни измени и во овој состав на Собранието, но реченицата не завршува тука, туку тој постави јасен услов. Еве го што кажа Мицкоски на 7 јуни во врска со ова прашање:

На оваа понуда која што претставува позиција на Димитар Ковачевски од моја страна беше даден следниот одговор, во ред ја разбирам понудата и за истата го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии но без учество во истата Влада на Демократската унија за интеграција. ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата со тоа што избори подготвува техничка Влада, не оваа Влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот Протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки. (Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб).

Како што може да се види и од овој цитат и ако се прочита целиот стенограм од кажаното, ВМРО-ДПМНЕ поставува еден јасен предуслов – измените да важат во моментот кога С. Македонија ќе стане членка на ЕУ, т.е. во периодот на ратификацијата на одлуката за членство. Оттука, јасно е дека она што го кажуваат од СДСМ со денови околу тоа дека Мицкоски го сменил ставот е спин или извртување на вистината.

ВМРО-ДПМНЕ спинува околу спроведливоста на нивните предлози

Клучниот спин што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ е искажан денеска (13.06.2023) преку партиско соопштение во кое се глорифицираат двата предлога на Мицкоски на средбата со Ковачевски, при што се вели:

Спин: СДС со тоа што не се изјаснува за уставни измени со одложено дејство и помага на Бугарија во намерата за национално обезличување и кажува дека ова не е последната уцена на патот кон ЕУ.

СДС да објасни зошто е против заштитени национални интереси и интеграција преку уставни измени со одложено дејство.

И двата предлога кои ги даде претседателот Христијан Мицкоски значат зачувување на идентитетот и брза интеграција во ЕУ….

[Извор:Сител тв/веб – Соопштение; датум: 13.06.2023]

Контраспин: Во комуникацискиот став на ВМРО-ДПМНЕ спинот е во остварливоста на двата предлога на Мицкоски. Да потсетиме, првиот е прифаќање на ЕУ на одложено дејство на уставните амандмани и вториот е повеќеслоен, меѓу што и имплементација од страна на Бугарија на најмалку три пресуди од Стразбур во врска со Македонците во Бугарија. Партијата спинува во јавноста дека тоа е готова работа и дека граѓаните не треба да стравуваат од забавување на интеграциските процеси. Но, тоа не баш така, или како што кажа и претседателот Стево Пендаровски на прес конференцијата со претседателката на Словенија, „тоа е апсолутно надвор од реалноста.“

Треба да имаме нови заклучоци на Советот на Европа, а знaете колку е тешко тоа, за да биде можно да ги усвоиме уставните измени со одложено дејство. Тоа е нереално. Се надевам дека тоа не се користи како изговор за да не се влезе во уставните промени, вели Пендаровски.

Тоа е многу точно, а потврда може да биде и вчерашната реакција на ЕУ амбасадата во Скопје, која повтори дека заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, се јасни и дека отпочнувањето на суштинските преговори е можно само по уставните измени:

Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на преговорите за пристап, Советот, исто така, одлучи, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се претстави Преговарачката рамка и состојбата на подготвителните работи од страна на Европската комисија и е подготвена да ја одржи без дополнителни одложувања, ниту дополнителна политичка одлука, веднаш штом Северна Македонија ќе ја спроведе заложбата да ги заврши горенаведените уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури. (Извор: Телма)

Впрочем, дека заклучоците на Советот на ЕУ се клучен политички документ кој оди во пакет со Преговарачката рамка и дека ако не апсолутно, тогаш е многу тешко да се променат, е свесна и ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вчера го испрати соопштението во кое го охрабрува:

 Европскиот совет сериозно да ја разгледа позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и заедно да овозможиме иднина на македонските граѓани со сочувано достоинство и идентитет. (Извор:  Независен.мк).

Со овој став на партијата искажан попладнето на 12.06.2023, де факто самите го признаваат спинот во соопштението/ставот што го разгледуваме.

Трет елемент кој ги потврдува ставовите дека тешко се менуваат заклучоците на Советот на ЕУ, заедно со Преговарачаката рамка, се ставовите за ова прашање што ги изнесе во јавноста во февруари 2023 еден од најголемите експерти во земјата за евроинтеграции, државниот советник Драган Тилев:

По правило заклучоците на ЕУ, кога се усвоени како заклучоци на Советот на ЕУ со едногласност, се со огромна политичка тежина и сите институции на ЕУ стриктно се придржуваат до нив и реферираат на нив. Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година се усвоени под претседавањето на Чешка, а врз основа на преговорите и усогласувањето на релевантните документи за време на француското претседавање со Советот. Политички факт е дека Заклучоците и Преговарачката рамка нема да се донесеа доколку Бугарија не дадеше своја согласност со што се обезбеди едногласност, но дури откако се потпиша Протоколот од страна на Заедничката меѓувладина комисија (МК-БГ) на 17 јули 2022 година…Во нив посебно се нагласува дека клучно за нашиот напредок во процесот кон членство во ЕУ е постигнување на видливи резултати во имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително Договорот со Грција од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. (Извор: Економија и бизнис).

Освен ова, Протоколите со Бугарија се внесени во Преговарачката рамка и тоа посебно е потенцирано во вториот, потпишан ден пред усвојување на Заклучоците и на Преговарачката рамка. (види Втор Протокол, стр.20).

Според тоа, аргументите укажуваат дека ниту е реално да се очекува промена на Заклучоците на Советот на ЕУ, иако не е невозможна, ниту, пак, е реално да се очекува дека Преговарачката рамка може да се смени на тој начин што би биле отстранети сегашните барања за имплементација на договорите меѓу Скопје и Атина и Скопје и Софија.

Оттука, комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ дека предлозите на Мицкоски овозможуваат ем брза интеграција, ем заштита на идентитетот се спин.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција